„Пеш по светот“ е втората збирка поезија на македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски. Книгата била објавена во август 1941 година, во Софија, Бугарија и била испечатена на македонски јазик. Издавањето на збирката било помогнато и поддржано од Македонскиот литературен кружок. Авторот им ја посветил збирката „на младите македонски борци“.[1]

„Пеш по светот“
Насловната страна на „Пеш по светот“
АвторКоле Неделковски
Изворен наслов„Пешъ по светотъ“
ЗемјаБугарија
Јазикмакедонски
Жанрпоезија
ИздавачМакедонски литературен кружок
Издадена
1941
Медиумпечатено издание
Страници32
ПретходнаМолскавици“ 

Содржина

уреди

Збирката е составена од една поема и седум песни:[2]

Осврт кон делото

уреди
 
Факсимил на стр. 4 од оригиналното издание на „Пеш по светот“

Според Димитар Митрев, во споредба со „Молскавици“, „Пеш по светот“ се одликува со повисоки творечки дострели и со јасен стремеж да се надмине поетскиот израз од народната поезија. Оваа збирка се одликува со нови мотиви, нова содржина и, делумно и нова форма, што било резултат на книжевното култивирање на поетот, на неговото дефинитивно придржување кон организираното пролетерско движење и на неговото учество во напредниот емигрантски книжевен кружок, раководен од Вапцаров. Навистина, и во оваа збирка, Неделковски не се изразил целосно како пролетерски поет, но како поет на својот поробен народ тој веќе е изразито современ. Во неа се забележува навраќање кон поблиското минато (Илинденската епоха) и согледување на виновниците за македонската национална трагедија. Така, во поемата „Пеш по светот“, поетот ги истакнува најважните точки во македонското национално-ослободително движење; во „1941“ тој ја истакнува судбоносната пресвртна историска точка; „Глас од Македонија“ е еден вид химна на новите борбени походи и во неа поетот недвосмислено го искажува единствениот пат по кој Македонците можат да станат господари на својата судбина; „Враќање“ одекнува како светла поента на поетовото и на народното збогување со ропското страдање и таа е симбол на долго очекуваната срдеба со ослободената татковина. За разлика од „Молскавици“ каде преовладува тешка таговност поради проклетството на ропскиот живот, во „Пеш по светот“ јасно се забележува промената во карактерологијата на поетовата чувственост — бодро и оптимистичко расположение и постројна ритмичност. Сепак, дури и во оваа збирка, Неделковски не успеал целосно да ја надмине изразноста карактеристична за народната поезија така што во речиси сите песни е задржан духот на едноставните и едностраните лирски бранувања на народните песни. Освен тоа, за разлика од „Молскавици“ каде се забележува подоследно речничко единство, во оваа збирка е присутен двојствен стихотворски стил, кој гравитира ту кон народниот ту кон индивидуалниот стих, а тоа внесува неединственост во збирката. На пример, во збирката едни наспроти други стојат стховите како: „години црни жили ќе здрват“ и „може и в крвав да паднам бој“; „негде ли бунт ќе покренеш“ и „абер ли брз да направиш“ итн. Најпосле, иако во збирката е присутно влијанието на социјалната поезија карактеристична за напредните поети од тоа време, сепак во збирката не се чувствува декларативноста и паролноста на таа поезија. На пример, песната „На поетот“ е посветена на социјалната мисија на поетот, но нејзиниот израз е далеку од изразот кај истакнатите социјални поети од тоа време, т.е. социјалното во неа повеќе претставува ново чувство отколку нов израз, зашто е задржан стилот на народната експресија.[3]

Јазикот и правописот во поетските збирки на Неделковски

уреди

Во основата на јазикот на Неделковски лежи велешкиот говор, иако во „Пеш по светот“ тој ги напуштил овие форми и ги заменил говорните форми со ол, кои се пораспространети во македонскиот јазик, како: долбина, солзи, солзив, жолчна, воци, полни итн., но тоа го направил недоследно, зашто продолжил да ги употребува и претходните форми, како во: прок'лнат, с'нце, д'бина, разм'скат, г'тнала итн. Усвојувањето на формите во кои вокалното л е заементо со ол зборува за свесниот пристап на Неделковски во изборот на најраспространетите говорни форми во македонскиот јазик. За тоа сведочи и редовната употреба на формата земја (но, исабја и гламја) во „Пеш по светот“ наместо земња во „Молскавици“. Меѓутоа, кај него има и фонетски форми кои се туѓи на велешкиот и на западномакедонските говори, чие присуство зборува за влијанието од бугарскиот јазик, што се манифестира и со редовната употреба на формите кои завршуваат на шки (јунашки, ајдушки, крвнишки) наместо формата која завршува на чки која е најраширена во западномакедонските говори.[4]

Бидејќи книгата е објавена во Софија, сосема е разбирливо тоа што се испечатени со буквите од тогашната бугарската азбука и под влијание на тогашниот бугарски правопис, меѓутоа, на многу места, Неделковски отстапува од нив:[5]

  • На насловната страница на „Пеш по светот“, авторот се потпишал како Неделковски наместо Недѣлковски, како што е правилно според тогашниот бугарски правопис.
  • Зборовите што завршуваат на согласка се напишани според тогашниот бугарски правопис, т.е. со задолжителните ъ и ь. Меѓутоа, и тука Неделковски не го почитувал официјалниот правопис, пишувајќи: седумъ наместо седумь, пролетъ наместо пролеть.
  • Слоговното р е предадено со ър, а некаде и со ръ, како во: загърни, кървав, сърце, смърть, църна, църнееш, фърла, върз, кършат, гърд, бързам, църнило итн.
  • Гласовите ч и ѓ се предадени со обичните к и г, ако се наоѓаат пред вокалот е и пред вокалот и (ке, тугина, веке, ноке, нокеви), пред други вокали (кукя, мекява, бракя, испракя, тугя), како и пред други консонанти (нокни, мокна, срекна).
  • Гласот њ се предава со нь (причинуенье, денье, кинисуенеь) или со ня (скелиня, иминя, времиня).
  • Неделковски многу често го обележува преминувањето на в во ф пред безвучна согласка, на крајот од зборот, па дури и меѓу одделни зборови. Така, во „Пеш по светот“ тој пишува: ф планина, дрпнафте, прибрафте, пуштифте, бефте, уплаф, гнеф, меф, смеф, отроф итн., но во оваа збирка има и отстапувања (врв, жив, солзив итн.). По правило, тој правилно ги обележува другите звучни согласки на крајот од зборот, како: праг, врв, народ, траг.
  • Консонантската група ст на крајот од зборот преовладува во „Пеш по светот“ (радост, младост, гордост), иако се среќаваат отстапувања (протес, влас, радос, свес).
  • Зборовите со некогашното х, Неделковски ги бележи со ф или со вокалот: стра, гре, смеот, смеф, меф, ниф, дуф.
  • Одредени гласови и гласовни групи ги предава со буквите од бугарската азбука: шт со щ, џ со дж, ј со й, ја со я, ѕ со дз.
  • Предлогот од редовно го предава со от (речиси секогаш пред зборови што почнуваат со безвучна согласка).
  • Групата ија најчесто ја пишува правилно (вијат, тија), но со недоследности (зариа, пориат).
  • Слично, недоследности се забележуваат и во предавањето на групата ја (моа и моја, своа и своја).
  • Во однос на правописот, „Молскавици“ е подобра во однос на „Пеш по светот“ во која има бројни правописни грешки: на пример, понекаде (навистина, ретко) се среќава буквата ѣ (днитѣ, вѣк, свѣтнале, гордитѣ) истовремено со: дните, век, светли; постојано се отстапува од едначењето на звучните во безвучните согласки (тежко, жежко, изтрае, робство, изплакуе, разтресеш, разцвете, разсее, разшири, приказки итн.), што се објаснува со условите во кои била испечатена втората збирка.

Изданија

уреди

По неговата смрт, збирката била објавена во неколку наврати, како:

  • Коле Неделковски, Песни. Друштво на уметниците, журналистите и научниците, Скопје, 1945. Книгата има 78 страници и содржи предговор на Митко Зафировски.[6]
  • Коле Неделковски, Стихови. „Кочо Рацин“, Скопје, 1958. Книгата содржи 23 песни од двете поетски збирки на Неделковски. Покрај песните, ова издание содржи и предговор со наслов „Лириката на Коле Неделковски“, чиј автор е Димитар Митрев, „Белешки“ на Тодор Димитровски, како и ликовни прилози (факсимили на делови од поетските збирки на Неделковски). Книгата е отпечатена во тврд повез и има 95 страници. Технички уредник бил Коста Бојаџиевски, а коректурата ја направила Костадинка Георгиева. Книгата е испечатена во печатницата „Гоце Делчев“ во Скопје, во октомври 1958 година, во тираж од 2 000 примероци. Таа не е каталогизирана и не ја поседува меѓународната ознака ISBN.[7]
  • Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967. Уредник на книгата е Тодор Димитровски.[8]
  • Збирката била објавена во 1958 година од издавачката куќа „Кочо Рацин“ (во редакција на Тодор Димитровски), како дел од книгата „Стихови“ која ја содржи и првата поетска збирка на Неделковски, „Молскавици“. [9]

Наводи

уреди
  1. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 54.
  2. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958.
  3. Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 20-25.
  4. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 76-77.
  5. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 77-80.
  6. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 75.
  7. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958.
  8. Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967.
  9. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958.

Поврзано

уреди