Љупчо Коцарев

македонски научник и професор
Ова е објавената верзија, проверена на 13 април 2024. Има 1 промена во исчекување на проверка.

Љупчо Коцарев (р. 25 февруари 1955 во Скопје) — македонски научник и професор од областа на физиката, техничките и компјутерските науки. Член на МАНУ[1]. На изборното собрание на МАНУ одржано на 25 ноември 2019 година, Коцарев бил избран за претседател, чиј мандат започнал на 1 јануари 2020 година, заменувајќи го Таки Фити.

Љупчо Коцарев
Љупчо Коцарев
XI Претседател на МАНУ
На должноста
Стапил
2020
Претходник Таки Фити
Лични податоци
Роден(а) февруари 25, 1955(1955-02-25)
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Родители Милчо Коцаре
Живеалиште Скопје
Установа Електротехнички факултет во Белград, Инситут за Физика при Пририродно-математички Факултет во Скопје

Образование и работен век

уреди

Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до 2011 година бил вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од формирањето на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во 2011 година до денес е вработен на истиот[2]. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД). За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.

Научна дејност

уреди

Научниот интерес на академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физиката, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во списанија со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) списанија без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Science (Science Citation Index) 6384 (6133 без самоцитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11.248 пати (податоците од 25-10-2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Elsevier статиите публикувани во Elsevier се видени/пристапени преку порталот на издавачот 18.946 пати (податоци до септември 2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на преземени (download) текстови од книгите кои ги едитирал акад. Коцарев е 36.500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе научноистражувачки проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Награди

уреди

Во 2019 година, Коцарев ја добил наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.[3][4]

Наводи

уреди
  1. Д-р Љупчо Коцарев Архивирано на 3 јули 2018 г. на семрежното место на МАНУ
  2. Љупчо Коцарев на семрежната страница на ФИНКИ
  3. „11 ОКТОМВРИ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА ПЕПИ МИРЧЕВСКИ, ДИМИТРИ ДУРАЦОСКИ И ЉУПЧО КОЦАРЕВ на семрежното место на САКАМ ДА КАЖАМ
  4. „Награда за животно дело за глумецот Мирчевски“, Слободен печат, година VII, број 1783, стр. 17.