Бескрајна приказна

„Бескрајна приказна“ (германски: Die unendliche Geschichte) — роман на германскиот писател Михаел Енде од 1979 година.

Содржина уреди

Романот се состои од воведен дел и 26 глави.

  • Воведен дел: Еден дождлив ден, во антикварницата на Карл Конрад Корандер влегува Бастијан Балтазар Букс, дебело дете кое е лош ученик и кого постојано го исмејуваат учениците. Мајка му на Бастијан умрела и тој живее со татко му, кој не му посветува многу внимание. Во антикварницата, Бастијан забележува една необична книга и, користејќи го привременото отсуство на Кореандер, тој ја краде книгата со наслов „Бескрајна приказна“, а потоа тајно се затвора на таванот на училишната зграда и почнува да ја чита.[1]
  • I. Земјата Фантазија е во неволја: Во Хаулската шума се среќаваат неколку необични суштества, гласници кои брзаат да ја известат Детската царица за опасноста што ѝ се заканува на Фантазија — појавата на Ништото во кое исчезнуваат сите предмети и суштества, а кое незапирливо се шири низ целата земја. Кога пристигаат на целта, таму веќе се насобрани многу гласници.[2]
  • II. Повикот до Атреј: На дворот на Детската царица се насобарни бројни лекари кои не можат да најдат лек за нејзината ненадејна болест. Најпосле, најпознатиот лекар, Каирон, соопштува дека неа може да ја спаси само Атреј. Поради тоа, Каирон оди во земјата на зеленокошците и на големо изненадување дознава дека Атреј е дете. Сепак, тој му ја соопштува задачата и му ја дава моќната амајлија, а Атреј и неговиот коњ Артакс заминуваат веднаш во потрага по лекот.[3]
  • III. Древната Морла: Атреј ја минува целата Фантазија, но никој не може да му помогне. За време на патувањето, тој цело време сонува бизони, а еден бизон во сонот му кажува дека треба да бара древната Морла. Така, тој се упатува на север, во Мочуриштето на тагата, каде што Артакс потонува во мочуриштето, па Атреј е принуден да продолжи сам. Конечно, тој ја среќава Морла, многу стара, џиновска желка, која му кажува дека Детската царица ќе оздрави ако добие ново име и го упатува да оди на југ кај пророчката Ујулала. Во меѓувреме, Ништото тргнува во потрага по Атреј.[4]
  • IV. Многукратната Играмул: Атреј пристига во пустата земја на Мртвите планини, каде во една длабока бездна гледа борба меѓу џиновскиот пајак Играмул и змеј на среќата. Тогаш, исплашен од сцената, Бастијан крикнува и неговиот крик го слуша Играмул. Атреј се обраќа за совет до Играмул. Таа го каснува и Атреј веднаш се префрла во јужната земја.[5]
  • V. Двоселеници: Во јужната земја пристига и змејот на среќата, кој му нуди помош на Атреј, но двајцата паѓаат истоштени од отровот на пајакот. Нив ги лекува една жена-гном, а нејзиниот маж му го покажува на Атреј влезот во пророчиштето на Ујулала.[6]
  • VI. Трите волшебни порти: Гномот му раскажува на Атреј за трите волшебни порти низ кои мора да помине тој за да дојде до Ујулала. Низ првата порта го пропуштаат две сфинги и тогаш тој го губи стравот; во портата на волшебното огледало го здогледува својот внатрешен лик — непознато дебело дете кое чита книга; тогаш, тој заборава сè и така му се отвора и портата без клуч.[7]
  • VII. Гласот на тишината: Во една просторија исполнета со бројни столбови, Атреј ја среќава Ујулала која постои само како глас. Таа знае за опасноста што ѝ се заканува на Фантазија, а исто така е свесна дека набргу и таа самата ќе биде уништена од Ништото. Ујулала му кажува на Атреј дека Детската царица може да ја спаси само некое дете од надворешниот свет, зашто само тоа може да ѝ даде ново име. Тогаш, Ујулала исчезнува, а Атреј се враќа кај гномовите и летнува на змејот во потрага по детето. Истовремено, и гномовите го напуштаат својот дом, бегајќи од Ништото, кое веќе ја уништило околината.[8]
  • VIII. Во земјата на ништожните суштества: Додека летаат, змејот и Атреј запаѓаат во бојното поле меѓу Ветрените џинови и Атреј паѓа од змејот. Тој се освестува на морскиот брег и сфаќа дека ја изгубил волшебната амајлија, така што ја губи надежта дека ќе излезе надвор од Фантазија. Тој среќава поворка од чудовишта, ги следи и конечно се соочува со Ништото. Чудовиштата се фрлаат во празнината, а Атреј во последен миг успева да побегне.[9]
  • IX. Градот на духовите: Фухур неуморно лета наоколу барајќи го Атреј, кој за тоа време оди низ испустениот Град на духовите каде среќава окован врколак кому му се претставува како Никој. Врколакот му кажува на Атреј дека може да појде во светот на луѓето, ако се фрли во Ништото. Исто така, тој му раскажува дека во надворешниот свет владеат лагите и дека луѓето не веруваат во суштествата од Фантазија. Во разговорот, врколакот открива дека бил испратен во потрага по Атреј, а кога Атреј му го открива вистинскиот идентитет, врколакот наеднаш умира. Меѓутоа, кога Атреј се доближува во него, врколакот го загризува за ногата и Атреј не може да се ослободи. Во меѓувреме, Ништото полека навлегува во градот.[10]
  • X. Лет кон Кулата од слонова коска: Додека Атреј лежи ранет крај мртвиот врколак, Фухур лета кон морето, воден од невидлива сила, и таму го наоѓа Аурин. Потоа, тој лета кон Градот на духовите, каде го наоѓа Атреј и го спасува во последен миг. Двајцата летаат кон центарот на Фантазија кај Детската царица. Во моментот кога Атреј останува сам со неа, Бастијан успева да ја види Детската царица и тогаш го соопштува нејзиното ново име — Месечево дете.[11]
  • XI. Детската царица: Детската царица му се заблагодарува на Атреј за успешно завршената задача и му кажува дека Спасителот ќе дојде да ѝ помогне на фантазија. Меѓутоа, Бастијан се колеба, зашто не знае што го чека во таа земја, па затоа, Детската царица заминува на пат со цел да го најде Старецот од Скитачките планини, кој ќе го натера Бастијан да влезе во Фантазија. Тогаш, Атреј заспива и доаѓа во непознато место каде треба да му заздрават раните.[12]
  • XII. Старецот од Скитачките планини: Детската царица пристига кај Старецот, кој живее во јајце. Таа ја здогледува книгата „Бескрајна приказна“ која ја пишува Старецот и во која запишува сè што се случило. Наспроти неговите предупредувања, таа му наредува да почне да ја чита „Бескрајната приказна“ од почеток, а Бастијан го слуша сето тоа. На тој начин, сите настани почнуваат да се случуваат од почеток и сè се врти бесконечно во круг. Тогаш, Бастијан извикува дека сака да влезе во Фантазија, а од книгата што ја чита излегува силен ветар и настапува мрак.[13]
  • XIII. Ноќната шума Перелин: Бастијан лебди во мракот и ја среќава Детската царица, која му дава зрно песок од кое се создава нов свет. Наоколу почнува да се формира голема шума која Бастијан ја нарекува Перелин. Тој, пак, се претвора во убаво и силно момче, а Детската царица наеднаш исчезнува, оставајќи му го Аурин, со чија помош Бастијан добива моќ да ги оствари сите желби. Тој се искачува на огромно дрво од каде ја набљудува шумата која се простира насекаде околу него.[14]
  • XIV. Гоаб, пустината на боите: Бастијан помислува друга желба и шумата се претвора во пустина. Тој го среќава огромниот лав Граограман кој му се потчинува на Бастијан и го носи во својот дворец. Ноќта, лавот се скаменува и тогаш пустината се претвора во шумата Перелин.[15]
  • XV. Граограман, многубројната смрт: Утредента, лавот се буди и пустината се обновува. Лавот му поклонува на Бастијан волшебен меч, а потоа тие минуваат заедно неколку дена. Потоа, лавот го советува Бастијан да замине во Храмот на илјада врати. Една ноќ, во дворецот на Граограман се појавува врата, Бастијан влегува во храмот.[16]
  • XVI. Сребрениот град Амаргант: Бастијан минува низ повеќе соби, а кога помислува на Атреј, тогаш успева да излезе од Храмот на илјада врати. Набрзо, тој среќава група рицари кои патуваат кон градот Амаргант за да учествуваат на турнирот на кој треба да се изберат придружниците на спасителот на Фантазија. Подоцна, на турнирот, Бастијан го понижува витезот Хинрек, кој претходно се фали со своите способности. Тогаш, Атреј го препознава Бастијан по што започнува општа веселба.[17]
  • XVII. Сребрениот град Амаргант: Бастијан забележува одредено незадоволство кај Атреј откако му покажува дека сега тој го носи Аурин. Оттука, за да го воодушеви Атреј, Бастијан помислува желба која утредента се остварува: на жителите на градот Амаргант им раскажува приказна од која тие го запознаваат своето потекло. Потоа, Бастијан успева да ја отвори големата библиотека во која се собрани сите негови приказни. Откако дознава дека витезот Хинрек е разочаран поради тоа што го напуштила саканата принцеза, Бастијан му помага така што измислува приказна за страшниот змеј кој ја грабнал принцезата. Приказната веднаш се остварува и Хинрек заминува за да ја спаси саканата, а Атреј го повикува Бастијан да го бараат излезот од Фантазија, а ним им се придружуваат тројца витези.[18]
  • XVIII. Ахараите: За време на своето патување, Бастијан и Атреј пристигаат во една долина каде ги среќаваат Ахараите — грди суштества во облик на црви, кои живеат под земја и постојано плачат поради својот грозен изглед. Тогаш, Бастијан сфаќа дека тие се суштествата кои тој ги измислил во својата приказна и решава да им помогне така што ќе ги направи убави и среќни. Меѓутоа, Ахараите се претвораат во шарени бубачки-кловнови кои постојано се шегуваат и се смеат. По таа преобразба, Бастијан повеќе не е сигурен дека неговите желби секогаш водат кон добри дела.[19]
  • XIX. Сопатници: Атреј и Фухур го молат Бастијан повеќе да не ја користи моќта на Аурин, зашто тој полека ги губи сеќавањата на претходниот живот. Додека патуваат, тие сфаќаат дека постојано се вртат во круг поради тоа што Бастијан нема никакви желби. Тогаш, мулето го советува Бастијан да се упатат кон Кулата од слонова коска за да се сретне со Детската царица. Атреј и Фухур се загрижени за Бастијан и се решени да му помогнат да се врати во својот свет. Патем, ним им се придружуваат стотина суштества од целата Фантазија, кои слушнале за приказните на Бастијан.[20]
  • XX. Видовитата рака: Поворката пристигнува во близината на замокот на волшебничката Ксаида чии метални стражари ги заробуваат тројцата витези, придружници на Бастијан. Бастијан влегува во замокот, со помош на волшебниот меч ги победува стражарите и ги ослободува витезите, а Ксаида му се покорува и му се придружува на патувањето, наспроти предупредувањето на Атреј. Тогаш, доаѓа до остра кавга меѓу Бастијан и Атреј, така што Атреј и Фухур се повлекуваат на крајот од поворката. Истовремено, Бастијан целосно заборава дека некогаш бил дете.[21]
  • XXI. Ѕвездениот манастир: Сè повеќе жители на Фантазија му се приближуваат на Бастијан. Ксаида се труди да го сврти Бастијан против Атреј и го убедува да се откаже од мулето кое го јава. Бастијан посакува да биде најголем мудрец и утредента му се остварува и таа желба. Тој е повикан во еден манастир, каде тројца големи мудреци го прашуваат за постанокот на Фантазија, а тој им покажува визија на таванот каде што се наоѓа Бескрајната приказна.[22]
  • XXII. Битката за Кулата од слонова коска: Најпосле, поворката на Бастијан пристигнува до Кулата од слонова коска, но Детската царица не е таму. Атреј се обидува да му го украде Аурин на Бастијан, но витезите го заробуваат, така што тој и Фухур се протерани. Поттикнат од Ксаида, Бастијан се прогласува за владетел на Фантазија, се вселува во Кулата од слонова коска и го закажува своето крунисување на кое ги кани претставниците од сите краишта на Фантазија. На закажаниот ден, Атреј со голема војска ја напаѓа Кулата од слонова коска и започнува крвава битка во која има многу жртви на двете страни. Најпосле, Бастијан го прободува Атреј во градите, а Фухур во последен миг го зема Атреј со себе. Кулата е целосно изгорена, а Бастијан тргнува во потрага по Атреј со намера да го уништи.[23]
  • XXIII. Градот на старите цареви: Бастијан патува неуморно, со огромна желба да му се одмазди на Атреј. Тој пристига во еден необичен град, населен со луди луѓе. Еден мајмун го води во разглед низ градот и му објаснува дека жителите се луѓето кои некогаш биле или сакале да станат цареви на Фантазија, а сега се луди. Исто така, од мајмунот дознава дека му преостанале уште само неколку желби, кои мора да ги искористи паметно, ако сака да се врати дома. Откако го напушта градот, тој најпрвин го закопува волшебниот меч за да ја спречи неговата злоупотреба во иднина. Потоа, посакува да не биде сам и пристига во еден град на брегот на Магленото море, каде луѓето немаат свое јас и каде сè прават заедно. Тој е примен во заедницата и морнарите го примаат на пловидбата по Магленото море. Тогаш, тој добива желба да биде сакан таков каков што е — со сите свои слабости. Кога бродот пристигнува на спротивниот брег, Бастијан го продолжува своето патување.[24]
  • XXIV. Дамата Ајуола: Кога Ксаида пристига во близина на Градот на старите цареви, неа ја прегазуваат нејзините метални стражари, кои веднаш потоа се скаменуваат, а тројцата витези заминуваат на различни страни барајќи го Бастијан. Тој, пак, доаѓа до необична куќа која постојано го менува обликот — Куќата на преобразбата. Во куќата живее жена која наликува на растение со плодови — дамата Ајуола. Таа му ја раскажува приказната за него и му дава да јаде од своите плодови. Подоцна, додека куќата го менува обликот, Бастијан тоне во сон, а жената го зема во прегратка и го става да спие во детско креветче. Утредента, Ајуола му кажува дека треба оди на изворот на Водата на животот, а патот ќе му го покаже неговата последна желба. Некое време, Бастијан останува да живее со Ајуола, која се грижи за него како за свое дете. Еден ден, Бастијан ја замислува својата последна желба — да биде способен да сака и тогаш ги заборава родителите, Ајуола се претвора во исушено растение, куќата сама се затвора, летото се претвора во зима, а тој заминува на пат.[25]
  • XXV. Рудникот на слики: Бастијан пристигнува кај слепиот рудар Јор, кој од јамата Минроу копа слики кои се заборавени сонови на луѓето. Тој му кажува на Бастијан дека мора да пронајде барем една своја слика, зашто сама така може да дојде до Водата на животот. Некое време, Бастијан работи во рудникот, но никако не може да најде слика од некој свој сон. Најпосле, тој успева да ископа слика на непознат маж, заробен во мраз, кој бара помош од него. Тогаш, Бастијан го заборава своето име и го напушта Јор, а сликата го води. Патем, него го напаѓа рој инсекти-кловнови кои бараат да им го врати претходниот облик. Тие сакаат да го грабнат и во борбата со нив се крши неговата слика. Така, Бастијан не може да го продолжи патот, но тогаш се појавуваат Атреј и Фухур.[26]
  • XXVI. Водата на животот: Бастијан му го предава Аурин на Атреј, а потоа, наеднаш доаѓаат во голема сала во која здогледуваат две змии кои си ги каснале опашките. Бидејќи Бастијан не си го знае името, Атреј зборува за него, а Фухур им го преведува говорот на Водата на животот. Змиите го пропуштаат Бастијан кон водата, а тогаш тој ги губи сите својства стекнати во Фантазија и пак го добива својот првобитен облик на дебело дете. Тој се капи во Водата на животот и пие од неа, а Атреј ја презема обврската да ги продолжи приказните на Бастијан и така му овозможува да ја напушти Фантазија. Тогаш, Атреј и Фухур си заминуваат, а Бастијан пропаѓа во мрачна бездна. Тој се буди на таванот од училиштето, но ја нема книгата што ја чита. Бидејќи училиштето не работи, тој излегува низ еден прозорец и се враќа дома, каде го пречекува загрижениот татко, а Бастијан му раскажува што му се случило. Утредента, Бастијан оди во антикварницата на Кореандер и му раскажува за своите доживувања, а Кореандер му кажува дека и тој ја посетил Фантазија.[27]

Осврт кон делото уреди

Веднаш по објавувањето, книгата доживеала огромен успех и се продала во тираж од над милион примероци во Германија, а набрзо била преведна на околу 30 јазици. Според книгата бил снимен и истоимениот филм со најголемиот буџет во историјата на германската кинематографија (60 милиони марки). Филмот предизвикал голем успех кај публиката, но Енде се оградил од него и побарал од режисерот Волфганг Петерсен да го тргне неговото име од најавната шпица. Во таа прилика, Енде изјавил дека филмот е смеса на „Е.Т.“ и „Денот потоа“ и го опишал како „гигантска мелодрама на кич, бизнис и пластика“, порачувајќи дека 60 милиони марки претставуваат износ „за кој би требало подобро да се размисли пред лудо да се потроши“.[28]

„Бескрајна приказна“ е повеќезначна и повеќеслојна книга во која е изложена концепцијата за оздравувањето на болниот свет во кој живееме. Ендеовите идеи за спасувањето на светот и повторното заживување на заборавените приказни за џиновите и џуџињата, за вештерките и волшебниците идеално се вклопиле во општата културна клима во 1980-тите, кога бегајќи од стварноста, луѓето го насочиле својот интерес кон старите митови и непознатите религии. Енде го почувствувал тој интерес и во својот роман вметнал низа културолошки алузии и асоцијации на бројни дела: „Одисејата“, Рабле, „Илјада и една ноќ“, Борхес, Луис Керол итн. На пример, вратата без клуч низ која минуав Атреј е преземена од зен-будизмот; змејот на среќата е преземен од кинеската митологија; летот на Бастијан низ шумата Перелин лесно се препознава Тарзан; Атреј потсетува на Индијанците; градот Јискал на Магленото море е одраз на градот Отавија од делото „Невидливи градови“ на Итало Калвино; дамата Ајуола на која растат овошни плодови е преземена од сликата на италијанскиот мајстор од 16 век, Арчимболдо; исто така, како инспирација му послужиле и Дали, Гоја и татко му, Едгар Енде. Меѓутоа, романот не е едноставна компилација, туку претставува прецизно промислен совршен систем во кој длабоката смисла воопшто не претставува товар, благодарение на едноставното и сликовито раскажување. Притоа, Енде не сака да подучува, туку сака читателот да доживее нешто за време на читањето или, како што вели тој самиот: „Се обидов во рамките на приказната да го изнесам својот став за книжевноста, односно за уметноста.“ Со својата книга „за младите од сите возрасти“ (како што било наведено на англиското издание), Енде им дав аоптимизам на луѓето исплашени од стварноста, а таа цел ја постигнува со испреплетувањето на сонот и јавето, фикцијата и стварноста за кои понекогаш е тешко да се определи каде почнуваат и каде завршуваат.[29]

Наводи уреди

  1. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 5-14.
  2. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 15-26.
  3. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 27-40.
  4. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 41-53.
  5. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 55-64.
  6. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 65-74.
  7. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 75-88.
  8. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 89-101.
  9. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 103-114.
  10. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 115-127.
  11. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 129-139.
  12. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 141-151.
  13. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 153-164.
  14. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 165-175.
  15. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 177-188.
  16. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 189-198.
  17. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 199-213.
  18. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 215-230.
  19. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 231-242.
  20. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 243-254.
  21. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 255-270.
  22. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 271-284.
  23. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 285-302.
  24. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 303-319.
  25. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 321-335.
  26. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 337-347.
  27. Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 349-363.
  28. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 370-371.
  29. Mirjana Popović, „Pogovor“, во: Mihael Ende, Beskrajna priča. Beograd: Prosveta, 1985, стр. 369-371.