АТП Ротердам познат уште и како Отворено тениско првенство на Ротердам или АБН АМРО Опен е тениски турнир во машка конкуренција кој се одржува во Ротердам, Холандија. Турнирот се игра во арената Rotterdam Ahoy, обично во втората половина на февруари и моментално претставува еден од турнирите од АТП серијата 500. Првото издание било во 1972 година.
Првото издание на АТП турнирот во Ротердам е одржано во 1972 година, а победник бил американецот Артур Еш. Следната година турнирот не бил одигран бидејќи терминт за одржување бил префрлен во месец март. Првобитно турнирот бил дел од серијата World Championship Tennis, а во 1978 година станал член на серијата Grand Prix. Од 1990 година е дел од АТП турнејата.
Финалето во 1984 година меѓу Иван Лендл и Џими Конорс прекинато е во вториот сет при резултат 6–0, 1–0 за Лендл поради дојава за поставена бомба; мечот никогаш не бил доигран бидејќи Лендл не бил подготвен да продолжи да игра.
Од 2004 година, директор на турнирот е Ричард Крајчек, поранешниот холандски тенисер и освојувач на Вимблдон во 1996 година.
Во 2012 година, турнирот забележал рекордна посетеност од 115.894 гледачи.
↑Позната како Championship Series од 1990 до 1999 и International Series Gold од 2000 до 2008.
↑Од 1 март 2022 година, АТП објави дека играчите од Русија и Белорусија нема да се натпреваруваат под името или знамето на Русија или Белорусија поради Руската инвазија на Украина.