Загрос

планински венец во Иран и Ирак
(Пренасочено од Загрос (планински венец))

Загрос (персиски: رشته كوه زاگرس, курдски: زنجیره‌چیاکانی زاگرۆس, лурски: کو یه لی زاگروس, арапски: جبال زغروس, асирски новоарамејски: ܛܘܪ ܙܪܓܣ) — најголемиот планински венец во Иран и Ирак, со вкупна должина од 1.500 км. Се протега накосо од северозападен Иран, по целата должина на западниот и југозападниот дел на Иранската Висорамнина, па завршува во Ормускиот Проток. Највисоки планини во венецот се Зардкух и Дена. Системот има и источен крак во облик на масивот Хазаран во покраината Керман, при што Џебал Барез доаѓа дури до Систан.

Топографска карта на Иран со венцот Загрос
Загрос од вселената во 1992 г.

Екологија

уреди

Планините на Загрос опфаќаат неколку екосистеми. Од нив преовладуваат шумските и шумостепските предели со полусува клима. Во средните и повисоките планински предели преовладува шумостепскиот екорегион[1]. Годишното количество на врнежи се движи од 400 до 800 мм и се јавува претежно во зима и на пролет. Зимите се остри и со мошне ниски температури (често −25 °C). Екорегионот е пример за континентална варијанта на средоземната климатска шема која е слична на онаа во Македонија — студени снежни зими и блага врнежлива пролет, проследена од суво лето и сува есен.[2]

Иако денес е пореметено поради преиспаша и обесшумување, подрајчето на Загрос има богат и разновиден растителен живот. Сè уште се среќаваат остатоци од некогашните дабови шумски предели, како и проретчените кории од ф’стак и бадем. На планините виреат и дивите предци на најзастапените прехранбени култури како пченицата, јачменот, леќата, бадемот, оревот, ф’стакот, кајсијата, сливата, калинката и грозјето.[3] Планините имаат и поголем број на загрозени видови, како што се загрошкиот глувчовиден крчок, ирачкиот трскар и пругавата хиена. Порано се мислело дека персискиот елен лопатар е исчезнат, но во најново време се пронајдени единки во јужниот дел на планиинте.

Историја

уреди

Во подножјето на Загрос се пронајдени знаци на земјоделски активности од барем 9000 години п.н.е.[4] во местата што подоцна станале градови како Аншан и Суза. Во тоа подрачје се наоѓа и пештерата Шанидар, каде се ископани останки од неандерталци.

Во местата Хаџи Фируз Тепе и Годин Тепе се најдени најстарите винарски визби (3500 и 5400 г. п.н.е.).[5]

Во пораните периоди на стариот век на планините живееле разни древни народи како Каситите, Гутејците, Асирците, Еламците и Митаните, кои повремено поаѓале во походи и ги заземале сумерските и акадските градови во Месопотамија. Некои места како Тел Базмусијан кај Шемшара биле од VI милениум п.н.е. до IX век н.е..[6]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Шумостепи на Загрос“ (PA0446) — Wildfinder (Светски фонд за природа) (англиски)
  2. Frey, W.; W. Probst (1986). Kurschner, Harald (уред.). „A synopsis of the vegetation in Iran“. Contributions to the Vegetation of Southwest Asia. Wiesbaden, Germany: L. Reichert: 9–43. ISBN 3-88226-297-4.
  3. Cowan, edited by C. Wesley; Nancy L. Benco; Patty Jo Watson (2006). The origins of agriculture : an international perspective (Ново. изд.). Tuscaloosa, Ala.: University of Alabama Press. ISBN 0-8173-5349-6. Посетено на 5 мај 2012.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  4. La Mediterranée, Braudel, Fernand, 1985, Flammarion, Paris
  5. Phillips, Rod. A Short History of Wine. New York: Harper Collins. 2000.
  6. Al-Soof, Behnam Abu (1970). „Mounds in the Rania Plain and excavations at Tell Bazmusian (1956)“. Sumer. 26: 65–104. ISSN 0081-9271.

Надворешни врски

уреди

33°40′N 47°00′E / 33.667° СГШ; 47.000° ИГД / 33.667; 47.000