Мартин Лутер Кинг
Мартин Лутер Кинг Јуниор (15 јануари 1929 - 4 април 1968) — афроамерикански баптистички свештеник, борец за граѓански права и добитник на Нобеловата награда за мир. Тој е еден од најзначајните личности во поновата историја на САД и се смета за еден од највлијателните поборници на ненасилството, а многу луѓе ширум светот го почитуваат како херој, миротворец и маченик. Како признание на неговата истакната улога во американската историја, во прв ред поради неговата улога за здобивањето на афроамериканците со основните човекови и граѓански права, во 1986, во негова чест, беше прогласен државен празник во САД, наречен Ден на Мартин Лутер Кинг, кој се празнува третиот понеделник во јануари секоја година.
Образование
уредиКинг е роден во Атланта, Џорџија. Во 1951 дипломира на богословијата „Крозер“ во Честер, Пенсилванија, а во 1955 се здоби со звање доктор на науки по систематска теологија на Бостонскиот универзитет.
Борба за граѓански права
уредиВо 1954 станува пастор во Монтгомери, Алабама. Кога во 1955 Роза Паркс одби да се покори на правилата на сегрегацијата, црнечката заедница во Монтгомери организира бојкот на автобусите, а Кинг беше еден од водачите на тој бојкот. За време на кампањата, беше фрлена бомба врз куќата на Кинг, а подоцна тој беше и уапсен.
По оваа кампања, Кинг во 1957 ја основа Конференцијата за јужњачко христијанско водство, чија цел беше преку ненасилни акции да протестира во прилог на укинување на подредената положба на Црнците во САД. Тој организираше и предводеше многу маршеви за правото на Црнците на глас, за десегрегација, за праведно вработување и за останатите основни граѓански права. Најголемиот дел од овие права беа озаконети преку усвојувањето на Законот за граѓански права од 1964 и на Законот за избирачки права од 1965.
Најпознат марш што го организираа Црнците во САД, при што еден од организаторите беше Кинг, беше маршот до Вашингтон за работа и слобода во 1963. На централниот собир учествуваа повеќе од 250.000 луѓе, црнци но и белци, и беше голем успех, без сомнение еден од главните настани во борбата за извојување на основните граѓански права. Говорот на Кинг, „Имам сон”, предизвика воодушевување меѓу присутните и се смета, заедно со Гетисбуршкото обраќање на Абрахам Линколн, за еден од најдобрите говори во историјата на американското говорништво.
Поради својата посветеност на ненасилниот отпор при спротивставувањето на расните предрасуди во САД, на 14 октомври 1964 на Кинг му беше доделена Нобеловата награда за мир. Така, Кинг, на 35-годишна возраст, стана најмладиот добитник на Нобеловата награда за мир.
Од 1965, Кинг почнува да изразува сомнежи во врска со улогата на САД во Виетнамската војна. На 4 април 1967 - точно една година пред неговата смрт - Кинг одржа говор кој беше остро насочен против улогата на САД во војната, инсистирајќи дека САД е во Виетнам „за да го окупира како американска колонија”, при што го нарече САД „најголем испорачувач на насилство во светот денес”.
Иако беше внимателен во своите јавни говори во врска со прераспределбата на богатството, плашејќи да не биде обвинет за комунизам, во приватните разговори понекогаш ја изразуваше својата приврзаност кон демократскиот социјализам: „Мора да постои подобра распределба на богатството и можеби Америка мора да се движи кон демократски социјализам.”
Атентатот
уредиВо прилог на својата посветеност на намалувањето на социјалните разлики, во 1968 Кинг ја организира „Кампањата на сиромашните”, која кулминира со марш до Вашингтон, при што на 3 април Кинг одржа говор во врска со сиромаштијата.
Следниот ден врз Кинг беше извршен атентат во Мемфис, Тенеси, додека се подготвуваше да предводи марш во знак на поддршка на синдикатот на санитетските работници од Мемфис. На неговиот погреб присуствуваа околу 300.000 луѓе.
Извршител на атентатот беше Џејмс Ерл Реј, а многумина се сомневаат дека владата беше вмешана во атентатот врз Кинг. Она што сигурно се знае е дека Федералното истражно биро уште од 1961 почна да се интересира за Кинг, поради сомневања дека е поврзан со комунистите.
Литература
уреди- Мартин Лутер Кинг, „Автобиографијата на Мартин Лутер Кинг Помладиот“, КСЦ/Полица, Скопје, 2019.