Музи (грчки: Μουσαι = песна) биле божици во старогрчката митологија, поезија и литература кои го инспирирале творењето во литературата и во уметноста.[1] Класичните поети редовно ги повикувале музите, кога се наоѓале пред тешка задача. На пример, на почетокот од еповитеИлијада“ и „Одисеја“, Хомер ги повикува музите. Во второто пеење од „Илијада“, при набројувањето на бродовите, Хомер ги повикува на помош музите бидејќи самиот не би можел да го заврши набројувањето макар да има гради од бронза и стотина усти.[2] Исто така, и Вергилиј, во почетните стихови на „Енеида“ ги повикува музите да му помогнат.[3] Тие биле ќерки на врховниот грчки бог Зевс и на Мнемозина,[4] божицата на умот и паметењето. Тие живееле на ридот Хеликон, во Беотија, кој често се зема како синоним за Пинд и Парнас.[5] Постоеле девет музи, а нивен водач бил Аполон. Култот кон музите најпрвин бил раширен во македонската област Пиерија, поради што музите биле познати и како Пиериди.[6]

Балдасаре Перуци: Аполон танцува со музите

Се верувало дека музите ги инспирираат сликарите, музичарите и поетите. Тие ги развеселувале боговите и ги вдахнувале поетите, ја потпомагале комуникацијата. Славејќи ги боговите, ја дополнувале и својата слава; фалејќи ги смелите јунаци, ги запишале и своите имиња во историјата. Денес зборот муза, воопштено, во преносно значење, се користи за некој кој го инспирира уметникот.

  • Талија (Θάλεια = „цветна“) - заштитничка на комедијата. Нејзини атрибути се комичната маска, овчарскиот стап и венецот од бршлен.
  • Уранија (Ουρανία = „небесна“) - заштитничка на астрономијата. Нејзин атрибут е глобусот.
  • Мелпомена (Μελπομένη = „пејачка“) - заштитничка на трагедијата и лирската поезија.[7] Нејзини атрибути се трагичата маска и венецот од винова лоза.
  • Полихимнија (Πολυμνία = „богата со химни“) - заштитничка на светите (религиозни) и сериозни песни. Нејзини атрибути се превезот и наметката.
  • Ерато (Ερατώ = „убава“) - заштитничка на љубовната лирика. Нејзин атрибут е лирата или китарата.
  • Калиопа (Καλλιόπη = „убав глас“) - заштитничка на епската поезија и ораторството. Нејзини атрибути се восочна плочка, молив и свиток хартија.
  • Клио (Κλειώ = „слава“) - заштитничка на историјата и јуначката поезија. Нејзини атрибути се свиток папирус и ловоров венец.
  • Евтерпа (Ευτέρπη = „развеселување“) - заштитничка на музиката, лириката. Нејзин атрибут е двојната флејта.
  • Терпсихора (Τερψιχόρη = „уживање во танцот“) - заштитничка на танцот и хорското пеење. Нејзини атрибути се лирата и ловоровиот венец.

Постои верување дека оној кој ќе ги повтори имињата на музите според овој редослед не може да погреши, затоа што почетните букви од нивните имиња на латински го даваат изразот: Tum Peccet, што значи: “нека греши”, или “тогаш нека греши”.

Музите како тема во уметноста и во популарната култура

уреди

Наводи

уреди
  1. MOUSAI, (анг.)
  2. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 128.
  3. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 122-123.
  4. „Objašnjenja i napomene“, во: Aristofan, Lisistrata. Beograd: Rad, 1963, стр. 99.
  5. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 122.
  6. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 108.
  7. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 107.
  8. Discogs, Dead Can Dance ‎– Within The Realm Of A Dying Sun (пристапено на 24.5.2020)