Нефункционален кредит
Нефункционален кредит (англиски јазик: nonperforming loan, impaired loan) претставува кредит со нередовна или нецелосна наплата на главнината и на каматата, односно кредит чија наплата се извршува со задцнување од 90 денови или повеќе.
Дефинирање на нефункционалните кредити
уредиНефункционалните кредити вообичаено се дефинираат како кредити кои не носат принос и кои исполнуваат некој од следниве услови:
- не е антиципирано целосно плаќање на главнината и каматата,
- наплатата доцни 90 или повеќе денови, или
- датумот на достигање е изминат и плаќањето не е извршено во целост.
Постојат повеќе меѓународни статистички документи во кои се разработени нефункционалните кредити, како што се: Системот на национално сметководство 1993 (The System of National Accounts, 1993 SNA), Европскиот систем на сметководство 1995 (The European System of Accounts, 1995 ESA), Прирачникот за платниот биланс (The Balance of Payment Manual, fifth edition, BPM5), Прирачникот за монетарна и финансиска статистика (The Monetary and Financial Statistics Manual, MFSM) и Прирачникот за владина финансиска статистика (The Government Financial Statistics Manual, GFSM), кои во голема мера се во согласност со 1993 SNA.
Според 1993 SNA, како нефункционални пласмани се идентификуваат кредитите за кои најверојатно договорните плаќања нема да се извршат или е извршена исправка на вредноста и се идентификувани потенцијалните загуби на овие кредити.
Според Упатството за класификација на нефункционалните кредити и резервациите за супстандардни, лоши и сомнителни кредити, кредитите се класифицирани како нефункционални кога главнината или каматата е достасана или неплатена шест месеци или повеќе, сметајќи од првиот ден на неплаќање. Доколку отплатата е на интервали од три или повеќе месеци, кредитот се класифицира како нефункционален, кога ратата е достасана и не е платена три или повеќе месеци од првиот ден на неплаќање. Ако кредитот е обезбеден во целост (главината, каматата и трошоците за наплата) со готовински средства, тогаш тој ќе биде класифициран како нефункционален доколку е достасан и не е платен во рок од 12 или повеќе месеци, сметано од првиот ден на неплаќање.[1]
Според терминологијата на меѓународните банкарски и сметководствени стандарди наместо изразот "нефункционални кредити (nonperforming loans)" се употребува изразот "оштетени кредити (impaired loans)" т.е. кредити на кои е извршена исправка на вредноста. Базелскиот комитет за банкарска супервизија, исто така, го употребува терминот исправка на вредност (impairment) кога постои веројатност дека целиот достасан износ на кредит нема да биде наплатен.[2] Износот од исправката на вредноста треба да биде евидентиран преку намалување на сметководствената вредност на кредитот. На тој начин, каматата нема да се пресмета на таквиот кредит и ќе биде прикажана на готовинска основа. Откако кредитот ќе се класифицира како нефункционален, треба да остане така класифициран сè додека не се отпише или не се наплати каматата и/или главнината на кредитот. Притоа, нефункционалните кредити не може да се прекласификуваат како „редовни” едноставно преку замена со нов кредит.
Класификација на пласманите на банките
уредиСпоред Банката за меѓународни порамнувања, стандардната класификација на кредитите е дефинирана на следниов начин:[3]
- Достасани (Passed) - солвентни кредити;
- Посебни (Special Mention) – кредити на претпријатијата кои потенцијално може да предизвикаат тешкотии при наплатата поради континуитетот на загубите со кои се соочуваат;
- Супстандардни (Substandard) – кредити чија камата и главнина доцнат подолго од три месеци во однос на условите за кредитирање. Банката мора да издвои резервации од 10% за необезбедениот дел на кредитот класифициран како супстандарден;
- Сомнителни (Doubtful) - не постои можност за целосна отплата на достасаниот долг и постои ризик од настанување загуба, која не може точно да се утврди. Банката одвојува резервации од 50% за овие кредити;
- Потенцијална загуба и загуба – неповратна (Virtual Loss and Loss (Unrecoverable)) – достасаните кредити се сметаат за ненаплатливи и се однесуваат за фирми на кредити за кои се бараат правни решенија за наплата на достасаните кредити или над кои е отворена стечајна постапка. За овие кредити банката одвојува резервации од 100 %.
Во Македонија, кредитот кој е класифициран во категориите на ризик Г и Д, или кредитот кој по која било основа (главнина, камата, други некаматни приходи) не е наплатен подолго од 90 дена сметано од денот на достасувањето, банката е должна да го евидентира (да го прекнижи) на посебна сметководствена сметка за нефункционални кредити (во сметководствениот план за банката: сомнителни и спорни побарувања). Во моментот кога пресметаната камата добива нефункционален статус, банката е должна да изврши целосна исправка на вредноста на пресметаната камата. Побарувањето може да се исклучи од категоријата на нефункционални побарувања само ако достасаниот дел од побарувањето е наплатен и ако се исполнети условите за негова прекласификација во подобра категорија на ризик.
Причини за настанување на нефункционалните кредити
уредиГлобални причини
уредиПод глобални причини се подразбираат општите услови во земјата и во економијата, односот спрема позајмувачите од страна на кредиторите, како и економските случувања што влијаат врз настанувањето на нефункционалните пласмани. Во оваа група спаѓаат:[4]
- Намалено внимание кон должниците (Hawthorne Effect)
- Движење по кривата на ризикот (Petroski Effect)
- Зголемување на големината на кредитот (ефектот на превртена пирамида)
- Недостиг на план за справување со ризикот од страна на позајмувачот (Pollyanna Effect)
- Искористување на слабостите во кредитните операции од страна на должниците (Jurassic Park Effect)
- Заемодавците ја следат кредитната програма (Hijack Effect)
- Заeмодавците и творците на проектот имаат слаби очекувања (Something-Must-Be-Done Effect)
- Заемодавецот е незаинтересиран да ги наплати вложените средства (Patronizing Effect).)
- Недостиг на добри модели (High Default Culture Effect).
- Коруптивни заеми (Give and Take the Chance))
- Дарителите даваат кредити за да доминираат (Live and Let Die Effect).
- Слабеење на системот (Die Another Day Effect).
Фактори поврзани со банкарската индустрија
уредиПод фактори во банкарската индустрија се подразбираат сите промени во банкарската индустрија, сопственоста, како и показателите за успешноста и стабилноста во работењето на банката, кои може да доведат до зголемување на нефункционалните кредити. Во оваа група спаѓаат:[5]
- Стапка на адекватност на капиталот,
- Резервации за кредитни загуби,
- Профитабилност на банката,
- Државна сопственост,
- Странска сопственост,
- Концентрација на индустријата.
Нефункционалните кредити во Македонија
уредиНепосредно по монетарното осамостојување на Македонија, банкарскиот сектор се наоѓал во катастрофална состојба, предизвикана од товарот на лошите кредити. Така, според некои проценки, во 1993 година, лошите кредити зафаќале дури 70% од кредитното портфолио на банкарскиот сектор на Македонија Тоа било последица на поврзаноста на банките со нивните главни должници, кои учествувале во органите на управување на банките, како и на политичкото влијание врз банките.[6]
За решавање на проблемот со лошите кредити била спроведена санација на банкарскиот сектор, при што овие кредити биле исчистени од билансите на банките и пренесени во Агенцијата за санација на банка. Процесот на првата санација на банките во Македонија започнал со донесувањето на Законот за преземање на дел од обврските по одделни кредити на Стопанска банка АД Скопје и Југобанка – Јубанка АД Скопје од 27 април 1992 година. Со овој закон биле преземени обврските по основа на странските кредити земени за финансирање на повеќе индустриски, енергетски и инфраструктурни проекти, пред сè, за Фени од Кавадарци. Од Стопанска банка АД Скопје биле преземени достасани, ненаплатени побарувања во вкупен износ од 3 484 милиони денари, остаток на долг од домашни кредити од 368 милиони денари и остаток на долг од странски кредити во вкупен износ од 368,5 милиони американски долари. Од Југобанка АД Скопје биле преземени достасани, ненаплатени побарувања во износ од 1 974 милиони денари и остаток на долг по странски кредити во износ од 39,2 милиони американски долари.[7]
Подоцна, со усвојувањето на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Македонија од 16 март 1995 година започнал најголемиот проект за ревитализација на банките по монетарното осамостојување. Со законот било извршено:
- Линеарна санација на банките со отстранување од билансите на банките на побарувањата и обврските по кредитите добиени од странски кредитори (Парискиот клуб), во вкупен износ од 262 милиони американски долари, а со подоцнежни дополнувања на законот бил проширен списокот и со Циришкиот клуб, во вкупен износ од 524 милиони американски долари.[8]
- Санација на Стопанска банка АД Скопје со утврдување и отстранување на ненаплатените денарски заеми од билансот на банката. Притоа, било извршено отстранување на неплатливите денарски пласмани класифицирани во категориите Г и Д и дел од пласманите класифицирани во категоријата В за кои било утврдено дека се ненаплатливи. Овие пласмани биле заменети со државни обврзници. Исто така, биле вклучени и побарувањата на банката по основа на пласирани кредити, кои согласно т.н. Закон за загубари биле претворени во траен влог во претпријатијата. Ненаплатливите побарувања биле пренесени во Агенцијата за санација на банки, која продолжила да управува со нив.[8]
Неколку години подоцна, на 31 декември 1999 година бил усвоен Законот за гарантирање на инвестицијата на стратешки инвеститор за преземање одделни побарувања од крајни корисници од страна на РМ во Стопанска банка АД Скопје. На тој начин, државата извршила дополнителна санација на Стопанска банка, преземајќи ги побарувањата по основа на денарски и девизни кредити дадени на Македонија табак АД Скопје, Југохром - Јегуновце, Фенимак АД Скопје и Ко-Ко Годел АД Скопје, во вкупен износ од 235 милиони германски марки. Повторно, овие пласмани биле пренесени во Агенцијата за санација на банки.[8]
Лошите кредити продолжиле да го оптоваруваат банкарскиот сектор дури и по спроведената санација на банките. Учеството на лошите кредити во бруто-кредитите постепено се намалило од 44,4% во 1995 година, на 32,9% во 1998 година, но нивниот обем сè уште бил премногу голем. Освен тоа, веќе следната година, како последица на големиот надворешен шок (војната во Косово), износот на лошите кредити повторно се зголемил, достигнувајќи 41,3% од вкупните кредити. Исто така, високото учество на лошите кредити се задржало и во следните две години, како резултат на опаѓањето на стопанската активност, предизвикано од војната во Македонија.[6]
Во 2002 година настапил пресврт во квалитетот на кредитното портфолио на банките, кога само за една година процентот на лошите кредити се намалил за повеќе од половина. Оттогаш се забележува значително подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот сектор и, на крајот на 2007 година, учеството на лошите кредити било сведено на 6,4%. Тоа било последица на повеќе фактори, како што се: зацврстувањето на супервизорските стандарди, подобреното корпоративно управување на банките, преземањето на банките од странски банки, реформите во судскиот систем, заживувањето на стопанската активност, преструктурирањето на приватизираните претпријатија итн. Во текот на 2009 и 2010 година, како последица на ефектите од светската финансиска и економска криза, повторно се зголемил обемот на лошите кредити, кои достигнале 7,1% на крајот на 2010 година. Освен тоа, кредитното портфолио на македонските банки сè уште е полошо во споредба со просекот на ЕУ, каде што учеството на лошите кредити изнесува околу 3%.[9]
Мерки за справување со нефункционалните кредити
уредиЗа да ја спречат појавата на нефункционалните кредити, банките треба да обезбедат следење на перформансите на кредитите на:[10]
- Поединечно ниво и
- Групно ниво (на ниво на целото портфолио).
Согласно Консултативното писмо од Базелскиот комитет за банкарска супервизија од 1999 година, делотворниот систем на следење на кредитите на поединечна основа треба да вклучи мерки за:[11]
- Разбирање на тековната финансиска состојба на клиентите;
- Усогласеност на кредитите со постојните договори;
- Следење на употребата на кредитните линии од страна на клиентите;
- Проектираните готовински текови на главните кредити да се соодветни за сервисирање на долгот;
- Колатералот да претставува соодветно покритие на долгот;
- Идентификување и класификација на потенцијални проблематични кредити.
Во зависност од карактерот на клиентот, односно дали редовно врши отплата на кредитот или со задоцнување, следењето на поединечните кредити може да биде:[12]
- Редовно следење и
- Вонредно следење.
Редовно следење се врши на клиенти кои редовно ги намируваат ратите, со цел проверка на состојбата на клиентот и оцена на евентуални причини кои би влијаеле врз отплатата. Овој тип на следење претставува еден вид добра деловна политика на грижа за своите клиенти бидејќи се оценуваат и потребите од дополнителни финансиски средства или други услуги.
Вонредното следење се однесува на проблематичните клиенти, односно откако ќе се констатира дека должниците доцнат со плаќањето на ратите. Преку овој тип на следење треба да се обезбеди наплата на кредитот.
Во таа смисла, следењето на проблематичните кредити, кои веќе го преминале рокот за редовна отплата на ратите, може да се подели на :
- Рано следење и
- Доцна наплата (наплата на нефункционални кредити).
Рано следење
уредиРаното следење се сведува на примена на систем на рано предупредување на клиентите. При доцнење од 30 дена му се испраќа писмо на клиентот кое содржи умерена опомена и извинување, во случај додека писмото патувало по пошта тој да ја плати задоцнетата рата. Второто писмо веќе нема резерви кон клиентот, бидејќи се испраќа кога тој доцни две рати. Во него, клиентот се повикува веднаш да го отплати заостанатиот долг. Третото писмо содржи елементи на умерена закана, односно укажување на последиците на клиентот доколку не го отплати долгот. Ова писмо се доставува кога клиентот доцни три рати и банката мора својот пласман во целост да го прокнижи како достасан и да издвои резервации по истиот. Со цел да се изврши поголем притисок врз клиентот за плаќање на заостанатите достасани рати, банките вршат и повеќе телефонски повици, како и организирање состаноци на кои би се утврдиле причините за доцнење и би се донела конечна одлука дали ќе се оди кон присилна наплата на кредитот или, пак, ќе се изнајде друго решение.[8]
Продолжување на рокот на достасување на кредитот
уредиЗа да го спречи настанувањето на потенцијален нефункционален кредит, банката најпрво ја разгледува најевтината можност за надминување на проблемот. Банката може да го продолжи рокот на достасување наведен во склучениот договор со лицето единствено со анекс на договорот. Продолжувањето на рокот подлежи на верификација на одборот за управување со ризици или на кредитниот одбор.
Преструктурирање на кредитот
уредиПреструктурирањето на кредитот значи воспоставување нова кредитна изложеност од страна на банката за замена на постојната, при што се настанати значајни измени на договорните услови кои се последица на влошената финансиска состојба на лицето. Како значајни измени на договорните услови се сметаат следниве:[13]
- Продолжување на рокот на достасување;
- Намалување на каматната стапка;
- Намалување на висината на побарувањето (главнина и/или достасана камата и провизија) преку отпис;
- Капитализација на каматата;
- Консолидација на повеќе побарувања во едно побарување со менување на договорните услови итн.
За да изврши преструктурирање на кредитот, банката е должна да изврши анализа на причините. Анализата се изготвува од страна на службите во банката и таа се доставува до соодветните органи за одлучување (одборот за управување со ризици или кредитниот одбор). Ако соодветниот орган го прифати предлогот, се склучува нов договор со клиентот со променети услови на отплата на кредитот. Во рамките на постапката за преструктурирање на кредитот, банката може да изврши и делумен отпис. Овој начин на решавање на проблемите со кредитот е поевтин во однос на присилната наплата, каде што трошоците за реализација на колатералот се високи, постои повисок ризик од неможност за продажба на обезбедувањето на кредитот, како и подолг период за наплата на кредитот.
Доцна наплата
уредиАко клиентот не сака да соработува со банката за отплата на долгот или, пак, не е во состојба да го плати долгот, банката пристапува кон присилна наплата на своето побарување. Доколку кредитот не бил обезбеден, тогаш се подготвува соодветна документација за доказ на побарувањето и таа се приложува до судот. Судот во судска постапка издава платен налог кој по неговото донесување во утврдени законски рамки станува правосилен и извршен. Ваквиот налог се доставува до извршител, кој потоа, согласно законски утврдените можности, најпрво врши блокада на сметката на клиентот, а потоа преминува кон истражување на движен и недвижен имот од кој може да се наплатува побарувањето. Исто така, банката може да поднесе и пријава за отворање стечајна постапка доколку оцени дека клиентот поседува доволно имот за наплата.
Ако кредитот е обезбеден, постапката е пократка бидејќи не е потребно да се чека судска одлука. Тогаш, банката ја подготвува документацијата, која содржи потврда за задолжување со кредит, упис на хипотеката или залогот во јавните книги и ја доставува со соодветни инструкции за постапување до нотар. Нотарот става печат на правосилност и на извршност и таквиот нотарски акт се доставува до извршител. Извршителот најпрво ја блокира сметката на должникот, а потоа преминува кон реализација на хипотеката, ако должникот во рок од осум дена доброволно не го плати достасаниот износ. Во постапката на реализација на хипотеката се одржуваат продажби со јавно наддавање. Најповолниот понудувач ја купува недвижноста, а како купувач може да се јави и банката.[14] Постапката за извршување се спроведува преку продажба на хипотеката по пат на јавен оглас и прибирање понуди. Најповолната понуда се прифаќа за наплата на побарувањето. Доколку нема заинтересирани странки кои би доставиле понуда за купување на колатералот, може и самата банка да се јави како купувач и да го преземе.
Отпис на кредитот
уредиДоколку банката нема можност за наплата на долгот делумно или во целост, тој треба да се отпише. Најчесто се врши отпис откако ќе се исцрпат сите можности за наплата на побарувањата, како: донесена судска одлука за неоснованост на побарувањето, завршена постапка за стечај или ликвидација, непостоење друг имот од кој би се наплатило побарувањето итн.
За спроведување отпис на кредитот, од страна на надлежните служби во банката се изготвува елаборат кој се доставува на увид пред надзорниот одбор за одлучување. Овој елаборат ги содржи следните елементи:
- Причината поради која се предлага отпис;
- Преземените мерки за наплата на побарувањето и резултатите од нивното преземање;
- Лицата што учествувале во одобрување на кредитот;
- Причината за непостоење несоодветност на обезбедувањето на побарувањето;
- Оцена дали се почитувани деловните и кредитните политики и процедури на банката при одобрувањето, следењето, наплатата и отписот на побарувањето;
- Се наведуваат, доколку постои поврзаност на лицето чие побарување се отпишува со банката, акционерите и лицата со посебни права и одговорности на банката.
Отпишаните побарувања се водат на посебна вонбилансна сметка. Во Македонија е утврден рок од три години од моментот на отпишувањето на побарувањето пред негово евидентирање на друга вонбилансна сметка, на која се евидентираат отпишаните побарувања без никаква веројатност за наплата.
Наводи
уреди- ↑ Prudental Financial Policy Department, "Guideline on Classification of Non-Performing Loans and Provision for Substandard, Bad and Doubtful Debts" (BNM/GP3)
- ↑ Bank for International Settlements, Sound Practices for the Management and Supervision of Operational Risk, Basel, 22 July 2003.
- ↑ M. Tracey, "The impact of Non-performing Loans on Loan Growth: An econometric case study of Jamaica and Trinidad and Tobago", 2011.
- ↑ S.M. Islam, C. N. Shil, and A. M. Mannan, "Non performing loans – its causes, connsequences and some learning", MPRA Paper, No. 7708, Vol.13, 2005, стр. 4-7.
- ↑ A. Boudriga, B. N. Taktak and A. Jellouli, "Does bank supervision impact nonperforming loans: cross-country determinants using aggregate data?", MPRA Paper, No. 18068, Vol. 27, 2009, стр. 2-4.
- ↑ 6,0 6,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 91.
- ↑ Оливер Давитковски, "Перформансите на кредитните портфолија на комерцијалните банки во Југоисточна Европа, компаративна анализа со Р Македонија", Докторска дисертација, Економски факултет, Скопје, 2011.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 8,3 Оливер Давитковски, "Перформансите на кредитните портфолија на комерцијалните банки во Југоисточна Европа, компаративна анализа со Р Македонија", Докторски труд, Економски факултет, Скопје, 2011.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 92.
- ↑ U. Curcic, Upravljivanje rastom i performansima banke, Novi Sad: Mladost Holding, 2003.
- ↑ Bank for international settlements, Principles for the management of credit risk, Basel, 1999.
- ↑ J. L. Mester, I. L. Nakamura, and M. Renault, "Checking accounts and bank monitoring", Workin Paper, 99-02-C, Vol. 38, 2002, стр. 3-5.
- ↑ Одлука за супервизорски стандарди за регулирање на достасаните, а ненаплатени побарувања на банките, Службен Весник на РМ, бр.134 /2007.
- ↑ Закон за извршување, Службен Весник на РМ , 35/2005, 50/2006, 129/06 и 8/2008.