Електронско банкарство

Електронското банкарство (англиски: e-banking) ги опфаќа банкарските активности што се извршуваат преку електронски средства, како што се: компјутери, банкомати, магнетни картички, чипови, тв-екрани, мобилни телефони итн. Електронското банкарство претставува техника на извршување на банкарските работи, односно начин на испорака на банкарските производи. Според тоа, техниката на испорака на банкарските производи е она што ги раздвојува електронското и традиционалното банкарство.[1]

Пет токени за авторизација, за електронско банкарство.

Појава и одлики уреди

Електронското банкарство се појавило поново време и се развива со брзо темпо во последните триесет години. Неговата примена и застапеност се поврзани со развојот на информациско-комуникациската технологија (компјутерите, интернет-мрежата, мобилната телефонија итн.). Исто така, распространетоста на електронското банкарство зависи и од некои други фактори, како што се: степенот на урбанизација на земјата, нивото на образование на населението, старосната структура итн. На пример, во сите земји, електронското банкарство претежно го користат лицата со повисок доход, со повисоко образование, помладите и градското население. Во секој случај, дури и во развиените земји, услугите од електронското банкарство повеќе ги користат претпријатијата, отколку луѓето.[1]

Овој вид банкарство е наменет за сите клиенти кои имаат отворено сметка во банката која нуди услуги од областа на е-банкарството. Сите клиенти, преку пополнување соодветен образец, може да станат корисници на оваа услуга, при што, банката му доставува на клиентот корисничко име и лозинка. На корисниците им е овозможено преку архивата да ги следат сите промени на својата сметка до три месеци наназад од моментот кога ќе се вклучат во е-банкарството. Плаќањето се врши на однапред регистрирани сметки на корисникот. Оваа предрегистрација на уплатата на корисникот претставува дополнителна заштита од злоупотреба на електронското банкарство од страна на трети лица. Корисниците можат по пат на пишувани пораки од банките да добијат потребни информации во врска со употребата на е-банкарството. Банката преку најразлични известувања го информира корисникот за сите важни работи кое се неопходни за непречено одвивање на електронското банкарство. За употребата на е-банкарството, банките наплаќаат соодветен надомест. Корисникот може да се откаже од овие услуги преку поднесување писмено барање за престанок на користење на услугите на е-банкарството. Од друга страна, банката може да на корисникот да му го одземе правото на користење на оваа услуга, доколку утврди дека корисникот не се придржува до правилата издадени од страна на банката.

Банките нудат различни услуги од областа на е-банкарството како, на пример:[2]

  • изводи и дневен промет во внатрешниот платен промет
  • состојбата на тековните сметки на граѓаните
  • состојбата на девизните сметки
  • увид во банкарските регистри
  • услужни програми
  • курсна листа итн.

Основни одлики на електронското банкарство се:[3]

  • Индивидуалност
  • Подвижност
  • Временска и просторна независност
  • Флексибилност и интерактивна работа

Погодности од електронското банкарство уреди

Предности на електронското банкарство се:[4]

  • клиентот може 24 часа на ден да извршува најразлични видови трансакции, за разлика од ограниченото работно време на банките,
  • од големо значење за клиентите е и временската погодност, кога од одредени причини, клиентите не можат да стигнат во банките за да извршат трансакции,
  • друга предност е и големиот пристап, односно клиентот за да може да ги користи услугите на е-банкарството потребно е да биде поврзан на интернет, со што тој може да извршува трансакции и да биде информиран од секаде во светот,
  • исто така, како предност може да биде и брзината на извршување на трансакциите, со што се намалува времето потрошено на чекање во просториите на банката,
  • преку електронското банкарство, клиентот може да ја изврши својата трансакција за многу краток временски период од само неколку минути
  • тоа им обезбедува приватност на корисниците на услугите.

Истовремено, електронското банкарство им овозможува одредени придобивки и на банките: пред сè, тоа се набљудува како начин на кастрење на трошоците во работењето, бидејќи ја намалува или целосно ја отстранува потребата од изнајмување простории, вработување банкарски службеници итн. Исто така, дури и кога не предизвикува намалување на трошоците, банките нудат услуги од областа на електронското банкарство за да ја одржат конкурентската положба на пазарот, односно заради одржување на постојните и придобивање нови клиенти.[1]

Недостатоци на електронското банкарство уреди

Од друга страна, електронското банкарство има и одредени недостатоци:

  • некои банкарски производи не се погодни за испорака преку електронски средства, бидејќи потрошувачите претпочитаат лични односи со банкарските службеници;
  • понатаму, воведувањето, одржувањето и осовременувањето на неопходната информациско-комуникациска технологија предизвикува значителни финансиски издатоци;
  • најпосле, од појавата на електронското банкарство, постојано се надвиснува прашањето за сигурноста на протокот на информациите при извршувањето на трансакциите.[1]

Понатаму, во електронското банкарство постојат следниве видови на ризици:

  • Оперативни ризици - нарушување на сигурноста (неовластен пристап), кражби од страна на вработените, фалсификување, како и грешки и проблеми во имплементацијата, управувањето, ризик на сервисот на семрежниот услужник, застареност на системот, негирање на трансакцијата од страна на корисникот итн.,
  • Ризици од губење на угледот и репутацијата - негативно јавно мислење,
  • Системски ризици - ризици од губење информации кои предизвикуваат недоверба во системот,
  • Законски ризици - нарушавање на законот - двосмисленост, перење пари, неадекватно откривање итн.,
  • Нарушување на приватноста - недостатоци во системот, постоење грешки, пробивање на системот итн.,
  • Банкарски ризици - кредитен ризик (долгот не е платен, бидејќи корисникот не е солвентен), ликвидносен ризик (можноста средствата да се претворат во пари без загуба на вредноста), каматен ризик (промени на пазарните каматни стапки), инфлација, валутен ризик итн.,
  • Ризици од криминални напади - измама, фалсификат, кражба, незаконско користење, наведување итн.

Форми на електронско банкарство уреди

Електронското банкарство претставува користење банкарски услуги и извршување на банкарски трансакции со посредство на компјутер или терминал, кој овозможува пристап до телекомуникациска мрежа за пренос на податоци. Од гледна точка на корисниците, електронското банкарство може да се групира како:

  • Куќно
  • Корпоративно
  • Меѓубанкарско

Исто така, електронското банкарство ги вклучува и системот за електронска размена на податоци за финансиските трансакции (SWIFT), како и банкоматите и POS-терминалите.

Банкомати уреди

Првиот чекор кон електронското банкарство бил појавата на банкоматите (Automated Teller Machines - ATMs). Освен подигање на готовина, тие овозможуваат и плаќање на сметки, дополнување на сметките на мобилните телефони, трансфер на средства на друга сметка и др. Банкоматот, всушност, претставува терминал за внесување податоци со два влеза (читач на картички и тастатура) и четири излези (звучник, монитор, печатач и касета за пари). Тој треба да биде поврзан со централниот опслужувач на банката (преку телефонска линија), со цел да се изврши верификација на ПИН-от кој корисникот го внесува за идентификација.

POS терминали уреди

POS терминалите (point-of-sale terminals, POS) претставуваат електронски системи кои ги поврзуваат потрошувачите, банките и трговците. POS терминалите служат за плаќање на купената стока во традиционалните продавници. Купувачот ја користи својата кредитна/дебитна картичка за да се поврзе, преку POS терминалот, со компјутерот на банката (од каде е издадена картичката) и да го изврши плаќањето. Преку терминалот се издава електронски налог до банката преку кој се врши трансферот на средства од сметката на купувачот на сметката на продавачот. Прво се врши идентификација на купувачот (со внесување на ПИН кодот) и проверка на важноста на картичката, потоа, компјутерот проверува дали има доволно средства на картичката и најпосле, се врши плаќањето.[5]

Платежните картички уреди

Платежните картички (payment cards, bank cards) претставуваат инструмент за безготовинско плаќање. Овие картички се користат за подигање пари од банкоматите, за плаќање на купените производи преку POS-терминалите, а често се користат и за плаќање на интернет. Кај платежните картички сигурноста е обезбедена преку идентификациониот број, кој се состои од дигитални знаци вградени на магнетна лента или на чип. Во зависност од тоа, картичките може да се поделат на:

  • Картички со магнетна лента
  • Паметни (smart) картички
  • Оптички картички.[5]

Електронски чекови уреди

Електронските чекови (e-checks) претставуваат дигитален документ кој има дигитален потпис. Со него, потписникот (сопственикот) на чекот му налага на банката да исплати одредена сума пари од неговата сметка (сметката на сопственикот) на корисникот на чие име гласи чекот. Притоа, времетраењето на дигиталниот чек е ограничено, што значи парите треба да се подигнат до точно одреден временски рок (потоа, чекот е неважечки).[5]

Електронски или дигитални пари уреди

Електронските пари (e-money, e-cash) се најголемото технолошко достигнување во развојот на електронското банкарство. Тие претставуваат замена за хартиените пари и може да се користат за плаќање на производи и услуги преку интернет или во деловната активност на банкарските мрежи (на пример, SWIFT).[5]

Домашно банкарство уреди

Домашното банкарство (Home banking) спаѓа во сферата на самоуслужно банкарство и се дефинира како систем за директно користење на банкарските услуги од дома. Тоа овозможува трансфер на средства, информации и налози преку телефон или компјутер кој, преку комуникациски линк, се поврзува со централниот опслужувач на банката. Заштитата на податоците од неовластени пристапи се врши преку употреба на посебен опслужувач (од страна на банките) во кој има инсталирано програма и база на податоци само за корисниците на услугите од домашното банкарство и кој мора да биде одделен од останатата интранет-мрежа.

Корисникот на оваа услуга, за да се најави на системот, потребно е да го внесе својот пин код (што претставува дел од заштитата). Кај домашното банкарство, разликуваме три фази, во зависност од комуникацијата меѓу банката и клиентот, а која зависи од развојот на телекомуникациските системи:

  • Телефонско банкарство
  • Оn-line банкарство
  • Интернет-банкарство

Телефонско банкарство уреди

Телефонското банкарство (Теlephone banking) се појавува во 1970-тите години и овозможува добивање информации за состојбата на сметката и издавање налози за плаќање преку телефон. На клиентите им се нуди оваа услуга во текот на работното време на банката, при што клиентот треба да се јави на одреден телефонски број и да го информира операторот за бројот на својата сметка и сигурносниот код. Крајната цел на овој систем е приближување на банките до клиентите и овозможување поедноставна услуга, без додатен напор, односно доаѓање на клиентот во банката. Со овој систем, клиентот може да користи услуги на банката од дома.[5]

Оn-line банкарство уреди

Кај оn-line банкарството (Оn-line banking), банкарската трансакција се извршува преку директна врска помеѓу клиентот и банката, со користење специјализиран софтвер, кој е инсталиран на компјутерот на клиентот. Притоа достапни се следниве услуги:

  • Достапност до банкарската сметка 24 часа во текот на денот.
  • Увид во тековната состојба на сметката и плаќање на некои сметки.
  • Пренос на средствата од една сметка на друга.
  • Закажано плаќање на одреден термин кое ќе се изврши автоматски итн.

Сепак, овој вид банкарство има и одредени недостатоци:

  • Потребен е софтвер кој треба да се плати и да се инсталира на компјутерот на клиентот. Потребно е време за инсталација, но и време за клиентот да научи како да го употребува софтверот.
  • Клиентот е ограничен да ја користи услугата само на компјутерот на кој е инсталиран специјализираниот софтвер.
  • Податоците за банкарската трансакција останува на тврдите дискови и овозможува некој да дојде до нив, односно да настане злоупотреба.[5]

Интернет-банкарство уреди

Интернет-банкарството (Internet banking) претставува банкарство кое се одвива од дома со посредство на интернет-мрежата. За извршување на банкарските трансакции не е потребен специјален софтвер, туку тоа може да се врши од секој компјутер и од секое место каде што има пристап до интернет. Притоа, податоците за трансакцијата не се складираат на тврдиот дискот на компјутерот, со што е остварен одреден степен на заштита. Банките се тие кои се грижат за заштита на податоците, односно за одржување на сопствениот хардвер и софтвер. Интернет-банкарството нуди најевтини банкарски услуги, достапност 24 часа на ден, без физичко ограничување. Тој е практичен, економичен и најбрз начин на остварување на банкарските услуги од дома.

Мобилно банкарство уреди

Мобилното банкарство (Mobile banking) е најнов тренд во електронското банкарство. Тоа претставува начин на извршување на банкарските услуги со употреба на мобилен телефон или сличен апарат.

Електронското банкарство во Македонија уреди

Народната банка на Македонија го дефинира електронското банкарство на следниов начин: „Електронското банкарство подразбира понуда на банкарски услуги и производи преку интерактивни електронски комуникациски канали, како што се пристап до финансиски информации, информации за производи и услуги, извршување банкарски трансакциии сл.“[6]
Од аспект на видот и употребата на услугите во електронското банкарство, Македонија е на прилично слично ниво како и Балканските земји. Единствено, Македонија заостанува во доменот на мобилното банкарство. Според истражувањата од 2014 година, Хрватска доминирала, со употреба на 19% од населението, следна од Србија и Македонија, во кои 9% од населението користело услуги од мобилното банкарство, а тој процент во Бугарија изнесувал само 5%.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 341.
  2. E-biznisi.net
  3. Seity J. et al., „Internet banking - an Overview“, Journal of internet banking and commerce, Vol. 3, No. 1 2003.
  4. E-biznisi.net
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 „www.scribd.com“. Архивирано од изворникот на 2012-05-30. Посетено на 2012-02-12.
  6. „Одлука за сигурност на информативниот систем на банката“, Сл. весник на Република Македонија, бр. 31/2008.