Тур де Франс 2015 — 102. издание на Тур де Франс, една од големите трки во велосипедизмот. Трката долга 3360,3 километри започнала во Утрехт, Холандија, на 4 јули 2015 година и завршила со етапа на Шанзелизе во Париз на 26 јули. Вкупно 198 возачи од 22 екипи настапиле на трката, која била освоена од Крис Фрум од Тим Скај. Второто и третото место биле освоени од возачите на Мовистар Тим, Наиро Кинтана и Алехандро Валверде, соодветно.

Возачот на Ванти-Груп Гобер, Роан Денис ја освоил првата етапа и со тоа прв ја облекол водечката жолта маичка. Возачот на Трек Фактори Рејсинг Фабијан Канчелара ја освоил на втората етапа, но ја изгубил веќе на следната етапа. Тука, Фрум влегол во водство, по првата завршница на нагорнина. Ја изгубил од возачот на Етикс-Квик Степ Тони Мартин на крајот на четвртата етапа, но повлекувањето на Мартин од трката по падот на шестата етапа го вратило Фрум во водство. Го зголемувал своето водство во текот на етапите на Пиринеите и успешно го одбранил од нападите на Кинтана во текот на завршните етапи на Алпите.

Фрум станал првиот британски возач кој двапати го освоил Тур, по неговата победа во 2013 година. Петер Саган од Тинкоф-Саксо го освоил бодовниот пласман. Фрум, исто така, го освоил планинскиот пласман. Најдобар млад возач бил Кинтана, а неговата екипа, Мовистар Тим, победници на екипниот пласман. На Ромен Барде од Аг2р-Ла Мондијал му била доделена наградата за најборбен возач. (Дознајте повеќе...)