Горан Стојановски (бранител)


Горан Стојановски (Крива Паланка, 27 мај 1973Брест, Скопска Црна Гора, 8 март 2001) бил македонски бранител, припадник на посебната единица ПЕП, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Убиен е на кукавички начин на 8 март 2001 година откако налетал на нагазна мина во придружба на конвојот со хуманитарна помош. Потоа бил гранатиран од минофрлач од страна на терористите од ОНА.

Горан Стојановски
27.05.1973 – 08.03.2001 (27 г.)

Роден во:Крива Паланка, СР Македонија СР Македонија
Починал во:Брест (Скопско)
Служба во:Македонија Македонија
Чин:Специјалец во МВР
Единици: ПЕП
Битки/војни:Војна во Македонија 2001
  • Операција MX-1 и МХ-2
  • Заседа кај с. Брест
Одличја: Медал за храброст

Животопис

уреди

Живот и војната 2001 г.

уреди

Горан Стојановски е роден на 27 мај 1973 година во Крива Паланка. По завршување на осумгодишното училиште пројавил желба да заврши полициско школо. За возврат на родителите што му одобриле да учи тоа што сака, бил меѓу најдобрите ученици на генерацијата 1988 - 1992 година. Со покажаниот успех можел веднаш да се запише на Факултетот за безбедност во Скопје, за што се залагал и директорот на училиштето, меѓутоа Горан не можел и не сакал да ги натовари своите родители и со обврска за натамошно школување. Веднаш се вработил во полициската станица во Крива Паланка. Работел неколку години а потоа, кога наслушнал дека наскоро ќе се укине полицискиот факултет, се запишал на вонредни студии. Иако работел и студирал, факултетот го завршил во минимален рок, со просек повисок од „деветка“. Дипломирал на факултетот за безбедност во февруари 2000 година. Во последните години на неговиот живот им припаѓаше на посебните полициски сили.

Горан е однесен на терен на Прочка, 25 февруари, недела. Дома се вратил сосема ненајавено на 7 март вечерта. Во разговорот со домашните кажал дека утредента ќе оди за Гошинце и Брест. На инсистирање на мајка му да не оди таму, бидејќи знаел што само пред три дена им се случило на тројца војници, Горан одговорил да не се секираат бидејќи не оди во војна туку со конвој со помош за населението и со „големци“ од полицијата. Уште во зори, сабајлето, заминал за Скопје. Од МВР се јавил кон 08:00 часот, честитајќи и го празникот на својата сопруга, мајка си, и мајка и на сопругата. Во околу 18:00 часот, Горан загинал. Сите што го познаваат Горан, посебно неговите колеги, тврдат дека десетмина професионалци убијци се малку за да можат да го убијат Горан лице в лице. Дури сабајлето, кога во куќата на Стојановски дошол началникот на полицијата и другарите на Горан, сфатиле што се случило.

Смрт и заседата кај Брест

уреди

Горан и неговата екипа на 5 март 2001 година, со одобрение и помош на градоначалникот на Липково Хусамедин Халили престојуваа речиси цел ден во Гошинце. Тие долго време разговараа со населението и тие ги уверуваа дека на тоа подрачје нема терористи. Мештаните се пожалија дека немаат оружје за самоодбрана и дека резервите со храна им се потрошиле, а немаат намера да го напуштаат селото. Ветено им беше дека ќе се погрижат за хуманитарната помош. Во тој контекст, заедно со организираната помош и настојувањето на полицијата за го заштити населението, заминаа на 8 март 2001 година во Гошинце со конвојот. Конвојот го предводеше министерот Љубе Бошкоски, градоначалникот Халили, помошникот на министерот Бошкоски, Рефет Елмази, пратеникот Хисни Шаќири, повеќе високи функционери на МВР, меѓу кои и Близнаковски кого го возеше токму Горан и претставници на политичките партии на Албанците од Куманово. По долги и сосема пријателски разговори со месното население, некаде кон 14 часот беше воспоставена времена полициска станица во Гошинце. Истата слика требаше да се повтори и во блиското село Брест што во споредба со Гошинце се наоѓа на доминантна позиција. Кон 15 часот, дел од конвојот замина за Брест. Брзајќи заради извештајот од настанот за бројот од 9 март, знаејќи дека ништо посебно нема да има, екипата на Горан сама се врати преку Липково, Отља, Матејче, Ропалце и Никуштак во Скопје. Единствено што ги бодеше во очите за сето време во Гошинце беше однесувањето на пратеникот Хисни Шаќири кој постојано некаде се јавуваше со мобилниот телефон.[1]

По заминувањето на колегите на Горан, дел од конвојот отишол во Брест и сценариото со разговорите и поставувањето на времена полициска станица се повториле. Горан бил во Брест. Бидејќи процедуралните работи привршувале, се вратил со џипот по тројцата колеги - возачи што останале во Гошинце. Им рекол да дојдат и тие за да си ги земат старешините и прв тргнал назад кон Брест. Наближувајќи кон селото, загинал од нагазна мина што веројатно меѓувремено е поставена од терористите на ОНА. Од искажувањата на другарите на Горан, не загинал само од нагазна мина, туку бил погоден и со зоља. Малку подоцна по експлозиите, повлечен е конвојот од Брест заедно со инсталираната полициска станица. Речиси на исто место, конвојот е начекан во заседа од која цела ноќ не биле во состојба да се извлечат. Заедно со нив, утредента е извлечен и мртвиот Горан. Неколку дена по неговата смрт, помошникот министер, на семејството му ја испратил ветровката што Горан ја соблекол и му ја дал во Брест за да се заштити од студеното време.[2] Горан зад себе ги остави своите два сина и сопругата. Посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.[3]

Наводи

уреди
  1. „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 152 – 156
  2. „Полициски конвој 20 часа во терористички обрач во Брест, загина полицаец“. Вест. 10 март 2001. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-01-28.
  3. „Посмртно одликување со Медал за храброст за 32 припадници на безбедносните сили на МВР“. president.mk. 7 мај 2013. Архивирано од изворникот на 2019-03-28. Посетено на 2019-03-29.