Островско Езеро
Островско Езеро (грчки: Βεγορίτιδα, Вегоритида) — езеро во Егејска Македонија, денес во Грција, дел од групата на Егејските езера. Понекогаш се среќава и под името Свети Панталејмон.
Островско Езеро Βεγορίτιδα | |
---|---|
Карта на Островското и Петерското Езеро | |
Координати | 40°45′N 21°47′E / 40.75° СГШ; 21.78° ИГД |
Сливни земји | Грција |
Најг. должина | 14,8 км |
Најг. ширина | 6,9 км |
Површина | 54,31 км2 |
Најг. длабочина | 70 м |
Надм. височина | 543 м |
Населени места | Острово, Пателе |
Езерото зафаќа дел од териториите на Леринскиот и Постолскиот округ. Во североисточниот дел на Островската Котлина меѓу планините Ниџе на север и Каракамен на југ. Надморска му висина изнесува 543 м. Тоа е едно од најдлабоките езера во Грција (70 метри). Тоа е долго 15, а широко 7 километри,[1] но неговата површина е многу намалена по изградбата на две хидроцентрали кај Суровичево и Теово, така што денес неговиот југозападен дел е наполно пресушен. Езерото се полни од Петерското Езеро, западно од него, како и од реките Биралска, Ословска и Делова (Аспропотамос) и некои други помали рекички.
Езерското подрачје има повеќе населени места кои припаѓаат на општините Воден и Суровичево. Покрај градот Острово (Арниса) и селото Чеган од неговата северна страна, по крајбрежјето се сместени селото Пателе (Агиос Пантелејмонас) од западната и селата Коларица (Мањаки), Уклемеш (Фаранги) и Кочана (Переја) од источната страна.
Фауна
уредиОстровското и Петерското Езеро сочинуваат заеднички екосистем, во кој живеат повеќе од 130 видови птици, цицачи како и видри и уникатни видови риби како Coregonus lavaretus. На овој простор е живеалиште и на ретки и загрозени видови птици.
Тука се гнездат:
- ноќна чапја (Nycticorax nycticorax)
- жолта (гривеста) чапја (Ardeola ralloides)
- мала бела (сребреникава) чапја (Egretta garzetta)
Пошироко кај езерото исто така гнездат:
- мал воден бик (Ixobrychus minutus)
- мал корморан (Phalacrocorax pygmeus)
- египетски (бел) мршојадец (Neophron percnopterus)
- орел змијар (Circaetus gallicus)
- блатна еја (Circus aeruginosus)
- ливадска еја (Circus pygargus)
- лисест (белоопашест) глувчар (Buteo rufinus)
- златен (скалест) орел (Aquila chrysaetos)
- речна рибарка (Sterna hirundo)
Можат да се забележат и:
- белоопашест орел (Haliaeetus albicilla)
Меѓу водните птици можат да се видат:
- цуцулест нуркач (Podiceps cristatus)
- патка превез (Netta rufina)
- лиска (Fulica atra)
Надворешни врски
уреди„Островско Езеро“ на Ризницата ? |
- Слика на Островското и Петерското Езеро Архивирано на 28 септември 2007 г.
- Слика на Островското езеро и Острово Архивирано на 28 септември 2007 г.
- Слика на Островското езеро и село Чеган Архивирано на 28 септември 2007 г.
- Слики на Островското Езеро Архивирано на 14 март 2007 г.
- Авионски слики на Островското Езеро Архивирано на 27 септември 2007 г.
Наводи
уреди- ↑ Александар Матески, „Островско и Петерско Езеро“, Економија и бизнис, година 27, број 319, 15 септември 2024, стр. 52.