Раткина неволја
„Раткина неволја“ (Радкина неволя) — песна на македонскиот поет Коле Неделковски, дел од поетската збирка „Молскавици“, објавена во 1940 година, во Софија. Пред излегувањето на „Молскавици“, песната „Раткина неволја“ претходно веќе била објавена во списанието „Илустрација Илинден“ (Илустрация Илиндень), кн. 2/102, година XI, февруари 1939, стр. 7. Притоа, верзијата објавена во стихозбирката малку се разликува од верзијата во списанието. Така, недоволно функционалниот стих од списанието: „и застана в бели двори“ во збирката е заменет со: „та си седна в бели двори“; бугарскиот книжевен облик „удари“ во стихот „прво либе ти удари?“ е заменет со зборот „удрила“; турскиот збор „инсан“ во стихот: „сиот инсан што запусте“ е заменет со зборот „народ“.[1]
Анализа на песната
уредиВо духот на народната поезија, песната е напишана во форма на разговор меѓу гората и Ратка. Притоа, гората ги слуша пискотниците на девојката и ја прашува: „каква мака ми те мачи / леле, Радо, клето срце...“, а Ратка одговара дека ја мачи „тоа, леле, пусто ропство / сиот народ што зпаусте“.[2]