Париска комуна

(Пренасочено од Париската комуна)
Барикади низ Париз, 18 март 1871 г.

Париска комуна (француски: La Commune de Paris) — социјалистичка револуционерна власт воспоставена во Париз од 18 март до 28 мај 1871 година.

Прогласување на КомунатаУреди

По поразот на Франција во Француско-пруската војна од 1870-1871, француската влада на 18 март пристапи кон разоружување на париската Национална гарда, која беше значително проширена во функција на одбраната на Париз од Прусите, вклучувајќи ги и сиромашните слоеви. Граѓаните одбија да го предадат оружјето и топовите и ги протеруваат претставниците на владата. Владата пребегна во Версај, а во Париз е прогласена Париската комуна. Централниот комитет на Националната гарда веднаш закажа избори за Комуната, кои се одржуваат на 26 март.

Помеѓу 92 избрани претставници на Комуната (или, поточно, на Советот на комуната) имаше републиканци, јакобинци и социјалисти од различни бои. За претседател на Советот во отсуство беше избран Огист Бланки, кој беше уапсен на 17 март од страна на Версајската влада.

Активности на КомунатаУреди

Париската комуна во текот на своето краткотрајно постоење усвои и спроведе повеќе социјални мерки, како укинување на ноќната работа во париските пекарници, одложување на плаќањето на долговите и укинување на каматите на долговите, воведување на правото на работниците да управуваат со претпријатијата на сопствениците што пребегнале од градот итн. Црквата беше одделена од државата, а и образованието беше ослободено од патронажата на црквата. Покрај тоа, Комуната ја замени француската тробојка со црвеното знаме и го усвои републиканскиот календар од Француската револуција од 1789.

Задушување на КомунатаУреди

Припремањето на Версајците за општ јуриш кон Париз било пропратено со јакнење на диверзантските и шпионските дејствувања. На пример, 17-ти мај изведена е експлозија на фабриката за производство на куршуми на улицата Рап. Ова очигледно се случило непосредно по издајство. Заточениот шпион признал дека го предал планот за париските утврдувања на Версај.

На 20-ти мај, батеријата на Версајците отворила жесток оган. Комуната располагала со сјајни борбени материјали – револуционерно расположени париски работници и занаетчии, меѓутоа нејзината воена организација била слаба. Раководството не било доволно центрилизирано, а истовремено се наоѓало во рацете на воената комисија и Централниот комитет на Националната гарда. Револуционерната дисциплина била слаба. Додека едните непрекинето се бореле во првите редови, другите, забушанти и кукавици, неказнето останувале во позадина. Германците ги пропуштиле версајските контрареволуционери низ својата линија така што овие се појавиле таму каде што бранителите на Париската комуна не ни ги очекуваа.

Во неделата, 21 мај, версајските трупи продреле во Париз. Истиот тој ден им појде од рака, благодарејќи на упатствата на еден од нивните шпиони: да ја завземат јужната капија на Париз – капијата Сен Клу – и брзо да се пробијат длабоко во западниот капиталистички регион. Со ова отпочна една од најкрвавите улични битки за кои знае само историјата.

Домбровски, познат полски револуционер, кој командувал со првата армија на десниот брег на Сена, одлично раководел со еден од најважните делови на фронтот до 20-ти мај, кога впрочем бил и ранет. Херојски напори околу организирање на воените сили на комунарите вложувал Варлен, кој ја презел врховната команда, бидејќи Делеклиз на 25-ти мај бил смртно ранет.

Колку што Версајците се приближувале кон центарот на градот, а потоа и источните работнички квартови, отпорот на комунарите постанувал се' поупорен. Огромни бригади им го попречувале продирањето. Париските работници и занаетчии – мажи, жени, па дури и деца – со оружје в рака ја бранеле својата власт и слобода.

„На последниот бој, кој траеше скоро четириесет и осум часа, париското жителство ја покажа сета своја енергија за која е способно. Децата подигнуваат барикади кои ги бранат нивните татковци, а жените, па дури и мајките, со пушки в раце, зборови и пример ги бодрат мажите“ – може да се прочита во последниот број на „Службен весник“, орган на Париската комуна.

По исказот на комунарката Лујз Мишел, во борбите на барикадите учествувале околу десет илјади работнички.

На 24-ти мај Версајци извоиле успех во заземањето на општинскиот дом. Бидејќи имале на располагање многу понадмоќна сила, тие постепено почнувале да ги опколуваат работничките квартови и најпосле во неделата на 28 мај, се утврдуваат тешко вооружените последни бранители на Париската комуна во регионот на улица Ромпоно.

Уште пред завршетокот на постоењето на Париската комуна, отпочнале ужасите на владиниот терор, пред кои бледнеат дури и масовните убивања за време јунските денови на 1848 година.

Заробените комунари биле стрелани во групи од стотини души, при што војниците и офицерите на версајската војска не само што ги убивале заточениците, туку и се потсмевале со нивните мртви тела. На мажите и жените, работниците и работничките, па дури и на децата, на сите ним класниот непријател им доделил една иста крвава судбина. „Треба да приредиме лов на комунари“, – пишувало во еден од версајските весници. „Ние мораме да ги опколиме како диви ѕверови оние кои се скриле“, – пишувало во друг весник. „Ниту еден од злочинците, во чии раце се наоѓаше Париз два месеца, нема да се смета како политички виновник: со нив ќе се постапи како со разбојници, што и се.“ – повикувал на казнување на комунарите третиот контрареволуционерен весник.

На суров начин се пресметувал со комунарите и версајскиот џелат Галифе. Ги стрелал сите оние чии раце биле извалкани со барут, сите оние што му заликувале на работници.

 
„Улица во Париз во мај 1871 година“ од неоимпресионистичкиот сликар Максимилијан Лис

Во последните часови на борба, воениот раководител на Комуната, Варлен го препознал некој фратар кој веднаш го поткажал на офицерот. „Цел час го водеа Варлен по стрмните монмартриски улици, со раце врзени на плеќи, го опсипуваа со навреди и подбивања. Неговата кадрава глава со замислено чело, полно братски мисли, беше сета испосечена од сабји и беше претворена во крваво парче месо... Успевајќи некако да дооди до улицата Розје, понатаму тој не можеше да продолжи така што мораа да го носат. Го поставија да седи за да може да го стрелат‘‘. Така е запишано по раскажувањата на очевидците.

Капиталистичките сопруги доаѓале во темниците за да се подбиваат со затворениците.

По задушувањето на Комуната 12.500 лица се изведени пред суд од кои околу 10.000 се прогласени за виновни.

Судовите, кои заседавале во Луксембуршките палати и во Шатле, ги осудувале на смрт со стрелање после сослушување од една минута. Судот во Шатле изрекол повеќе од три илјади смртни пресуди, а пресудите биле извршувани во двориштето на касарната Лобо.

Во темницата Ла Рокет за еден ден биле погубени 1900 луѓе. Овде впрочем ништо немало што ќе заличи на суд. Офицерот кој стоел на влезот само ќе ги загледал од глава до пети оние кои му ги доведувале и командувал: „На десно!“, „На лево!“. Командата „на десно“ значела стрелање.

На гробот на Пер-Лашез, последното место на кое комунарите пружеле отпор, заради брзо убивање, бил употребен митралез.

Точниот број на погинети и стрелани во текот на крвавата мајска недела не е утврден. Се смета дека ги имало најмалку триесет илјади луѓе. Триесет и осум илјади биле уапсени од страна на Версајците и затворени в темница, а потем прогонети во далечни колонии со нездрава клима (островот Нова Каледонија и други). 4000 се депортирани на Нова Каледонија на доживотни казни. Меѓу уапсените имало повеќе од илјада жени и шестотини петнаесетгодишни деца. Положбата на прогонетите била ужасна: оковени во двострани ланци на раце и нозе, биени со мечови.

Капиталистичкото „правосудство“ ја славело својата победа.

Значење на КомунатаУреди

Како прво освојување на власта од страна на работниците, Париската комуна е една од најпочитуваните историски настани од страна на анархистите и марксистите.

Надворешни врскиУреди