Фабержеово јајце

накитено велигденски јајце за рускиот император

Фабержеово јајце (руски: яйцо Фаберже́) — накитено јајце, изработено од фирмата за изработка на накит Фаберже. Јајцата биле изработувани во периодот од 1885 до 1917 година под надзор на Петар Карл Фаберже.[1] Најпознатите јајца биле оние изработени за руските императори Александар III и Николај II како велигденски подароци за нивните сопруги и мајки, иако истите не биле единствените подароци кои ги доделувале за таа намена. Фаберже изготвиле 50 „императорски јајца“, од кои вкупни 43 се сочувани.[1] Двете планирани јајца за празникот Велигден во 1917 година не биле подарени поради избивањето на Руската револуција во која династијата Романови биле симнати од власт и притоа сите членови на царското семејство биле убиени. Според друга поделба, вкупно било изработено 71 јајце, од кои императорски биле 54.[2]

Крунисувачко јајце, едно од најпознатите Фабержеови јајца, 1897
Јајце со плот и рози, 1907

Во периодот по револуцијата и национализацијата на Фабержеовата работилница во Санкт Петербург од страна на болшевиците во 1918 година, семејството Фаберже ја напуштило Русија. Оттогаш, брендот Фаберже бил продаван неколкупати и неколку фирми продавале производи слични на јајца, користејќи го името Фаберже. Фирмата за производство на накит Виктор Мајер во периодот од 1998 до 2009 година изработувала ограничена серија на реликвиски Фабержеови јајца под лиценца на Унилевер. Брендот денес е во сопственост на фирмата Фаберже, која изработува накит во коишто јајцата се користат како мотив.[3]

Изразот „Фабержеови јајца“ станало синоним на раскош и амблем на богатството на царското семејство и на Русија пред револуцијата. Тој исто така станал препознатлив назив за видот на накит изработен во облик на јајца со изненадување и прераснал во еден од симболите на Русија.

Историја

уреди

Петар Карл Фаберже и јувелирите од неговата фирма го создале првото јајце во 1885 година.[4] Неговата изработка била нарачана од страна на императорот Александар III како велигденско изненадување за неговата сопруга Марија Фјодоровна. Првото јајце, т.н. Кокошка, однадвор било покриено со бела „лушпа“ и емајл, а внатре „жолчката“ била од безбојно злато. Покрај јајцето била изработена и кокошка од обоено злато. Внатре во кокошката биле сокриени мала копија на императорската круна изработена од злато со брилијанти, како и синџирче со рубински приврзок (по примерот на традицијата на матрјошките).

Идејата за изработка на слични производи од накит не била оригинална:

Велигденското јајце на Фаберже било требало да биде слободно претставување на јајце изготвено на почетокот на XVIII век, при што три примерока се познати и денес. Тие се наоѓаат во замокот Розернберг во Копенхаген, во Музејот на историја на уметност во Виена и во приватна збирка (претходно во уметничката галерија Зелен свод во Дрезден). Во сите споменати примери на јајца е скриена кокошка, со чиешто откривање може да се открие и круна, а во неа прстен. Се смета дека императорот сакал да ја израдува сопругата со изненадување, коешто би ја потсетило на добро познатите предмети од данската кралска ризница.[5]


Императорката била толку восхитена со подарокот, така што Фаберже бил назначен на дворски јувелир и добил нарачка да изработува по едно јајце секоја година, при што единствениот услов бил јајцето да биде уникатно и да содржи некакво изненадување. Следниот император, Николај II, ја зачувал традицијата на подарување јајца секоја пролет, при што започнале да се изработуваат две јајца — првото за Марија Фјодоровна, неговата овдовена мајка, и второто за Александра Фјодоровна, новата императорка.

Дизајнери и мајстори

уреди
 
Михаил Перхин, еден од главните мајстори кои учествувале во создавњето на накитените јајца

Изготвувањето на секое јајце одземало практично цела година. Структурата на фирмата Фаберже предничела за своето време, при што фирмите за накит што биле здружени биле доволно независни во својата работа. Многуте јувелири кои работеле во Фаберже поседувале сопствени фирми, но сметале дека е чест да се учествува во исполнување на императорската нарачка. Имињата на мајсторите сведочат за меѓународниот состав на групата: од 24 мајстори, 14 биле родени во Финска или работеле по покана од роднините. На почетокот се правел нацрт, а потоа за работа се собирала целата група. Имињата на некои мајстори и јувелири се сочувани и денес. Покрај авторот на сите јајца, Петар Карл Фабеже, особено голем придонес имал и мајсторот Михаил Перхин, а се споменуваат и Август Холмстрем, Алберт Холмстром, Август Холминг, Хенрик Вигстрем, Ерик Колин, Виктор Аре, Јалмар Армфелт, Стефан Вјакева и Алма Пил — единствената жена уметник, автор на стилот „голомразица на кристал“, која го осмислика познатото Зимско јајце.[6][7][8]

Серијата на императорски јајца се стекнала со толку голема слава што фирмата Фаберже изработила неколку примероци и за приватни нарачатели (познато е за 15). Меѓу нив особено се издвојува серијата од 7 јајца која стопанственикот Александар Келх ѝ ја подарил на својата сопруга. Освен тоа, постојат уште 8 Фабержеови јајца кои биле изработени за Феликс Јусупов, внукот на Алфред Нобел, Ротшилдови, војвотката Малборо и други непознати лица. Тие не биле толку раскошни како императорските и не биле уникатни, односно често биле повторувања на оние осмислени како за царски подарок.

Можно е за благородните лица да биле изработени уште некои примероци, но тие никогаш не биле објавени за разлика од царските јајца, што им остава некоја слобода на умешните фалсификатори. Таков пример е јајцето на Ротшилдови коешто во есента 2007 година било ставено на продажба и чија изработка била нарачана од страна на членовите на семејството, но истото речиси цело столетие не било објавено.

Колекции

уреди
Местоположба на Фабержеовите јајца
Коллекции Кол.
Императорски: 54
Фабержеов музеј, Санкт Петербург, Русија (Векселбергова збирка) 11
Палата на оружјето, Москва, Русија 10
Виргински музеј на фини уметности, Ричмонд, САД 5
Метрополитен, Њујорк, САД 3
Кралска збирка на Елизабета II, Велика Британија 3
Фонд на Едуар и Морис Сандоз, Швајцарија 2
Хилвуд, Вашингтон, САД 2
Уметнички музеј Волтерс, Балтимор, САД 2
Уметнички музеј на Кливленд, САД 1
Збирка на кнезот Алберт, Монако 1
Приватна збирка на А. Н. Иванов 1
Минералошки музеј, Москва 1
Приватни колекции 6
Непозната местоположба 6
Келхови јајца: 7
Фабержеов музеј, Санкт Петербург, Русија (Векселбергова збирка) 2
Кралска збирка на Елизабета II, Велика Британија 1
Приватни колекции 4
Други јајца: 10
Фабержеов музеј, Санкт Петербург, Русија (Векселбергова збирка) 2
Ермитаж, Санкт Петербург, Русија 1
Уметнички музеј на Кливленд, САД 1
Фонд на Едуар и Морис Сандоз, Швајцарија 1
Приватни колекции 5

Од вкупно 71 познато јајце, денес се сочувани 65. известного яйца до наших дней дошло 65. Огромно мноштво од нив се чуваат во државните музеи. Познато е дека бројот на императорските јајца изнесува 54, од кои денес се сочувани 48 парчиња, изработени по царска нарачка; преостанатите се познати по описи, сметки и стари фотографии, но се смета дека се загубени. Само едно од нив, Георгиевското јајце успеало да ја напушти Советска Русија откако императорката Марија Фјодоровна го земала со себе при враќањето во родната Данска преку Крим во 1918 година. Другите јајца останале во Петроград. Очигледно, мноштвото од нив исчезнале при збрка, а други (околу 24 парчиња) заедно со другите императорски скапоцености биле превезени во Москва, односно во идното Дијамантското чувалиште на Московскиот Кремљ.

Таму јајцата се чувале спакувани некаде до околу 1930 година, кога во рамки на општата продажба на културното наследство на Советска Русија заради стекнување со средства, по наредба на Сталин 14 од нив биле продадени, при што некои и по цена пониска од 400 американски долари. Со нивната продажба се занимавала организација со име Контора „Антикваријат“. Поголемиот број од нив биле откупени од страна на американскиот претприемач Арманд Хамер (1898—1990) и англискиот трговец Емануел Сноумен (1886—1970).

По збирката којашто се чува во Московски Кремљ, најголемата збирка се нашла кај њујоршкиот богаташ Малколм Форбс (1919—1990). Збирката вклучувала 11 императорски јајца, неколку раздвоени изненадувања од непознати или несочувани јајца, како и 4 приватни јајца или вкупно 15. Во февруари 2004 година, наследниците на Форбс збирката се очекувало да ја стават на аукција, каде што веројатно би се продавала парче по парче, но неколку дена пред почетокот на аукцијата целата збирка била откупена од страна на рускиот олигарх Виктор Векселберг. Од 2013 година, збирката на Виктор Векселберг е изложена во Фабержеовиот музеј во Санкт Петербург отворен од негова страна и сместен во дворецот на Наришкини и Шувалови.

Сè на сè, Фабержеовите јајца во нивната историска родина, Русија, денес е можно да се видат на четири места. Покрај веќе споменатите Палата на оружјето и Фабержеов музеј во Санкт Петербург, во овие места спаѓаат уште Ермитаж и Минералошкиот музеј. Рускиот национален музеј во Москва во минатото располагал со едно јајце, кое од 2009 година се наоѓа во Баден-Баден.

Опис

уреди

Јајцата биле иработувани од злато, сребро, скапоцени камења итн. Тие понатаму биле украсувани со емајли и накитувани. Понекогаш, мајсторите експериментирали со не толку традиционални материјали, како на пример планински кристал и скапоцена врста на целулоза. Како доказ за уникатност служи знак оставен од страна на фирмата Фаберже.

Вредноста на едно јајце според цените во Руската Империја од XIX-XX век се движела од 1.500-28.300 рубљи.

Понекогаш, јајцата биле со поголема природна величина отколку што изгледа на слики, а висината на некои од нив со подложката можела да достигне 20 см. Традиција било во внатрешноста на јајцето да има некое изненадување. Обично тоа биле минијатури со портрети на оној кому јајцето му е посветено и членовите на неговото семејство. Биле изработувани и јајца часовници со механизам на навивање (петли и кукавици).

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 New World Encyclopedia (12 October 2013). „Fabergé egg“.
  2. „Imperial Eggs are those Eggs presented by Tsar Alexander III and Tsar Nicholas II to the Tsarinas Alexandra Fyodorovna and Maria Fyodorovna“. Архивирано од изворникот на 2016-08-07. Посетено на 2017-04-15.
  3. Corder, Rob (18 November 2011). „Faberge: A Regal Renaissance“. ProfessionalJeweller.com. Архивирано од изворникот на 2012-06-15. Посетено на 26 март 2012.
  4. Яйцо «Курочка»
  5. Mogens Bencard, The Hen in the Egg. The Royal Danish Collections, Amalienborg 1999
  6. Fabergé Imperial Easter Eggs — Index
  7. Tillander-Godenhjelm, Ulla: Fabergé́n suomalaiset mestarit. Helsinki: Tammi, 2011. ISBN 978-951-31-5878-1.
  8. Tillander-Godenhjelm, Ulla: Fabergé ja hänen suomalaiset mestarinsa. Helsinki: Tammi, 2008. ISBN 978-951-31-4262-9.

Литература

уреди
  • Джон Буф, «Фаберже», М., 1998, ISBN 5-7793-0061-5.
  • «Блестящая эпоха Фаберже. Санкт Петербург — Париж — Москва», каталог выставки, М., 1992, ISBN 5-87075-021-5.
  • «Произведения ювелирной фирмы Фаберже», комплект 16 открыток. Составитель С. Коварская. — Ленинград, Аврора, 1987. (Изображение и данные об изделии «Яйцо и фигурка петуха», 1908—1917. Фирма Карла Фаберже, Москва. Серебро, нефрит, бархат, литьё, чеканка. Высота яйца с подставкой 14 см, высота фигурки петуха 5 см. Государственные музеи Московского Кремля).

Надворешни врски

уреди