Лазаровци

село во Општина Кичево
(Пренасочено од Лазоровци)

Лазаровци — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.

Лазаровци

Поглед кон Лазаровци

Лазаровци во рамките на Македонија
Лазаровци
Местоположба на Лазаровци во Македонија
Лазаровци на карта

Карта

Координати 41°32′4″N 20°59′44″E / 41.53444° СГШ; 20.99556° ИГД / 41.53444; 20.99556
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Горно Кичево
Население 90 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6262
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12040
Надм. вис. 670 м
Лазаровци на општинската карта

Атарот на Лазаровци во рамките на општината
Лазаровци на Ризницата

Етимологија

уреди

За името на селото не се знае точното потекло. Некои го поврзуваат со кнезот Лазар, а други со селото Лазарополе.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Улица низ селото

Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, недалеку од самиот град Кичево, во североисточна насока и може да се каже дека припаѓа на неговата рурбална зона.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 670 метри.[3] Од градот Кичево е оддалечено 4,5 километри.

Селото се наоѓа во непосредна близина на градот Кичево од неговата североисточна страна. Сместено е помеѓу планинската падина на Голи Рид на исток и котлината на запад. Околни села се: Мамудовци и Стрелци.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Сташинец, Бара, Букоа Вода, Косто Изворче, Гавранов Камен, Бабино Кладенче, Митроо Ливадче, Мојсоо Лединче, Павлеа Нива, Подлеска, Бероец, Бакалишта, Рампелејца, Средорек, Еѓупска Ледина и Долна Ледина.[4]

Селото има збиен тип. Не е поделено на маала, бидејќи е мало. Сепак, роднинските куќи се групирани и се поблиску една до друга.[4]

Историја

уреди
 
Стара куќа во селото

Постои традиција дека селото е доста старо, за што говори и фактот малата средновековна црква „Св. Ѓорѓи“. Првпат било забележано во историските извори, во втората половина на XV век под истото име, кога имало 31 словенско-христијанска куќа,[4] во кои живееле 9 семејства и 1 вдовица, сите христијани.[5]

Селото некогаш се наоѓало на месноста Петко’и Куќи, што е забележано во предание додека во котлината имало вода.[2]

Денес, во селото не постојат староседелски македонски родови. Кога дошле предците на денешните најстари родови (Орешковци и Павлевци) пред околу 200 години, тие ја нашле само напуштената црква. Остатоци од некогашни куќи се сретнуваат кај месностите Сташинец и Попоа Вода.[4]

Во село Лазоровци постоеле главешини, Ванче Петроски и Дели-Митре. Тие го спасиле селото од Арнаутите, кои сакале да го заземат исто како што сториле со останатите околни села. Со цел да го спаси Лазаровци, Дели-Митре морал на Арнаутите да им го отстапи Ериновци. Лазоровчани во минатото често велеле „Ние сме паѓале од оф на леле!“.[2]

Во XIX век, Лазаровци било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Во XIX век, селаните не можеле да ја напасуваат својата стока во својот атар, бидејќи во тоа биле спречувани од страна на муслиманите од околните села. Поради тоа, околу 1850 година, селаните го повикале Арнаутинот Мамуд од соседното село Црвивци да ги заштитува,[4] за што тие му плаќале. Така, Мамуд го населил некогашното христијанско село Ериновци, кое одамна било опустошено од страна на турскиот аскер.[4]

При ослободувањето од отоманската власт, Лазаровци имало 13 куќи.[4]

Стопанство

уреди

Атарот е мошне мал и зафаќа простор од само 2,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 94 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 80 хектари, а на пасиштата 34 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948153—    
1953168+9.8%
1961151−10.1%
1971166+9.9%
1981138−16.9%
ГодинаНас.±%
1991118−14.5%
1994110−6.8%
200288−20.0%
202190+2.3%

Според податоците од 1873 година, селото Лазаровци имало 16 домаќинства со 88 жители христијани (Македонци).[6]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 130 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Лазаровци имало 104 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лазаровци се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 16 куќи.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[10]

Лазаровци е мало село, коешто во 1961 година имало 151 жител, а во 1994 година 110 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Лазаровци живееле 88 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 90 жители, од кои 50 Македонци, 35 Албанци, 1 Србин и 4 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 130 104 153 168 151 166 138 118 110 88 90
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Лазаровци е чисто македонско православно село. Селото е старо по постанок, но во него родовите често се менувале.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Орешковци или Петревци (4 к.), доселени се на самиот крај од ХVIII век од селото Крапа, го знаат следното родословие: Борис (жив на 62 г. во 1961 година) Ванчо-Томче-Решко или Орешко; Павлевци (2 к.) овде се смета и едно домазетско семејство, доселени се однекаде во исто време кога и Орешковци; Ѓуревци (3 к.), доселени однекаде; Мојсовци (2 к.) и Билевци (2 к.), доселени во XIX век од селото Црвивци, бегајќи од Арнаутите. Во Билевци се знае следното родословие: Ристе (жив на 35 г. во 1961 година) Лазо-Цоле-Биле, кој се доселил; Трпчевци (5 к.) доселени се од соседното село Стрелци, таму живееле во маалото Раковци; Топлевци (3 к.) доселени се од селото Турје, во Дебрца; Крстевци (3 к.) и Вељановци (1 к.), доселени се од селото Крапа и Петревци (1 к.), потекнуваат од предокот Козмо кој дошол како домазет од селото Осој.

Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[2] Топлевци (2 к.), Петровци (1 к.), Ѓуровци (3 к.), Павлевци (2 к.) и Деспотовци (2 к.), староседелци; Мојсовци (2 к.), доселени се од селото Црвивци; Вељановци (2 к.), доселени се од селото Крапа во Порече; Билевци (3 к.), доселени се од селото Црвивци; Трпчевци (8 к.), доселени се од селото Стрелци.

Иселеништво

уреди

Во Кичево живеат 5 домаќинства од родовите Ристевци и Билевци. Родот Стефановци се иселиле во селото Староец.[4]

По Втората светска војна иселеништво има најмногу во Кичево.

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Кичево.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Лазаровци, се наоѓале и селата Арангел, Гарани, Жубрино, Мамудовци, Ново Седо, Осломеј, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Стрелци, заедно со селата Гарани, Лазаровци, Мамудовци, Премка, Стрелци и Шутово.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0753 според Државната изборна комисија, сместено во селскиот дом.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 81 гласач.[18]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 83 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
Археолошки наоѓалишта[20]
Цркви[21]
  • Црква „Св. Ѓорѓи“ — средновековна селска црква, прогласена за споменик на културата на Македонија

Личности

уреди
Личности родени или кои живееле во Лазаровци

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 173. Посетено на 27 декември 2020.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 28–29.
  5. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.231
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 255.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 34.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 декември 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 ноември 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
  19. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 27 декември 2020.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди