Мајка (Коле Неделковски)

„Мајка“ (Майка) — песна на македонскиот поет Коле Неделковски, дел од поетската збирка „Молскавици“, објавена во 1940 година, во Софија.

Историјат на песната

уреди

Пред излегувањето на „Молскавици“, песната „Мајка“ претходно веќе била објавена во списанието „Илустрација Илинден“ (Илустрация Илиндень), кн. 6/106, година XI, јуни 1939 година, стр. 8. Притоа, постојат одредени разлики меѓу текстот на песната во списанието и текстот во збирката. Така, во верзијата од списанието, вториот и третиот стих од првата строфа гласат: „низ таа Руен планина / тргнала, леле, писнала...“, а во верзијата од збирката тие го промениле местото („тргнала, леле, писнала / низ таа Руен планина“) и со тоа целата строфа добила поприроден тек; понатаму, стихот „како бајрак развеван“ е дотеран во „како ми бајрак развеван“; особено е карактеристична промената на глаголскиот облик во следниве стихови од петтата строфа: „та ми ти црни гарвани / ајдушко месо кренале..“ во „ајдушко месо креваат“ при што со префлрањето на глаголското дејство од минато во сегашно време е постигната поголема функционалност на стихот и пластичност на сликата.[1]

Анализа на песната

уреди

Исто како во неколку други песни, и во оваа е опишан односот меѓу синот и мајката. Притоа, мајката го бара синот „низ таа Руен планина“, а никаде не може да чуе ни глас за него. Поради тоа, таа е загрижена и се прашува: заспал ли тврдо, борба ли води некаде, или чумата му ја разгонила четата. Во неа е присутен и стравот од најстрашното: да не погинал погоден „среде чело машко јунашко“ и некаде „црни гаврани“ му го кинат месото. Така, таа го испушта очајниот крик, барајќи да чуе глас од синот, инаку од тага ни во гробот нема да има спокој.[2]

Наводи

уреди
  1. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 90.
  2. Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 9.