Карловце

село во Општина Старо Нагоричане

Карловце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Карловце

Поглед на главниот дел од селото Карловце

Карловце во рамките на Македонија
Карловце
Местоположба на Карловце во Македонија
Карловце на карта

Карта

Координати 42°15′52″N 21°52′40″E / 42.26444° СГШ; 21.87778° ИГД / 42.26444; 21.87778
Регион  Североисточен
Општина  Старо Нагоричане
Област Козјачија
Население 5 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1302
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17045
Надм. вис. 405 м
Карловце на општинската карта

Атарот на Карловце во рамките на општината
Карловце на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Населбата се наоѓа во областа Козјачија, во северниот дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, од левата страна на реката Пчиња. Селото е раштркано и има ридски карактер, чии маала се издигаат на надморска височина околу 405 метри.[2] Од градот Куманово селото е оддалечено 30 километри.[2]

Селото се наоѓа мала висорамнина, лево и десно од долината на реката Бистрица, притока на Пчиња.[3]

Атарот е мошне мал и зафаќа површина од само 2,8 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 132 хектари, на пасиштата отпаѓаат 110 хектари, а на шумите само 29 хектари.[2]

Карловце е село од разбиен тип. Десно од Бистрица се маалата Тодоровци (3 к.) и Ќелинци (2 к.), додека лево од неа се маалата Ридарци (6 к.) и Стојановци (3 к.).[3]

Историја

уреди

На атарот на Карловце нема остатоци на старини. Населбата спаѓа во релативно младите села во Кумановско. Основачи биле две домаќинства од кои потекнуваат денешните родови, Ќелинци и Стојановци, кои се доселиле од негде, веројатно во првата половина на XIX век.[3]

Карловце најпрвин се наоѓало во дното на долината на Бистрица, месноста Грашиште. Таму се наоѓало до 1870 година. Потоа, жителите се поделиле на маала.[3]

Во XIX век, Карловце било христијанско село во рамките на Кумановската каза на Отоманското Царство.

До 1912 година, селото било подложни на грабежи од Арбанаси од селата Мутилово и Бугариња од Прешевско. Најчесто краделе волови и овци.[3]

Стопанство

уреди
 
Одгледување овци во селото
 
Поглед на селото
 
Изолирана куќа, дел од селото

Селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Поради лошите услови во селото, неговите жители честопати оделе на печалба. Во текот на отоманскиот период, оделе во Романија и Бугарија како пекари и ѕидари. Во текот на двете светски војни оделе во Србија, а по завршувањето на Втората светска војна се одело во Германија.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948127—    
195378−38.6%
196177−1.3%
197166−14.3%
198134−48.5%
ГодинаНас.±%
199118−47.1%
199416−11.1%
200211−31.2%
20215−54.5%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Карловце имало 126 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Карловце имало 120 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.[6]

Карловце е мала населба, која што во 1961 година броела 77 жители, а во 1994 година само 16 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Карловце имало 11 жители, сите Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, од кои 4 Македонци и 1 лице без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 126 120 127 78 77 66 34 18 16 11 5
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови

уреди

Малобројното население на Карловце потекнува од предоците на доселените. Родови се: Ќелинци (2 к.) и Стојановци (2 к.), слават Свети Никола; Тодоровци (3 к.), слават Свети Никола, со потекло од селото Бајловце, го знаат следното родословие: Ѓоргија (жив на 70 г. во 1970 година) Илија-Каравил, кој се доселил; Раманчани (4 к.), слават Свети Архангел, доселени во 1912 г. од селото Рамно; Иванковчани (2 к.), слават Свети Архангел, доселени помеѓу двете светски војни од Иванковци во Горна Пчиња.[3]

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Жегљане, во која влегувале селата Жегљане, Карловце, Кокино, Коинце и Степанце.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Карловце се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Жегљане, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце.

Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане.

Иселеништво

уреди

Родот Гарејци (4 к.) се иселил во соседното Степанце. Во поново време, иселувањата биле кон градот Куманово.[3]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 148. Посетено на 17 април 2017.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје. |access-date= бара |url= (help)
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 март 2017.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.

Надворешни врски

уреди