Македонство
Македонство (или македонизам) — национална идеологија и политичка доктрина заснована на чувството на македонска припадност и македонската национална самобитност, што се обосновува со античко македонското наследство[1], во поткрепа на националната посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните народи. Односно, македонизмот (или македонството) е национална концепција во борбата за етнокултурна и државно-политичка еманципација на македонскиот народ како посебен ентитет во словенскиот свет[2]. Самиот поим македонство може да означува: севкупност на особините на Македонците; чувство на припадност кон македонскиот народ; целокупност на македонскиот народ, cите Македонци[3], а во тој однос најтесно се поврзува и со изразот македонштина.
|
Основи и идејни претпоставки
уредиОсновата и целта на македонството е преку истакнување и афирмација на македонската национална посебност да се истакне правото за основање и создавање на македонска национална држава. Македонството како идеја и идеологија својата појава ја темели во процесот на македонската национална преродба во втората половина на XIX век, кога одредени преродбеници и национални дејци повикувајќи се на македонското античко наследство ја поткрепуваат својата борба и залагање најпрвин за национално и духовно ослободување во однос на грчкиот, а потоа и на бугарскиот и српскиот национализам, национална пропаганда и големодржавни идеи. Идејата на македонството и македонизмот, како доктрина опстојува и подоцна во периодот по поделбата на Македонија, периодот балканските и двете светски војни во екот на национално-ослободителните борби, како и после периодот на осамостојувањето на Македонија, сѐ до денес. Македонизмот како идеја и национална македонска доктрија е отворено негативно прифатен и осудуван од официјалните политики на Бугарија и Грција, а има идеолошки и политички противници и во самото македонско општество и политички живот како од политичките партии и поединци на етничките заедници, но и на етнички Македонци.
Иако е јасно препознаен и идентификуван како национална идологија и доктрина во Македонија и во странство, особено во соседните држави, македонизмот или македонството, не е јасно теоретски образложен и конципиран во современа политичка и идеолошка смисла и објавен во посебно дело, ниту пак е конкретно промовиран од државните установи или политичките партии. За првична концептуализација на македонстовото како конкретна политичка доктрина, може да се земе книга За македонцките работи од Крсте Петков Мисирков, објавена во 1903 година. Во неа се истакнати и објаснети сите основни постановки на македонската национална самобитност, преточени во засебните поглавја, како што се: аргументи за етнографската целовитост и засебност на Македонија и Македонците, размисли за македонскиот литературен јазик како орудие и алатка за национална емаципација и делување (преку просветата и науката), согледби и идеи за политичкото делување на Македонците во тогашните политички услови (воведување македонска народност во отоманските нуфузи итн).
Според академик Љупчо Коцарев под македонство се подразбира: прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски, да бидам прецизен – милениумски континуитет; второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството, како и низ целиот свет[4].
Појава
уредиПојавата на македонството како политичка идеологија ги наоѓа своите почетоци во времето на македонската национална преродба во XIX век, кога меѓу македонското население во Македонија во период на националното будење биле присутни три национални тренда: македонизмот на масата или нашизам и двата спротивставени трендови на интелигенцијата македонобугаризмот и македонизмот[5] од кој понатаму ќе се развива македонството.
Национален сепаратизам
уредиКако плод на идејните и идејалните конструкции од борбата на македонскиот народ за своја национална слобода, својот највисок идеолошки и теоретски израз и облик македонството го добива во идеологијата за националниот сепаратизам[6], која е нашироко и детално најдобро објаснета од Крсте Петков Мисирков на почетокот на XX век во неговата книга За македонцките работи и статиите посветени за Македонскиот национализам и сепаратизам објавувани во печатот.
Основните претпоставки за појавата и развивањето на идеологијата за навионалниот сепаратизам (кај Македонците) односно отцепувањето, одделувањето на македонските интереси од интересите на другите балкански држави се наоѓаат во следните чинители: постоење на посебна македонска нација со изразито присуство и постоење на национална свест и чувство за национална самобитност, постоење на македонски национални идејали, постоење на одделни македонски интереси за разлика од интересите на другите балкански држави, постоење на одделна македонска национална програма заради остварување на националните идејали и националните интереси н македонскиот народ, постоење на самостојна македонска наука која ќе тргнува од свои самостојни македонски гледишта, самостојна книжевност (литература) и јазик, самостојни македонски собири (другарства), самостојна православна македонска црква (Охридска архиепископија) и најпосле постоење на силен македонски национален дух, како израз на самостојниот духовен живот на македонскиот народ[6].
Развивањето на македонската политичка мисла и наука, на македонската култура и литература, на македонскиот јазик и народно творештво (фолклор), обичаи и традиција, односно развивање на сѐ што е посебно, оригинално и македонско е основиниот услов и претпоставка во развивањето на националниот сепаратизам како единствен начин да се одделат интересите на македонскиот народ од интересите на балканските народи, коишто им ги наметнуваат на македонскиот народ преку присутвото на туѓите пропаганди во Македонија[6].
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже (2013). Македонски работи. Скопје: МАНУ. стр. 12. ISBN 6082030958.
- ↑ Колемишевски, Панде (13 јули 2018). „Демакедонизација наместо македонизам“. Нова Македонија. Посетено на 16 јули 2018.
- ↑ „Македонство“. Дигитален речник на македонскиот јазик. 22 јануари 2019. Посетено на 24 јануари 2019.
- ↑ Коцарев, Љупчо (9 март 2024). „Во предвечерјето“. Нова Македонија. Посетено на 11 март 2024.
- ↑ Rosos, Andrew (2008). Macedonia and the Macedonians: a history. Hoover Institution Press, the University of Michigan. стр. 106.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Мукоска - Чинго, Весела (1998). Концептот на македонската држава во идејната платформа на ВМРО и Македонската колонија во Русија. Скопје - Мелбурн: Матица македонска. стр. 144–145. ISBN 9989-48-026-5.