Младост попарена
„Младост попарена“ — песна на македонскиот поет Коле Неделковски, дел од поетската збирка „Молскавици“, објавена во 1940 година, во Софија.
Осврт кон поемата
уредиПред излегувањето на „Молскавици“, песната „Младост попарена“ претходно веќе била објавена во списанието „Илустрација Илинден“ (Илустрация Илиндень), кн. 2/102, година XI, февруари 1939, со насловот „Богдан и Гроздана“ (Богданъ и Гроздана). Притоа, постојат големи разлики меѓу текстот на песната од списанието и текстот во стихозбирката. Така, во дефинтивната верзија од стихозбирката поетот го напуштил стариот наслов, кој е чест во народните песни, и го заменил со друг, поиздржан. Во „Богдан и Гроздана“, главниот машки лик вели: „проклета да е мајка ми“, додека во „Младост попарена“ тој ја проколнува туѓината, а делумно ја оправдува мајката, со стиховите „А зошто мајка несреќна / бели ти писма не даде“, кои ја истакнуваат разликата во финалето меѓу двете верзии. Исто така, во „Богдан и Гроздана“, Богдан извршува самоубиство, не можејќи да ги поднесе страдањата на саканата: „Дорече Богдан, замавна / Нож си во срце удари / И падна јунак, издијна / Крај своја мила изгора.“ Меѓутоа, во „Младост попарена“ оваа строфа е исфрлена, а наместо неа, следат три други строфи во кои Богдан ја бодри Гроздана и неуспешно се обидува да ја излечи така што, на крајот, Гроздана умира, а „Богдан с народ измачен / борба за народ прегрна!“ На тој начин, оваа песна ја прикажува еволуцијата на погледите на авторот: додека во првата варијанта се чувствува трагична нота, последната редакција на песната се одликува со оптимистички крај, зашто во прв план е ставена борбата.[1]
Наводи
уреди- ↑ Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 88-89.