Патот кон кметството

Патот кон кметството (англиски: The Road to Serfdom) - книга на австриско-британскиот политички философ и економист Фридрих фон Хајек од 1944 година.

Настанувањето на книгата

уреди

Во едно интервју од 1978 година, Хајек го објаснил настанувањето на насловот на книгата, истакнувајќи дека идејата ја добил од Токвил кој зборувал за патот кон сервилноста. Притоа, Хајек сакал да го искористи зборот „сервилност“ (servitude), но тој не му звучел добро и затоа го заменил со зборот „кметство“ (serfdom) од чисто фонетски причини.[1] Почетоците на книгата датираат од еден допис до сер Вилијам Бевериџ, директорот на Лондонската школа за економија (London School of Economics), напишан од Хајек веројатно во 1933 година. Подоцна, во април 1938 година, дописот бил објавен како статија во едно списание, со насловот „Слободата и економскиот систем“ (Freedom and the Economic System), која следната година прераснала во памфлет. Идеите изнесени во дописот, статијата и памфлетот подоцна биле целосно разработени во „Патот кон кметството“.[2] Во едно писмо од 27 април 1939 година, упатено до Фриц Махлуп, Хајек го известил за неговиот нов проект „Злоупотреба на разумот“ (Abuse of Reason) на кого бил ангажиран во текот на 1939-1940 година. Проектот требало да резултира во голема историска книга чиј прв дел би се викал Hubris а вториот дел - Nemesis, но од него произлегле само неколку статии. Сепак, кон крајот на 1940 година, врз основа на вториот дел од планираната книга, тој почнал да го пишува своето најпознато дело, „Патот кон кметството“.[3] Всушност, книгата започнал да ја пишува во септември 1940 година,[4] а првото издание на „Патот кон ропството“ се појавило во Англија (издание на Routledge) на 10 март 1944 година. Првиот тираж од 2 000 копии бил распродаден за еден месец, така што веднаш бил отпечатен втор тираж од 2 500 примероци кој исто така брзо бил распродаден, меѓутоа издавачот постојано се соочувал со недостиг од хартија кој оневозможил поголем тираж на книгата. Книгата почнала да се цитира во англискиот парламент и во весниците, за неа пишувале и неколку американски весници, а во јули 1944 таа била објавена и во Австралија.[1][5]

Амерканското издание на книгата

уреди

Уште пред објавувањето на „Патот кон кметството“ во Британија, во едно писмо од 8 август 1942 година, Хајек го овластил својот пријател Фриц Махлуп, кој во тоа време работел во Вашингтон, да побара издавач на книгата во САД, кон крајот на летото му го испратил ракописот на книгата, без последните три глави, кои му ги испратил пролетта 1943 година. Махлуп најпрвин се обратил до издавачката куќа „Макмилан“ (Macmillan), која одбила да ја објави книгата, сметајќи дека не само што нема добро да се продава, туку и дека „професорот Хајек е малку надвор од главниот тек на денешната мисла“. На барање на Хајек, Махлуп му го испратил ракописот на Волтер Липман, со молба да посредува кај издавачката куќа „Литл, Браун“ (Little, Brown), но и таа го одбила ракописот со образложение дека „излагањето е претешко за општата читателска публика“. Потоа, ракописот бил одбиен и од издавачката куќа „Харпер ен брадерс“ (Harper and Brothers) која сметала дека книгата е пренатрупана и преголема. Летото 1943 година, ракописот го прочитал Арон Директор кој му го испратил ракописот на неговиот колега Френк Најт, а тој пак го доставил до Издавачкиот оддел на Универзитетот на Чикаго (University of Chicago Press), заедно со предлогот на Директор за печатење на книгата. Кон крајот на ноември, Директор го доставил текстот што требало да биде објавен во Британија, барајќи издавачот да донесе брз одлука во врска со печатењето.[6] Во декември 1943 година, Џон Скун, уредникот на (The University of Chicago Press), го доставил ракописот до двајца угледни, независни рецензенти - познатите економисти Френк Најт и Џон Маршак. Како приврзаник кон идеите на Хајек, првиот рецензент (Најт) предложил издавачката куќа да обезбеди втор рецензент, и тоа некој со спротивни погледи (Маршак) при што двајцата рецензенти дале одобрение за издавање на книгата.[7]

Во својата рецензија од 10 декември 1943 година, Френк Најт изразил сомневање во однос на потребата од објавување на книгата во САД, забележувајќи дека е напишана од „англиска гледна точка“, без осврт врз американските состојби, што ја ограничува можната публика на тесен круг академски читатели. Според Најт, дискусијата во книгата е на високоинтелектуално и научно ниво и бара големо познавање на историјата и состојбите во Средна Европа, така што тешко е да се поверува во популарноста на книгата. Исто така, тој изразил забелешки во поглед на теоретските и историските аргументи во книгата, оценувајќи го пристапот како негативен, зашто не ги анализира алтернативите и несоодветно ја согледува потребата од државна акција во економскиот живот во иднина. Оттука, Најт ја оценил книгата како „вредно дело, но ограничена во опфатот и делумно еднострана во третманот“, изразувајќи сомнение дека таа ќе најде голем пазар во САД или дека ќе ги промени ставовите на многу читатели.[8] Другиот рецензент, Џејкоб Маршак, во својата рецензија од 20 декември 1943 година, исто така, забележал дека книгата е „единствено критичка а не конструктивна“, дека „нејзината техника е црно-бела“, но дека е „напишана со страста и огнената јаснотија на голем доктринер“. Според него, најдобрите глави во книгата се негативни или формални: на пример, главата за владеењето на правото ја оценил како одлична и инспиративна, но дека во неа авторот дава само замаглени наговестувања за некои важни прашања. Според Маршак, неекономските поглавја во книгата се повпечатливи од економските. Сепак, на крајот, Маршак го оценил стилот на Хајек како „читлив и повремено инспиративен“, велејќи дека „оваа книга не може да биде заобиколена“.[9]

По добиените две рецензии, на 28 декември 1943 година, книгата била одобрена од издавачкиот комитет, составен од професори од повеќе одделенија на универзитетот, а во јануари, понудата ја прифтил Махлуп, во името на Хајек. Потоа, во соработка со Хајек, биле извршени ситни поправки на текстот. Притоа, издавачот барал да насловот на книгата да биде променет во „Социјализмот: Пат кон кметството“ (Socialism: The Road to Serfdom) и да бидат избришани афоризмите на почетокот од секоја глава, но двата предлога биле одбиени од Хајек, иако еден од двата афоризми на насловната страница бил избришан.[10]

Со цел да го привлече вниманието на публиката, издавачот размислувал за промена на насловот, но најпосле одлучил да го задржи оригиналниот наслов. Истовремено, издавачот одлучил првиот тираж на книгата да изнесува 2 000 копии и го замолиле познатиот економист Џон Чемберлен да го напише предговорот. Во април бил потпишан договорот за авторските права, но издавачот не можел да обезбеди книжарници кои би биле заинтересирани да ја продаваат книгата.[1] Во предговорот, Џон Чемберлен ја оценил книгата како предупредување, повик во времето на колебање, носејќи ја следнава порака за читателите: Застанете, гледајте и слушајте.“ Според него, книгата е „трезна, логична, остра“, а Хајек е поанглиски од современите Англичани и поамерикански од современите Американци, посакувајќи книгата да најде широка публика во САД.[11] Всушност, директорот на Chicago University Press, Џозеф Брант, посакувал предговорот да го напише познатиот новинар на „Њујорк хералд трибјун“, Волтер Липман, запишувајќи на еден документ дека на тој начин книгата би се продала во две-три илјади копии, а инаку очекувал нејзиниот тираж да изнесува 900 копии. Меѓутоа, поради презафатеност, Липман ја одбил понудата, а истото го направил и претседателскиот кандидат на Републиканската партија, Вендел Вилки. Така, за предговорот бил ангажиран Џон Чемберлен, уредникот на одделот на „Њујорк тајмс“ за рецензии на книги.[12]

Во јуни, Хајек ги поправил техничките грешки и книгата излегла од печат на 18 септември 1944 година, а два дена подоцна се појавил првиот приказ на книгата, објавен во „Њујорк тајмс“, потпишан од Орвил Прескот, кој ја нарекол „оваа тажна и лута мала книга“. Кога се појавил приказот во Times Book Review, издавачот допечатил уште 5 000 копии од книгата, а за неколку дена пристигнале порачки за преведувачките права на германски, шпански, холандски и неколку други јазици. Имајќи го предвид големиот интерес за книгата, на 27 септември биле допечатени уште 5 000 копии, а следниот ден уште 10 000 копии. Истовремено, од повеќе списанија пристигнале барања за издавачки права кои ги добило списанието Reader's Digest. На почетокот од октомври, многу книжарници ги потрошиле залихите така што се допечатувале дополнителни копии за американскиот и за канадскиот пазар. Истовремено, скратената верзија (дело на Макс Истман), објавена во Rider's Digest во април 1945 година, достигнала тираж од дури 600 000 копии (а според некои, дури и повеќе од милион копии).[13][14]

За да се поттикне продажбата, во април 1945 година, Хајек бил повикан како гостин на неколку универзитети и за таа цел било предвидено големо седмо печатење, но поради недостигот од хартија, тоа било ограничено на 10 000 примероци, и тоа како џебно издание.[15] На тој начин, до мај 1945 година, книгата се продала на американскиот пазар во тираж од 50 000 копии.[13] До 1994 година, Chicago University Press успеал да ја продаде книгата во над 250 000 примероци, од кои 81 000 со тврди корици и 175 000 со меки корици (првото американско издание со меки корици се појавило во 1956 година), а до 2005 година биле продадени над 350 000 копии. Според тврдењето на синот на авторот, Лоренс Хајек, книгата била објавена во речиси 20 земји, а неавторизираните изданија се продавале во СССР, Чехословачка и Полска.[15][16]

Книгата „Патот кон кметството“ доживеала неколку изданија во САД: покрај првото издание од 1944 година; таа била објавена и во 1956 година (со предговор на Хајек); како и во 1976 (со нов вовед на Хајек); во 1989 година се појавило ново издание, како втор том во рамките на собраните дела на Хајек; во 1994 година се појавило јубилејното издание, со предговор од Милтон Фридман; а најновото (дефинитивно) издание се појавило во 2007 година.[17]

Содржина

уреди

Книгата се состои од следниве делови:[18]

  • Вовед
  • Напуштениот пат
  • Големата утопија
  • Индивидуализмот и колективизмот
  • „Неизбежноста“ на планирањето
  • Планирањето и демократијата
  • Планирањето и владеењето на законот
  • Економската контрола и тоталитаризмот
  • Кој, кому?
  • Безбедноста и слободата
  • Зошто најлошите се искачуваат на врвот
  • Крајот на вистината
  • Социјалистичките корени на нацизмот
  • Тоталитаристите меѓу нас
  • Материјалните услови и идеалните цели
  • Изгледите за меѓународен поредок
  • Заклучок

Осврт кон делото

уреди

Значењето на книгата

уреди

Во 1971 година, познатиот американски економист Милтон Фридман го напишал предговорот за новото германско издание на книгата, нарекувајќи ја „величествена“, „суптилна“, „луцидна и јасна“, „философска и апстрактна, но исто така, конкретна и реалистична“, „аналитичка и рационална, но анимирана со високи идеали и со живо чувство за мисија“,[19] а сето тоа ја прави и денес исто толку актуелна колку и во времето на нејзиното прво издание.[20] Подоцна, по повод 50-годишнината од издавањето на „Патот кон кметството“, Фридман го напишал предговорот кон јубилејното издание, оценувајќи ја книгата како „вистинска класика: основно четиво за сите што се сериозно заинтересирани за политиката во најшироката и најнепартиската смисла на зборот, книга чија централна порака е вечна, применлива на мноштво конкретни состојби.“[19] Според New York Times Book Review, „Патот кон кметството“ е „една од најважните книги на нашето поколение“ која претставува „повик до сите добронамерни планери и социјалисти, до сите кои се искрени демократи и либерали во срцето да застанат, да гледаат и да слушаат.“[18]

Критика на книгата

уреди

Од друга страна, оваа кига е остро критикувана: На пример, во април 1945 година, тогашниот британски дипломат во Вашингтон, Ајзеа Берлин, во едно писмо до негов пријател напишал дека го читал „одвратниот д-р Хајек“; економистот Гардинер Минз, откако прочитал 50 страници, му напишал на Вилијам Бентон од Енциклопедија Британика дека „повеќе не може да ја свари книгата“ (couldn't stomach anymore); филозофот Рудолф Карнап му се пожалил на Карл Попер дека е изненаден од неговата поддршка на Хајек, забекежувајќи дека книгата е многу читана во Британија, но дека неа ја фалат само поддржувачите на неограничениот капитализам, додека левичарите го сметаат авторот за реакционерен; во рецензијата на книгата од 5 ноември 1944 година, А. Р. Свизи ја нарекол „учебник за реакционерите“.[21] Исто така, во својата книга „Патот кон реакцијата“ од 1945 година, Херман Фајнер напишал дека „Патот кон кметството“ претставува офанзива против демократијата, обвинувајќи го Хајек дека се залагал за нејзино ограничување. Наспроти него, во една статија, Џорџ Соул го нарекол Хајек „миленикот на стопанската комора“, обвинувајќи го дека ги застапува интерсите на големиот бизнис.[22]

Веднаш по објавувањето на книгата, критичарите му забележувале на Хајек за премногу едноставното објаснување на подемот на нацизмот како продолжение на германската социјалистичка традиција, укажувајќи дека историјата на Германија е многу посложена. Исто така, на Хајек му забележувале дека во книгата само критикува, но не нуди никакви алтернативи за надминување на кризата на капитализмот. На пример, Алвин Хансен го критикувал Хајек дека не ја објаснил разликата меѓу „доброто и лошото планирање“. Исто така, и Кејнз, кој многу пофално се изразил за книгата, изјавувајќи дека длабоко се согласува со неа, му забележал на Хајек дека „не дава никакви насоки за тоа каде треба да се повлече линијата“. Од своја страна, Хајек сериозни ги сфатил овие критики и во своите следни дела, како што се: „Уставот на слободата“ (The Constitution of Liberty) и „Правото, законодавството и слободата“ (Law, Legislation, and Liberty) понудил конкретни решенија за унапредување на либералната демократија. Третата голема критика кон книгата се однесувала на неубедливите аргументи против социјализмот, т.е. премолчувањето на т.н. концептот на „пазарен“ или „демократски“ социјализам кој го застапувале Оскар Ланге, Еван Дарбин и други економисти. Последната критика на ставовите изнесени во „Патот кон кметството“ е позната како „тезата за неизбежност“ која му се припишува на Хајек: секој обид да се примени државното планирање неизбежно води кон тоталитаризам. Хајек во повеќе наврати негодувал против ваквите обвинувања и јасно нагласувал дека неговата книга не содржи таков став.[23]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 256.
  2. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 6.
  3. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 9-11.
  4. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 263.
  5. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 18.
  6. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 15-16.
  7. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 255.
  8. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 249-250.
  9. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 251-252.
  10. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 17-18.
  11. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 253-254.
  12. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 1.
  13. 13,0 13,1 F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 257.
  14. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 18-19.
  15. 15,0 15,1 F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 264.
  16. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 1-2.
  17. Bruce Caldwell, „Editorial Foreword“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. ix-x.
  18. 18,0 18,1 F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007.
  19. 19,0 19,1 F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 259.
  20. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 262.
  21. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 2.
  22. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 21-22.
  23. Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 23-29.