Неорганско соединение

(Пренасочено од Неорганска супстанца)

Неорганско соединениехемиско соединение кое нема јаглеродно-водородни врски, т.е. соединение кое не е органско.[1][2] Овие соединенија се изучуваат од дисциплината неорганска хемија.

Ваквите соединенија го сочинуваат најголемиот дел од Земјината кора, макар што длабоките делови на плаштот сè уште се проучуваат.[3]

Некои прости јаглеродни соединенија честопати се сметаат за неоргански. Такви примери се алотропите на јаглеродот (графитот, дијамантот, бакминстерфулеренот итн.), јаглерод моноксидот, јаглерод диоксидот, карбидите и следниве соли на неоргански анјони: карбонатите, цијанидите, цијанатите и тиоцијанатите. Многу од нив се нормален дел од претежно органски системи, вклучувајќи ги организмите; фактот што некоја супстанција е неорганска не значи дека таа не е присутна во живите суштества.

Историја

уреди

За почеток на современата органска хемија се смета претворањето на амониум цијанат во уреа изведено од германскиот хемичар Фридрих Велер во 1828 г.[4][5][6] Во негово време владеело мислењето дека органски соединенија се одликуваат со витален дух. Во отсуство на витализмот, разликата меѓу неорганската и органската хемија се сведува на семантика.

Современа употреба

уреди
  • Базата на податоци за неорганска кристална структура (ICSD) има дефиниција за „неоргански“ јаглеродни соединенија, која гласи дека таквите соединенија содржат или C-H или C-C врски, но не обете.[7]
  • Серијата книги „Неоргански синтези“ (Inorganic Syntheses) не ги дефинира неорганските соединиенија. Најголемиот дел од нејзината содржина е посветен на метални комплекси на органските лиганди.[8]
  • Меѓународниот сојуз за чиста и применета хемија (МСЧПХ) не нуди дефиниција за поимите „неоргански“ и „неорганско соединение“, но дава дефиниција за неоргански полимер како „...скелетна структура која не содржи јаглеродни атоми.“[9]

Номенклатура на неорганските соединенија

уреди

Именување на простите супстанци

уреди

Ако простата супстанца е изградена од единки чиј точен состав не е познат или ако нивниот состав не претставува особен интерес, тогаш називот на простата супстанца е идентичен со називот на елементот. Со називот на елементот се именуваат и цврстиет супстанци во чија градба не учествуваат одделни молекули (на пример, такви се металите). Ако, пак, е познат составот на единките кои ја сочинуваат супстанцата, или е важно тие да се истакнат, тогаш пред називот на елементот се додава префикс (моно-, ди-, три-, тетра-, пента-, хекса-, хепта-, окта-, нона-, дека-, ундека-, додека- итн.) кој го покажува бројот на атомите во дадениот елемент. Така, за да се означи простата супстанца кислород, составена од двоатомски молекули се употребува називот дикислород, кислородот изграден од одделни атоми кислород се означува со називот монокислород, а озонот, кој е образуван од триатомски кислород, се означува како трикислород, итн. Ако постојат алотропски модификации, или се употребуваат тривијални називи (на пример, дијамант) или кај цврстите супстанци на некаков начин се укажува на структурата на кристалите (на пример, моноклиничен сулфур).[10]

Именување на едноатомските катјони и анјони

уреди

Едноатомските катјони се именуваат со додавање на македонскиот назив на елементот до кој е изведен катјонот. Ако од едне елемент може да се изведат повеќе катјони, тогаш во заграда, со римски цифри, се означува вредноста на оксидациониот број. Притоа, заградата се пишува слеано со името на елементот, а знакот + не се пишува. Кај елементите со една можна вредност на оксидациониот број, неговата вредност не се пишува. На пример, се пишува бакар(I) катјони или бакар(II) катјони, но само натриум катјони или калциум катјони. Наместо да се наведе оксидациониот број, може да се посочи вредноста на релативниот полнеж на катјонот. Во тој случај, во заграда, со арапска цифра следена со знакот +, се запишува релативниот полнеж. На пример, може да се напише: бакар(2+) јони, алуминиум(3+) јони, итн.[11]

Називите на едноатомските анјони се образувани од коренот на латинскиот назив на елементот, со додавање на наставката ид. Притоа, корените на називите се: хидр- (за водородот), окс- (за кислородот), сулф- (за сулфурот), селен- (за селенот), флуор- (за флуорот) итн. На пример, зборуваме за хидрид јони, оксид јони, сулфид јони итн. Исто како и кај катјоните, и кај јоните, може на крајот во заграда да се наведе релативниот полнеж (со арапска бројка, следена со знакот -). На сличен начин се образуваат и називите на јоните што се состојат од повеќе од еден атом на ист елемент, со тоа што пред нивниот назив се додава префикс за бројот на атомите (моно-, ди-, итн.). При тоа, префиксот моно- може да се испушти, а во заграда може да се наведе оксидациониот број или релативниот полнеж на јоните.[12]

Номенклатура на киселините

уреди

Називите на бескислородните киселини се состојат од називот на елементот којшто е сврзан со водород на кој е додадена наставката и, напишано слеано, водородна, а потоа, напишано одделно, стои зборот киселина. На пример: флуороводородна киселина, хлороводородна киселина итн. Заради запазување на доследноста, бБескислородната киселина на сулфурот се вика сулфуроводородна киселина наместо сулфурводородна. Називите на кислородните киселини се образуваат на неколку начини. Еден начин е киселините да се именуваат слично како солите на водородот. Оттука, азотната киселина може да се вика водород нитрат или хидроген нитрат. Според традиционалниот начин на именување на киселините, првин се одбира киселината во која елементот за чија киселина се работи има највообичаена врендост на оксидациониот број и таа киселина добива назив што се состои од називот на елементот кому му се додава наставката -на или -ова и од зборот киселина (напишан одделно). На пример, такви се називите: азотна киселина, сулфурна киселина, фосфорна киселина, хлорна киселина, селенова киселина, силициумова киселина итн. Во продолжение, киселината во која оксидациониот број на елементот е следниот помал, добива назив така што на името на елементот се додава наставката -еста, како на пример: сулфуреста киселина, азотеста киселина, хлореста киселина, фосфореста киселина, селенеста киселина итн. Ако има киселина во која оксидациониот број е уште помал, тогаш пред зборот што завршува со -еста се додава префиксот хипо- (на пример, хипохлореста киселина). Ако, пак, оксидациониот број на елементот е поголем отколку во киселината со наставката -на или -ова, тогаш пред зборот во кој се јавува таквата наставка се додава префиксот пер- (на пример, перхлорна киселина). Покрај тоа, постојат и други називи на киселините кои се образуваат со префиксите орто-, хипо-, пер-, ди-, мета- итн. (на пример, дихромна киселина, метафосфорна киселина).[13]

Номенклатура на солите

уреди

Називите на солите се образуваат со наведување на името на катјонот кон кого се додава називот на анјонот (на пример, натриум хлорид, железо(II) сулфат итн.). Во случајот на двојни соли кои содржат два катјона, најпрвин се пишуваат имињата на катјоните, наведени по азбучен ред, а потоа се додава името на анјонот (на пример, калиум натриум сулфат). Слично се постапува и кога двојната сол содржи два анјона (на пример, калциум хипохлорит хлорид). Во формулите, симболите на јоните се пишуваат според абецеден редослед. Кога се работи за хидроген соли, повторно најпрвин се пишува името на катјонот, а потоа на анјонот. Споре дпрепораката на Меѓународната унија з ачист аи применета хемија (IUPAC) зборот хидроген се пишува слеано со називот на анјонот. По потреба се додаваат и префикси кои го означуваат бројот на катјоните или анјоните (на пример, натриум хидрогенкарбонат, калиум диводородфосфат итн.). Наспроти тоа, хидроксид солите се третираат како двојни соли во кои постои хидроксид анјон, а слично се постапува и со солите кои содржат оксид анјони (на пример, дибакар карбонат дихидроксид, диманган трихидроксид хлорид). Во овие случаи, зборот хидроксид доаѓа по зборот карбонат и пред зборот хлорид, а бројните префикси не се сметаат при определувањето на редоследот. Меѓутоа, при пишувањето на хемиските формули на солите, јоните се наведуваат по абецеден редослед кој не мора да се поклопи со редоследот на имињата на анјоните во називот на солта. Во називите на солите што се кристалохидрати, содржината на водата се изразува со зборот -хидрат, а пре днего стои префиксот кој го изразува бројот на молекули вода во формулната единица на супстанцата (а не во самата супстанца). Таков е случајот со соединението бакар(II) сулфат пентахидрат. Меѓутоа, препораките на Меѓународната унија за чиста и применета хемија содржат и поинакви начини на именување на кристалохидратите.[14]

Номенклатура на оксидите и хидроксидите

уреди

Називите на оксидите и хидроксидите се образуваат слично како оние на солите: кон називот на катјонот се додава зборот оксид или хидроксид, а по потреба, може да се употребат и префикси (моно-, ди-, итн.) што го означуваат бројот на катјоните, односно оксидните или хидроксидните анјони. При употребата на префиксите задолжително се изговара целиот префикс (на пример, пентаоксид, декаоксид итн.). Според тоа, може да се рече: бакар(I) оксид или дибакар оксид; јаглерод диоксид или јаглерод(IV) оксид; хром() хидроксид или хром(3+) хидроксид итн.[15]

Називи и формули на сложените соединенија

уреди

Според правилата на IUPAC, при запишувањето на формулите, деловите од формулната единка што се сложени се одделуваат со ставање во средна заграда, додека малата заграда се употребува за да се одделат формулите на лигандите, а нивниот број се запишува како индекс зад малата заграда. Ако во комплексот има повеќе различни лиганди, во формулата најпрвин се наведуваат (по абецеден редослед) оние за кои се смета дека се негативни, а потоа оние што се неутрални. Образувањето на називите на сложените соединенија зависи од тоа дали се работи за јонско соединение или за неутрален комплекс. Кај јонските сложени соединенија, секогаш најпрвин се дава називот на катјонот, а потоа називот на анјонот, т.е. онака како што се постапува кај соединенијата што не се сложени. Ако катјонот е комплексен, тогаш неговиот назив се образува на следниов начин: првин се дава бројто на лиганди, а потоа нивниот назив; на крајот се наведува називот на елементот кому му припаѓа централниот атом, заедно со оксидациониот број или релативниот полнеж на јонот; во сите случаи, заградите се пишуваат слеано (на пример, тетраамминбакар(II)). Ако соединението е комплексен анјон, називот се образува на следниов начин: најпрвин се пишува бројот на лиганди и нивниот назив, се продолжува со коренот на латинскиот збор за елементот кому му припаѓа централниот атом при што му се додава наставката -ат, а ако е потребно, на крајот се запишува вредноста на оксидациониот број или на релативниот полнеж. Ако има повеќе различни лиганди, нивните називи се пишуваат по азбучен ред, независно од тоа дали се неутрални или наелектризирани лиганди. Ако, пак, се комплексни и анјонот и катјонот, најпрвин се пишува називот на комплексниот катјон, а потоа називот на комплексниот анјон. Ако комплексот е неутрален, се постапува слично со тоа што називот завршува со елементот кому му припаѓа централниот атом и, ако е потребно, оксидациониот број. Називите на лигандите се образуваат на следниот начин: ако лигандот е неутрална честичка (молекула), тогаш се употребуваат називите аква за H2O, аммин за NH3, нитрозил за NO итн. Ако лигандот е негативно наелектризирана честичка, кон називот на анјонот се додава настваката (сулфито, тиосулфато, карбонато, хидридо, ацетато итн.), а може да се употребат и малку изменети називи кои завршуваат на (хлоро, бромо, јодо, цијано, оксо, хидроксо итн.). Ако лигандот е вода, не смее да се употреби зборот аква, а во називот на NH3 задолжително се пишуваат две букви м (аммин наместо амин) за да се избегне забуната дали се работи за молекула од амонијак или од некој органски амин.[16]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. J. J. Berzelius "Lehrbuch der Chemie," 1st ed., Arnoldischen Buchhandlung, Dresden and Leipzig, 1827. ISBN 1-148-99953-1. Brief English commentary in English can be found in Bent Soren Jorgensen "More on Berzelius and the vital force" J. Chem. Educ., 1965, vol. 42, p 394. doi:10.1021/ed042p394
  2. Dan Berger, Bluffton College, analysis of varying inappropriate definitions of the inorganic-organic distinction: Otherwise consistent linked material differing from current article in downplaying the carbon present vs carbon absent distinctive: [1]
  3. Newman, D. K.; Banfield, J. F. (2002). „Geomicrobiology: How Molecular-Scale Interactions Underpin Biogeochemical Systems“. Science. 296 (5570): 1071–1077. Bibcode:2002Sci...296.1071N. doi:10.1126/science.1010716. PMID 12004119. S2CID 1235688.
  4. May, Paul. „Urea“. Molecules in Motion. Imperial College London. Архивирано од изворникот 17 март 2015.
  5. Cohen, Paul S.; Cohen, Stephen M. (1996). „Wöhler's Synthesis of Urea: How do the Textbooks Report It?“. Journal of Chemical Education. 73 (9): 883. doi:10.1021/ed073p883.
  6. Ramberg, Peter J. (2000). „The Death of Vitalism and the Birth of Organic Chemistry: Wohler's Urea Synthesis and the Disciplinary Identity of Organic Chemistry“. Ambix. 47 (3): 170–195. doi:10.1179/amb.2000.47.3.170. PMID 11640223. S2CID 44613876.
  7. „Inorganic Crystal Structure Database“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 30 август 2017. Посетено на 13 јануари 2017.
  8. „Volumes - Inorganic Syntheses“. www.inorgsynth.org. Архивирано од изворникот на 2021-02-06. Посетено на 2023-01-01.
  9. IUPAC, Compendium of Chemical Terminology, 2. изд. (the "Gold Book") (1997). Семрежна поправена верзија: (2006–) "inorganic polymer". doi:10.1351/goldbook.IT07515
  10. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XII-XIII.
  11. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XIII.
  12. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XIII-XIV.
  13. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XIV-XV.
  14. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XV-XVI.
  15. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XVI-XVII.
  16. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XVII-XIX.

Надворешни врски

уреди