Ливадска еја
Ливадска еја | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Соколовидни (или Јастребовидни) |
Семејство: | Јастреби |
Род: | Еи |
Вид: | Ливадска еја |
Научен назив | |
Circus pygargus (Linnaeus, 1758) | |
Зелено: размножување Сино: зимување |
Ливадска еја (науч. Circus pygargus) — граблива птица преселничка од семејството на јастребите. Ја има во Македонија.
Опис
уредиРазликата меѓу половите кај ливадската еја е особено изразена во перјето. Возрасните мажјаци се одликуваат со нивната севкупна бледо сива боја на пердувите спротивставени со црните краеви на крилјата. За разлика од другите еи овој вид има карактеристични црни ленти по должината на секундарните пердуви, и над и под крилјата, и ’рѓосани ленти на стомакот и слабините. Возрасните женки, пак, имаат во голема мера слични пердуви на степската и полската еја. Одоздола се претежно светли, жолто-кафеави, стомакот со надолжни ленти а крилјата со точки. Горните делови се целосно темнокафеави, освен белиот корен на опашката („задницата“), и малку посветите централни делови на крилјата. Младенчињата се слични со женките, само немаат линии и точки на стомакот и крилјата, туку се црвеникавокафеави одоздола.
Ливадската еја е релативно мала грабливка, иако изгледа поголема заради големите крилја, долга е 43-47 см (само опашката е 16-18), со распон на крилјата 97-115 см. Мажјаците тежат во просек 265 г, а женките 345 г. Тие имаат особено грациозен лет, со моќно и елегантно замавнување на крилјата што оддава впечаток на лебдење со леснотија.
Распространетост и живеалиште
уредиОвој вид е распространет во поголемиот дел наз ападниот палеарктик. Во повеќето европски земји постои барем мала популација, освен во Норвешка каде што не е присутна. Опсегот се протега кон Далечниот Исток, Урал, на запад до Португалија и на југ до северниот дел на Африка, до Мароко. И покрај тоа што има широка распространетост, оваа птица не е честа во многу области, а најголема популација има во Франција, Шпанија, Русија, Белорусија и Полска. Местата за размножување може да се променат и прошират надвор од познатиот опсег, но сепак јасни се знаците на намалена популација и пад.
Овој вид живее во претежно умерена клима, но исто така и на Средоземјето или во посеверните краишта. Иако има примери на вгнездување до 1500 метри надморска височина, оваа еја во суштина е низински вид, и гнезди најмногу во ливади, широки речни долини, рамнини, и на крајбрежјата на езера и мориња. Може да живее и во влажни, мочурливи места, иако тие често се помали и посуви отколку оние што ги користи полската еја. Исто така, користи вресишта, дини, пустари и степски живеалишта. Ако ни едно од овие живеалишта не ѝ се достапни, оваа еја ќе се насели на земјоделски фарми, каде што е ранлива заради бербите. Меѓу нив, ги избира особено пасиштата и нивите со житни култури како што се: пченицата, јачменот, овесот и репката. Во Западна Европа, и до 70 проценти од популацијата живее во вештачки живеалишта.
Преселба
уредиЛивадската еја е преселничка на долги релации. Птиците од Евроазија се селат во потсахарна Африка, а оние од источните делови на опсегот се селат на Индискиот Потконтинент. Во Европа, првото заминување започнува на почетокот од август, а повеќето се заминати во средината на октомври. Патуваат опфаќајќи широк опсег преминувајќи го Средоземјето од различни страни. Во Африка се хранат претежно со инсекти и птици, а најмногу со скакулци.[2]
Пролетното враќање започнува во април, а речиси сите се вратени во мај. Има докази дека едногодишните младенчиња остануваат првата сезона во зимските живеалишта.
Лов и исхрана
уредиИсхраната на ливадската еја се состои главно од мали глодачи, мали птици, змии, како и големи инсекти. Храната зависи од местото на живеење; на север обично јаде верверици и зајаци, а на југ глодачи и инсекти.[3]
Пленот го лови летајќи ниско по определена маршрута со мала брзина (30 км/ч), што е типично за еите. За време на сезоната на парење, мажјакот ѝ носи храна на женката, а потоа и на младенчињата. Тоа се случува 5-6 пати дневно, а за време на инкубацијата 7-10 пати. Типично за еите е мажјакот да и ја дофрли храната на женката додека летаат, тој горе, таа подолу. Мажјакот опфаќа поголема област за лов, над 12 км, а женката лови во близина на гнездото, околу 1 км далечина и тоа само откако ќе се испилат јајцата.
Поведение и размножување
уредиЛивадската еја може да живее осамено, но и во колонии, и во и вон сезона на парење. Парот кој се размножува може да се вклучи во мала колонија од триесетина гнезда, понекогаш во близина од 10 м. Ова полуколонијално гнездење не е заради недостаток на место, туку повеќе заради подобра одбрана од грабливците.[4] Местото за гнездење го бранат обата родитела во опсег од 300-400 м, а кога се во колонија, одбраната може да биде заедничка. Размножувањето започнува кога птиците ќе се вратат од преселба, кога и двајцата започнуваат со додворување. Покажувањето содржи разни варијанти на летање, небесни игри, акробатски фигури, зависно од поединецот. Двата пола се покажуваат, испуштаат силни звуци, но мажјаците тоа го прават почесто и поспектакуларно.
Размножувањето на ливадската еја започнува на возраст од 2-3 години, но понекогаш едногодишни женки може да почнат да гнездат. Обично тоа е со истиот партнер секоја година. Гнездото го гради женката во високата вегетација. Тоа е проста конструкција направена од трева која се користи само една сезона. Женката несе 3-5 јајца, кои ги квачи 27-40 дена. Младенчињата го напуштаат гнездото по 28-42 дена, а стануваат независни по две недели. Мажјакот може да биде полигамен и да има две женки со две легла, кои ги храни или истовремено или последователно.
Стаус
уредиБројот на парови во западниот палеарктик е околу 35.000–50.000, а глобалната популација се проценува на околу 150.000 до 200.000 поединци. Бројот на еите е намален со модерното земјоделство и употребата на пестициди кои ги трујат и нив и нивниот плен. Покрај општиот негативен тренд има случаи каде популацијата им се зголемува, како на пример во Шведска и Германија.[5] Овие случаи покажуваат дека ако им се овозможат животна средина која им одговара и доволно храна, тие лесно можат да се прилагодат и размножуваат. Во западна Европа 70% од еите се размножуваат во земјоделски фарми, особено насадени со житарки. Тоа ги прави ранливи и зависни од заштитата на гнездата. Разни организации партиципираат во заштитата на гнездата, во соработка со сопствениците на земјата. Гнездата или се дислоцираат или се создаваат заштитени простори околу нив каде нема да бидат вознемирувани.[6] Во Франција и на Пиринејскиот Полуостров, просечно 60% од гнездата се заштитени на овој начин.[7] Статусот на ливадската еја, по овие мерки за заштита е во категоријата на најмала загриженост.
Наводи
уреди- ↑ BirdLife International (2012). „Circus pygargus“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ „Montagu's harrier migration at grauwekiekendief.nl“. Архивирано од изворникот на 2007-09-29. Посетено на 2013-06-20.
- ↑ Salamolard M., Butet A., Leroux A., Bretagnolle V. (2000) Responses of an avian predator to variations in prey density at a temperate latitude. Ecology (Ecology) ISSN 0012-9658 Abstract: [1]
- ↑ Arroyo, Beatriz; Mougeot, Francois; Brtagnolle, Vincent(2001) Colonial breeding and nest defence in Montagu's harrier (Circus pygargus) Behavioural ecology and sociobiology (Behav. ecol. sociobiol.) ISSN 0340-5443
- ↑ „Belting, C. & R. M. Krüger: Population development and strategies for the protection of Montagu´s Harrier in Bavaria (Populationsentwicklung und Schutzstrategien für die Wiesenweihe Circus pygargus in Bayern)“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2013-06-20.
- ↑ „Nest protection put into practice at grauwekiekendief.nl“. Архивирано од изворникот на 2007-09-29. Посетено на 2013-06-20.
- ↑ „Beatriz Arroyo, Jesús T. García and Vincent Bretagnolle (2002) Conservation of the Montagu's harrier (Circus pygargus) in agricultural areas. Animal Conservation Vol. 5 Issue 4 Page 283 November 2002“. Архивирано од изворникот на 2019-09-18. Посетено на 2013-06-20.
Белешки
уреди- Cramp, S. and Simmons, K.E.L. (eds) (1980) The Birds of the Western Palearctic, Vol. II, Oxford University Press. ISBN 0-19-857505-X
- Gensbøl, Benny (1989). Collins guide to the Birds of Prey of Britain and Europe North Africa and the Middle East, William Collins Sons and Co Ltd. ISBN 0-00-219176-8
Литература
уредиForsman, Dick (1995) Field identification of female and juvenile Montagu's and Pallid Harriers Dutch Birding 17(2):41-54
Надворешни врски
уреди„Ливадска еја“ на Ризницата ? |
- Montagu's Harrier - Species text in The Atlas of Southern African Birds
- www.grauwekiekendief.nl: Website of the Dutch Montagu's Harrier foundation Архивирано на 29 септември 2007 г.
- http://www.ua.es/proyecto/cenizo/ Website of Montagu's Harrier satellite tracking in Spain(in Spanish) (See http://www.seaturtle.org/tracking/?project_id=139&dyn=1158053167 Direct access to maps page in English)
- http://www.i-esfera.com/aguiluchos/index.htm Архивирано на 29 септември 2007 г. Photo gallery of Montagu's harriers showing the display flight and aerial food-pass
- ARKive Архивирано на 24 мај 2008 г. Still images,video
- Ageing and sexing (PDF; 5.9 MB) by Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze Архивирано на 9 октомври 2013 г.