Молскавици
„М’скавици“ или „Молскавици“ (на современ македонски јазик) е првата збирка поезија на македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски. Книгата е објавена во 1940 година во Софија, Бугарија и била испечатена на македонски јазик. Издавањето на збирката било помогнато и поддржано од Македонскиот литературен кружок. Авторот ја посветил збирката на мајка си.[1]
Корицата на првата стихозбирка со посвета до Фиља и Венко Марковски (25.XII.1939) | |
Автор | Коле Неделковски |
---|---|
Земја | Бугарија |
Јазик | македонски |
Жанр | поезија |
Издавач | Македонски литературен кружок |
Издадена | 1940 |
Медиум | печатено издание |
Страници | 32 |
Следна | „Пеш по светот“ |
Содржина
уредиЗбирката е составена од 16 песни:[2]
- Младост попарена
- Причинуење
- Раткина неволја
- Рането срце
- Жив отруен
- Чичко ми...
- Ропство
- Работник
- Стачка
- Одродени...
- Ангелко
- На кинисуење
- Не колни
- Стојан на Ордановци
- Мајка
- Скитник
Осврт кон збирката
уредиПред излегувањето на „Молскавици“, Неделковски веќе објавил неколку песни од збирката во списанието „Илустрација Илинден“ (Илустрация Илиндень), и тоа:[3]
- „Стојан на Ордановци“ била објавена во кн. 6/96, година X, јуни 1938, стр. 1, со насловот „Стојан војвода“ (Сто'анъ войвода) — претходна (значително различна) верзија на песната
- „Раткина неволја“ (Радкина неволя) била објавена во кн. 2/102, година XI, февруари 1939, стр. 7
- „Младост попарена“ била објавена во кн. 2/102, година XI, февруари 1939, со насловот „Богдан и Гроздана“ (Богданъ и Гроздана) — претходна (значително различна) верзија на песната
- „Мајка“ (Майка) била објавена во кн. 6/106, година XI, јуни 1939, стр. 8
- „Одродени...“ била објавена во кн. 6/106, година XI, јуни 1939
- „Чичко ми...“ била објавена во кн. 6/106, година XI, јуни 1939
Во својот осврт кон „Молскавици“, Димитар Митрев нагласува дека Неделковски е чист лирик, носител на полетна чувственост, т.е. самиот негов стих е чувство и ова спонтано лирско кажување е посилно од сиромашниот збор и едностраната и несовршена изразност на неговата поезија. Притоа, неговата лирика е сосема родствена на македонската народна поезија и во таа смисла, Митрев го нарекува Неделковски „нашиот последен народен певец“. Оваа врска кај него не е очигледна само во однос на поетскиот израз, туку уште повеќе во присутноста на специфичниот народен дух поради што се чини како неговата авторска, индивидуална поезија да е создадена од безимениот народен пејач. Така, во „Молскавици“ повеќето песни уште со своите наслови потсетуваат на народната поезија, како: „Младост попарена“, „Раткина неволја“, „Рането срце“, „Одродени“, „Стојан на Ордановци“ и „Жив отруен“. Уште повеќе, во многу песни, стиховите се попримаат како директни атрибути од речникот на народната поезија, со употребата на изразите од типот на: „мерак јуначки“, „пуста туѓина“, „проклета да е јабана“, „крвави солзи пророни“, „кротко му, леле, прозбори“, „абер не стори“, „ишарет да ми направиш“, „тешка мака на срце“, „црна црнееш“, „зора рујна“, „лице калешо“, „змии пиштат, веди трештат“, „тага вие, созли лее“, „цела се земја затресе“ итн. Понатаму, кај ниеден макеоднски поет не е толку застапена словенската антитеза како кај Неделковски (на пример, во песната „Ропство“).[4]
За разлика од Рациновата поезија, во социјалните песни на Неделковски не се среќава судирот меѓу содржината и формата, односно дури и тогаш кога поетот пее за посовремени теми, и формата и содржината директно се надоврзуваат на македонскиот поетски фолклор. На пример, таков е случајот со песните „Работник“ и „Стачка“ кои и според поетскиот израз се сосема во стилот и духот на народната песна. Затоа, идејноста на овие песни е поблиска до идејноста на народната поезија отколку до пролетерската поезија. Според Димитар Митрев, приклонувањето на Неделковски кон народната поезија може да се објасни со три причини: прво, неговата осаменост, затвореност и некомуникативност при што тој го нашол излезот од ваквата состојба во поврзаноста со својот народ поради што неговите животни погледи нужно биле блиски до духот на народната поезија; второ, на почетокот од поетскиот развој, тој бил под особено влијание на народните песни од Зборникот на Миладиновци; и трето, од недоволно утврдениот идеен став, со што се објаснуваат блискоста со општата бробена поента присутна во народната поезија (како, на пример, во песните „На кинисуење“, „Стојан на Ордановци“, „Мајка“, „Ангелко“) и присуството на ајдучките мотиви во неговите песни. Имајќи предвид дека чувственоста на ставот доминира во лириката на Неделковски, сосема е природно таа чувственост своето поетско оплодување да го побара во народната поезија.[5]
Јазикот и правописот во „Молскавици“
уредиВо основата на јазикот на кој е напишана збирката „Молскавици“ лежи велешкиот говор, а тоа го потврдуваат фонетско-морфолошките црти, како: скапуеш, бидеш, земња, друзи, причинуење, дојде, лаже, с'зи, м'ска, м'кне, у црнило сета, со тија очи, раци, плачеви, дворови, човек итн. Меѓутоа, во збирката има и фонетски форми кои се туѓи на велешкиот и на западномакедонските говори, како: всред (наместо сред), свободен (наместо слободен), закључен (наместо заклучен), контета (наместо контиња), грејнал свет (наместо грејнат свет), се скита (наместо се скиташе), горе (наместо гореше), ранено (наместо рането) итн. Нивното присуство зборува за влијанието од бугарскиот јазик, што се манифестира и со редовната употреба на формите кои завршуваат на шки (јунашки, ајдушки, крвнишки) наместо формата која завршува на чки која е најраширена во западномакедонските говори.[6]
Бидејќи збирката е објавена во Софија, таа е испечатена со буквите од тогашната бугарската азбука и под влијание на тогашниот бугарски правопис, меѓутоа, на многу места, Неделковски отстапува од нив:[7]
- Во „Молскавици“ не се среќава буквата ѣ, како во зборовите: дел, церела, бели, цел век, верно, немал, сред, свет, светли, вечни, песни, измени, цела итн. Уште повеќе, неа поетот ја исфрлил дури и од своето презиме на насловната страница каде се потпишал како Неделковски наместо Недѣлковски, како што е правилно според тогашниот бугарски правопис. Исто така, не се среќава буквата ѫ.
- Спротивно на бугарскиот правопис, Неделковски врши едначење на согласките по звучност (како во: ропство, тешка, тешки, машко, жешки, нажапчи), иако тоа не е спроведено доследно (на пример, во: Разпрашуј, Радка, Радкина, Радкин, изпраќа).
- Зборовите што завршуваат на согласка се напишани според тогашниот бугарски правопис, т.е. со задолжителните ъ и ь. Меѓутоа, и тука Неделковски не го почитувал официјалниот правопис, пишувајќи: седумъ наместо седумь, пролетъ наместо пролеть.
- Слоговното р е предадено со ър, а некаде и со ръ, како во: загърни, кървав, сърце, смърть, църна, църнееш, фърла, върз, кършат, гърд, бързам, църнило итн.
- Гласовите ч и ѓ се предадени со обичните к и г, ако се наоѓаат пред вокалот е и пред вокалот и (ке, тугина, веке, ноке, нокеви), пред други вокали (кукя, мекява, бракя, испракя, тугя), како и пред други консонанти (нокни, мокна, срекна).
- Гласот њ се предава со нь (причинуенье, денье, кинисуенеь) или со ня (скелиня, иминя, времиня).
- Неделковски многу често го обележува преминувањето на в во ф пред безвучна согласка, на крајот од зборот, па дури и меѓу одделни зборови, како во следниве примери: пофте, ф силен мрак, ф темен мрак, ф младос, ф темни зори, ф рпролет, ф срце, ф тугина, ф Китка, зачекаф, загледаф, нарамиф, чмаеф, носеф, јазеф, тргнаф, заминаф, жиф, крваф, крф, страф, итн. По правило, тој правилно ги обележува другите звучни согласки на крајот од зборот, како: гроб, роб, брег и сред.
- Консонантската група ст на крајот од зборот редовно е сведена на с, како во: болес, чес, вечнос, убос, беднос, гладос, пус, но понекогаш има и недоследности, па некаде пишува младос и младост, радос и радост, старос и старост.
- Зборовите со некогашното х, Неделковски ги бележи со ф или со вокалот: стра, гре, смеот, смеф, меф, ниф, дуф.
- Одредени гласови и гласовни групи ги предава со буквите од бугарската азбука: шт со щ, џ со дж, ј со й, ја со я, ѕ со дз.
- Предлогот од редовно го предава со от (речиси секогаш пред зборови што почнуваат со безвучна согласка).
- Групата ија редовно ја предава со иа (стихотворениа, вриат, гниам, пусиа).
- Слично, недоследности се забележуваат и во предавањето на групата ја (моа и моја, своа и своја, Стоан).
Изданија
уредиПо неговата смрт, збирката била објавена во неколку наврати, како:
- Коле Неделковски, Песни. Друштво на уметниците, журналистите и научниците, Скопје, 1945. Книгата има 78 страници и содржи предговор на Митко Зафировски.[8]
- Коле Неделковски, Стихови. „Кочо Рацин“, Скопје, 1958. Книгата содржи 23 песни од двете поетски збирки на Неделковски,, предговор со наслов „Лириката на Коле Неделковски“, чиј автор е Димитар Митрев, „Белешки“ на Тодор Димитровски, како и ликовни прилози (факсимили на делови од поетските збирки на Неделковски).[9]
- Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967. Уредник на книгата е Тодор Димитровски.[10]
Наводи
уреди- ↑ Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 32.
- ↑ К. Неделковски, М’скавици. Македонски литературен кружок, Софија, 1940.
- ↑ Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 80-90.
- ↑ Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 7-10.
- ↑ Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 11-20.
- ↑ Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 76-77.
- ↑ Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 77-80.
- ↑ Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 75.
- ↑ Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958.
- ↑ Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Молскавици на Викиизвор.
- Коле Неделковски - најреволуционерен поет во Македонија
- "Мъскавици", во оригинал во Библиотека Струмски