Адолф (француски: Adolphe) е кус роман на францускиот писател Бенжамен Констан, за првпат објавен во 1816 година. Романот носи поднаслов „Приказна најдена меѓу хартиите на еден непознат човек“.

Адолф (француски: Adolphe) е кус роман на францускиот Бенжамен Констан

Содржина

уреди

Романот започнува со кусо соопштение на „издавачот“, напишано во прво лице еднина, во кое тој опишува како на патувањето низ Италија сретнал непознат човек со необично однесување. Кога непознатиот се разболел, тој останал да го негува, а потоа се разделиле и не го видел никогаш повеќе. Меѓутоа, по одредено време, тој добил кутија во која имало голем број писма и една тетратка со белешките на непознатиот човек. По десет години, „издавачот“ им ги дал белешките на неколку пријатели, кои го убедиле дека треба да ги отпечати.
„Адолф“ е роман за животот на еден непостојан и нестабилен човек, чија љубов за брзо време згаснува и кој го сфаќа значењето на љубовта дури тогаш кога ќе ја изгуби саканата жена. Во делото се зборува за младото момче од Германија, Адолф, кој на возраст од 22 години ги завршува студиите на универзитетот во Гетинген и заминува во еден мал германски град. Таму поминува одредено време во дворецот на еден кнез, живеејќи повлечено и без желба да се вклопи во општествениот живот, поради што стекнува обележје на суетен човек со необично однесување. Со цел да ја разбие здодевноста и пасивноста во својот живот, Адолф одлучува да се вљуби и навистина, набргу си поставува цел да ја освои жената на еден гроф, Еленора, која е прилично постара од него. Еленора е по потекло од Полска и, иако му е целосно верна и посветена на сопругот, во околината ужива углед на неморална и скандалозна жена.
На почетокот, Адолф не чувствува ништо посебно кон Еленора, туку само сака да ја освои. Но, кога таа го одбива неговото додворување, тој навистина се вљубува во неа и не може да живее без неа. Најпосле, тој добива дозвола да ја посетува и постепено и Еленора се вљубува во него. По некое време, грофот ја открива нивната љубовна врска, а гласот за тоа стигнува и до татко му на Адолф, кој го повикува веднаш да се врати дома. Соочени со неизбежната разделба, Еленора прави голема жртва и го напушта семејството, преселувајќи се во една куќа во близината. Така, сите дознаваат за нивната врска, со што уште повеќе се засилува лошиот глас на кој се наоѓа Еленора. Сепак, во името на љубовта, таа е решена да ги истрпи сите непријатности. Меѓутоа, откако ја освојува Еленора, љубовта на Адолф постепено започнува да спласнува и тој останува со неа само воден од потребата да ја заштити од непријатностите и да ѝ се оддложи за жртвата што таа ја прави за него.
На скандалот, татко му на Адолф реагира така што издејствува од власта да ја протераат Еленора. Воден од должноста да ја заштити, Адолф ѝ се придружува и двајцата се селат во Чешка. Таму, Еленора добива писмо од нејзиниот маж, кој ѝ нуди половина од имотот под услов да го остави Адолф, но таа ја одбива понудата. Потоа, таа добива писмо од нејзиниот татко со покана да му се придружи во Полска, но таа ја одбива и таа понуда. Единствената желба на Еленора е да биде со својот сакан Адолф и поради него, таа се откажува од своите најблиски. Но, по некое време, татко ѝ на Еленора умира и таа и Адолф одат во Полска, каде нејзините роднини го оспоруваат нејзиното право на наследството од татко ѝ.
И понатаму, Адолф е незадоволен од својот живот со Еленора и посакува да биде слободен, но нема храброст да ја напушти, знаејќи дека со тоа ќе ѝ нанесе болка. Еден ден, тој оди во Варшава, каде еден пријател на татко му го убедува да направи пресврт во животот - да ја раскине неговата срамна врска и да се посвети на себеси и на кариерата. Во меѓувреме, Еленора наговара една нејзина пријателка да поразговара со Адолф и тој отворено ѝ ја опишува својата противречна состојба. Но, наместо да го осуди, таа застанува на страната на Адолф и го раскинува пријателството со Еленора, што го наведува Адолф да се увери дека неговите стремежи за независност се оправдани. Во следниот период, односите меѓу Адолф и Еленора стануваат затегнати и тие често се караат или деновите ги поминуваат во молчење. Некое време, Адолф започнува да води богат социјален живот, мислејќи дека така ќе најде спокојство, а Еленора прима бројни додоворувачи, надевајќи се дека така ќе ја разбуди љубомората кај Адолф и така ќе го натера повторно да ја засака. Најпосле, Адолф му ветува на пријателот на татко му дека набргу ќе ја напушти Еленора, но уште еднаш запаѓа во несигурност и ја одложува својата одлука. Меѓутоа, Еленора дознава за писмото во кое Адолф ја најавува разделбата со неа и таа тешко се разболува. Лекарите не успеваат да ја излечат од непознатата болест и Еленора умира по неколку дена поминати во тешка агонија. Тогаш, Адолф се скршува во себе и сфаќа дека, сега кога е слободен, всушност, останал сам на светот.[1]

За делото

уреди

Автобиографскиот роман „Адолф“ е најпознатото и најзначајното дело на Констан. Романот извршил големо влијание врз развојот на европската книжевност, поставувајќи ги темелите на психолошкиот роман. Врз основа на една белешка на Констан, долго време се верувало дека романот бил напишан во рок од 15 дена, во 1806 година. Но, подоцна било докажано дека Констан подолго време ја носел во себе идејата за романот и дека „Адолф“ е напишан во периодот од 1806 и 1808 година. Инаку, во романот е содржани бројни автобиографски елементи од неговата 18., 33. и 40. година од животот. За Еленора, главниот женски лик во романот, се смета дека претстваува смеса од повеќе фатални жени во животот на Констан, како: госпоѓата Тревор (љубовта на Констан на возраст од 18 години), госпоѓата Линзи (која Констан ја сакал на возраст од 33 години) и госпоѓата де Стал (од времето кога Констан имал 40 години).[2] Во таа смисла, и главниот лик во романот, Адолф, во одредена смисла претставува слика на самиот Констан, кој во својот дневник признал дека во него живеат две личности од кои едната ја набљудува другата.[3]
Главниот лик во романот е прикажан јасно и прецизно: Адолф е недоверлив и затворен во себе. Тој копнее по независност и се плаши од цврстите и долги врски. Исто така, тој е несреден, бидејќи се интересира за сè, но малку се грижи за себе. Тој се обидува да се оттргне од здодевноста на животот така што освојувањњето на Еленора го поставува како цел, но штом ја остварува целта, во него нема никаква љубов и тој повторно заглавува во својата суета. Така, неговиот живот се претвора во пеколна драма - тој е силно сакан, а не сака; се стреми кон слобода, а останува заглавен во врската; посакува разделба, а неа постојано ја одложува итн. На крајот, во мигот кога конечно станува слободен, истовремено, тој останува сам на светот. Наспроти него, главнот женски лик во романот, Еленора е олицетворение на благородни и возвишени чувства, бескрајна љубов и неограничена верност. Дури и во најстрашниот миг, кога го открива предавството на Адолф, таа не знае за омраза или за одмазда, туку го дава и својот живот како жртва во името на љубовта.[4]
За време на животот на Констан, романот „Адолф“ имал просечен успех. Всушност, уште пред неговото објавување, за време на читањето по салоните, романот предизвикувал повеќе негодување отколку восхит. Така, во една белешка од 1807 година, Констан вели: „Седенка кај госпоѓата Рекамје. Го читам својот роман кој предизвикува чуден впечаток. Се бунат против карактерот на главниот јунак. Навистина не ме разбираат.“ Истата година, публиката негодувала при читањето на романот во салонот на госпоѓата де Коањи. Но, седум години подоцна, „Адолф“ веќе го предизвикал вниманието на публиката (особено во Лондон), а жените плачеле при неговото читање. Сепак, вистинскиот голем успех дошол многу подоцна, дури кон крајот на 19 век, кога, благодарејќи на Пол Бурже, се појавила модата на психолошкиот роман.[5]
Оттука, денес „Адолф“ зазема едно од врвните места во историјата на францускиот психолошки роман. Имено, Констан успеал со голема продорност и прецизност длабоко да ги анализира пустошот во човековата душа, како и раѓањето и умирањето на страста. Во романот, Констан не решава некои големи психолошки или морални проблеми, туку ги слика душевните состојби на два различни темпераменти. Но, романот не е само дело со длабока психолошка анализа на чувствата, туку тој претставува извонредно компонирано уметничко дело, без претерани описи и раскажувања, без повторување на настаните, дело со проста фабула и едноставна јасност. Делото е напишано со сигурен јазик, со прецизно значење и употреба на зборовите, со стил што одговара на темпераментот на писателот и на фабулата на романот, без лирски изливи и поетски слики.[6]

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 2008 година, романот „Адолф“ бил објавен од издавачката куќа „Темплум“, како 68. книга во рамките на едицијата „Магма“.[7]

Наводи

уреди
  1. B. Konstan, Adolf - Sesila. Beograd: Rad, 1964.
  2. D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: B. Konstan, Adolf - Sesila. Beograd: Rad, 1964, стр. 145.
  3. D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: B. Konstan, Adolf - Sesila. Beograd: Rad, 1964, стр. 147.
  4. D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: B. Konstan, Adolf - Sesila. Beograd: Rad, 1964, стр. 146-147.
  5. D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: B. Konstan, Adolf - Sesila. Beograd: Rad, 1964, стр. 145.
  6. D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: B. Konstan, Adolf - Sesila. Beograd: Rad, 1964, стр. 147.
  7. Џон Фанте, Прашај ја правта. Скопје: Темплум, 2008.