Зрзески манастир

манастир во Македонија
(Пренасочено од Зрзенски манастир)

Зрзески манастир (се среќава и како Зрзенски манастир или Зрзевски манастир) или манастир „Св. Спас[1][2]манастир во средишниот дел на Македонија, на јужните падини на планината Даутица, во близина на селото Зрзе.[3] До него се пристигнува по асфалтен пат којшто поминува низ прилепските села Ропотово, Пешталево, Костинци и Зрзе.[4] Манастирот е прогласен за споменик на културата. Тој е епископско седиште на хераклејскиот епископ Климент.[5]

Зрзески манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно имеЗрзенски манастир
Други имињаМанастир „Св. Преображение“
Манастир „Св. Спас“
Манастир на:МПЦ - ОА
Посветен наСвети Никола
ЕпархијаПреспанско-пелагониска
ЦрквиЦрква „Св. Преображение“
Црква „Св. Петар и Павле“
Личности
Место
Местово близина на Зрзе, Општина Долнени Македонија Македонија
Координати41°31′17″N 21°20′30″E / 41.52139° СГШ; 21.34167° ИГД / 41.52139; 21.34167
Видливи остатоцидве цркви, конаци, ѕвоно, чешми, стопански и помошни објекти
Отворен за јавностада
Други информации(Долненско-секиречка парохија)

Манастирот најверојатно бил изграден некаде во XIV век од монахот Герман за време на владеењето на српскиот цар Стефан Душан, што е поткрепено со натписот сместен на надворешниот ѕид од јужниот влез на главната манастирска црква.[5] Првобитната манастирска целина зафаќала површина од околу 7.000 м2. Таа имала утврдени ѕидини и одбранбени кули, а нивниот распоред е забележлив и во денешниот изглед на манастирот кој е со помала површина.[6] Денес, манастиската целина ги вклучува црквите „Св. Преображение“ и „Св. Петар и Павле“, а како негов метох се јавува и црквата „Св. Никола“ во селото Зрзе.

Во манастирот има активен монашки живот, а откриено е постоење на средновековна монашка населба којашто со сигурност броела 48 функционални целини, познати како испосници, тихувалишта, платоа за општење и сл., како и делови од уште 17 објекти.[7]

Историја

уреди
 
План на наоѓалиштето Кале северно од манастирот.

Монашкиот живот на ова место најпрвин се одвивал во месноста Кале, кое се наоѓа на околу 150 м североисточно од овој манастир.[8] За ова сведочат остатоците од стара базилика, во укрепено место кое некогаш служело и како збег за населението.[9]

Манастирот претрпел повеќе уривања и обновувања низ историјата, а за тоа сведочат и документите за активниот живот во него од периодот на изградба на манастирската црква во XIV век. Во црквата и на нејзините доградби се сочувани повеќе натписи кои даваат сознанија за историјата на манастирот, неговата архитектура, фрескописот, иконописот и другите активности во него. Во близина на манастирот се откриени и остатоци од цркви посветени на Свети Константин и Елена, Свети Архангел Михаил и Свети Атанасиј, што укажува дека во манастирот имало монашки живот, а овие цркви веројатно претсавувале манастирски скитови. Недалеку од манастирот е откриена и ранохристијанска базилика од V-VI век во којашто во 1963/1964 година бил пронајден бакарен крст енколпион.[6]

Првични податоци за црквата се добиваат од обемниот текст над поранешниот јужен влез на црквата од надворешната страна којшто денес е тешко читлив. Текстот бил напишан во 1400 година и од него се дознава дека манастирот бил подигнат од страна на монахот Герман. По неговата смрт, управувањето со манастирот го презеле неговите внуци митрополитот Јован и неговиот брат Макариј — обајцата зографи. Со потпаѓањето под отоманска власт, браќата му го препуштиле манастирот на нивниот кмет Константин и на неговите синови Јаков, Калојан и Димитар. Манастирот почнал да пропаѓа по смртта на кметот Константин и веројатно на неговите синови, па во почетокот на XVI век имало сериозни оштетувања, а дури биле урнати и сводовите на црквата. Првобитната црква била обновена околу 1535 година, кога дошло и до ново зографисување.[6]

Во првата половина од XVII век биле извршени пообемни зафати за проширување на манастирската целина, така што кон северната страна била доградена црквата „Св. Петар и Павле“, а подоцна била обновена и станала позната како „Овчарска црква“. Доградба од тој период имало и на јужната страна, каде што денес се забележуваат остатоци во темелите. Кон западниот дел, како и кон придодадените северен и јужен додаток на црквата „Св. Преображение“ бил дограден отворен трем на дрвени столбови. Но, кон средината на XVIII век, во манастирот се засолнил османлискиот одметник војводата Матлија, кој вршел напади и грабежи, а притоа настрадал и манастирот. Во текот на XIX век, доградби биле извршени на „Св. Петар и Павле“, целосно бил соѕидан надворешниот трем на црквата „Св. Преображение“, а во тој период била подигната и камбанаријата.[6]

Последното обновување на манастирот било завршено во февруари 2015 година со финансиска поддршка од Министерството за култура. Со зафатите бил обновен манастирскиот конак, а биле обновени и маѓерницата, кулата до влезната порта, североисточниот бедем, како и горната порта. Истовремено со обновувањето на манастирот бил изграден и локалниот пат којшто води до манастирот, а зафатот бил изведен од страна на Јавното претпријатие за државни патишта.[10][11]

Градби

уреди

Во склоп на манастирот влегуваат две цркви, монашки конаци, манастирско ѕвоно, неколку чешми, стопански и помошни објекти. Во минатотом, манастирот поседувал имот кој вклучувал: корија во планините Баба и Краста; воденица крај селската река; лозја во околината на селото од кои манастирот берел 50-60 товари лозје; чифлик во селото со две куќи и 200 слогови за два плуга, земја за еден плуг во селото Маргари; и по една ливада во селата Зрзе и Маргари, од кои на зрзеската се коселе 80-100 коли сено, а на маргарската 20-30 коли. Манастирот во минатото произведувал и тутун, но Турците и Арнаутите го присвоиле правото за садење тутун затоа што го криумчареле и го продавале по ниски цени на откупувачите.[5]

Црква „Св. Преображение“

уреди

Црквата била изградена во XIV век, а била обновена околу 1535 година. Таа претставува засводена еднокорабна црква со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида. Фрескописот во внатрешноста на црквата бил изработен во XVI и XIX век.[5][12]

Црква „Св. Петар и Павле“

уреди

Црквата била изградена во XVII век, а била доградена во текот на XIX век. Во внатрешноста на црквата има фреска на којашто е претставен овчар во народна носија за кого постои легенда дека бил убиен додека бел од арнаутите. Поради оваа легенда, храмот е познат и како „Овчарска црква“.[6]

Ѕвоно

уреди

Манастирското ѕвоно се наоѓа во неговиот средиштен дел, во близина на црквата „Св. Петар и Павле“. Тоа е прикачено на бела мермерна рамка којашто се издига над еден од манастирските ѕидови. На него се среќава следниот натпис на српски јазик:

Сие звоно приложено цркви Зерзанској в окружие Прилепском храма св. Преображенију… Господином ктитори ереи Христофор и Костантин Ђеорђевић жител Зерзески. У Новом Саду, 1837. Салио… Георгие Јосиф Петровић.[5]

Археолошки наоди

уреди

Во манастирската целина е сместено истоименото археолошко наоѓалиште, каде што се пронајдени бројни артефакти коишто потекнуваат од времето пред изградбата на манастирот. Од бронзенето време се откриени пештера во карпа под подот на средновековна пештерна црква со остатоци од керамички садови коишто се калцифицирани врз површината карпата; од раноантичкиот период се среќаваат остатоци од објекти во западниот дел од манастирскиот двор; а од доцноантичкиот период се откриени акропол распространет на горното плато од бигорската карпа во облик на утврдување (со бедеми, кули и сл.), необѕидано подградие со градби распространети на јужните и источните падини од возвишението, како и ранохристијанска базилика од V-VI век на висорамнинката, на околу 100 метри северно од манастирот. Откриени се и единечни наоди од садова керамика од бронзеното време и раната антика при нестручни ископувања или како површински наоди.[4]

Артефакти во дворот на манастирот

Монашка населба

уреди
 
Испосник во бигорската карпа

Во периодот од 2008 до 2009 година биле спроведени систематски археолошки истражувања на јужната, источната и северната падина на бигорската карпа, како и на делови од горното плато на карпата. Со истражувањето биле откриени остатоци од средновековна монашка населба, којашто со сигурност броела 48 функционални целини, познати како испосници, тихувалишта, платоа за општење и сл., како и делови од уште 17 објекти. Составните делови на монашката населба се распоредени на седум рамништа, а од стратиграфските анализи и функционални согледувања се издвојуваат три основни периоди на постоење.[7]

Првиот период го опфаќа времето од крајот на IX до последните декади од XI век. Ваквата времеследна определба е потврдена со големиот број остатоци од керамички садови налик на оние пронајдени во средишните делови на Балканскиот Полуостров од тој период. Овој период се одликува со 13 функционални целини, во најголем дел испосници, кои се распоредени во горните делови од јужните, источните и северните падини на бигорската карпа. Овие објекти биле изградени со помош на природни вдлабнатини, т.е. пештери, во бигорската карпа, зарамнетите платоа образувани по исцрпувањето на бигорот во периодот од III до IV век, како и зарамнетите површини врз срушените објекти од доцноантичкиот период.[7]

Вториот период го опфаќа времето од раниот XII до првите декади на XIV век. Со него се поврзуваат 10 функционални единици, како и делови од уште пет објекти, вклучувајќи ја јужната пештерна црква, четири испосници со јасно одвоен простор за живеење и пет тихувалишта на кат во внатрешноста на карпата. Од особено значење за овој период е изградбата на целината на средишната пештерна црква, која, покрај црквата, е сочинета уште од: надворешна припрата, три тихувалишта на кат и параклис. Во врска со градбените методи од овој период карактеристични се употребата на внимателно обработени подни камени плочи.[7]

Третиот период го опфаќа времето од третата декада на XIV до последните декади на XV век, по што се јавува нагласено напуштање на монашката населба врз падините од карпата и пренесување на содржините на просторот од горното плато на бигорската карпа. Овој период се поврзува со почетоците од постоењето на манастирската црква изградена врз горното плато од бигорската карпа и се одликува со понатамошно постоење на поголем дел од испосниците, тигувалиштата и платоата за општење, а во работниот дел на испосниците е забележително усовршување на техничко-технолошките постапки со јасно разликување на печките, огништата, работните платоа и сл.[7]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Снегаров, Иван. История на Охридската архиепископия-патриаршия, т.2. Второ фототипно издание. София, Академично издателство „Проф. Марин Дринов“, 1995, [1932]. ISBN 954-430-345-6. с. 444-445.
  2. Филов, Богдан. „Пътувания из Тракия, Родопите и Македония 1912-1916“, съставител Петър Петров, София, 1993, стр. 168-171.
  3. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 21. ISBN 978-608-65143-2-7.
  4. 4,0 4,1 Александар Матески, „Зрзе“, Економија и бизнис, година 19, број 226, април 2017, стр. 106-107.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Манастир „Свето Преображение”, Зрзе“. OldPrilep. 7 април 2012.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 157–165. ISBN 9989-48-558-5.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Р., Б.. „Монашка населба – „Свето Преображение”, Зрзе“. OldPrilep. 28 март 2014.
  8. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 300-301. ISBN 9989-649-28-6.
  9. Микулчиќ, Иван (1996). Средновековни градови и тврдини во Македонија. Скопје: МАНУ. стр. 259-291. ISBN 9989-756-06-6.
  10. „Реконструиран манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе“, Утрински весник, година XVI, број 4723, понеделник, 2 март 2015, стр. 16.
  11. „Реконструиран манастирскиот комплекс „Св. Преображение“ во Зрзе“, Дневник, година XIX, број 5704, сабота, 28 февруари 2015, стр. 8-9.
  12. Манастир „Свето Преображение”, Зрзе — фрескоживопис“. OldPrilep. 7 декември 2011.

Надворешни врски

уреди