Љубе Петковски (Скопје, 4 декември 1924 - Скопје, 16 февруари 2015) — македонски снимател, голем мајстор на филмската камера, кој ја одбележал македонската кинематографија во целата втора половина на XX век.

Љубе Петковски
Роден 4 декември 1924
Скопје,  Кралство Југославија
Починал 26 февруари 2015 (возраст: 90)
Скопје, Македонија Македонија
Занимање снимател

Животопис

уреди

Петковски е роден во Скопје на 4 декември 1924 година. Средното училиште го завршил во родното Скопје, а по Втората светска војна својата кариера, како млад филмски работник, ја започнал како асистент на тогаш искусните режисери од поранешните југословенски простори, како Жорж Скригин од Белград, Вјекослав Африќ од Загреб и Франце Штиглиц од Љубљана. Потоа тој професионално се усовршувал во Загреб и во Париз. Петковски во „Вардар филм“, како еден од неговите основачи, започнал како камерман на документаристот режисерот Кочо Недков, во првите уметнички документарци „Техника на народот“ и „Памук“, двата снимени во 1950 година. Оваа двојка подоцна одново се здружила во документарецот „Средновековни фрески”, реализиран во 1957 година. Меѓутоа, претходно 1955 година бил снимател кинематографер во двата етнографски документарци на режисерот Ацо Петровски „Галичка свадба“ и „Дервиши“, како и документарецот „Ритам и звук“ на режисерот Трајче Попов. Во истата 1955 година, заедно со колегата Бранко Михајловски, како кинематограферски тандем, го снимиле партизaнскиот филм „Волчја ноќ“ во режија на гостинот од Словенија, Франце Штиглиц, што по „Фросина“, бил вториот целовечерен игран филм во продукција на „Вардар филм“. Неговите два најдобри долгометражни документарни филма во кариерата се лауреатските „Скопје ‘63” на режисерот Вељко Булаиќ, посветен на катастрофалниот земјотрес во Скопје (освојувач на Златниот лав за најдобар документарен филм во Венеција во 1964 година) и „Тулгеш“ на Коле Манев, инспириран од голготата и масовниот егзодус на егејските Македонци во 1948 година, по граѓанската војна во Грција, од страна на грчките фашисти на режимот на Метаксас (освојувач на Големиот златен медал и Гран при на Белградскиот мартовски фестивал во 1977 година). Петковски соработувал и со режисерот Мето Петровски во неговите два високорангирани лауреатски документарци, „Вранештица“ од 1976 и „Голгота“ од 1979 година, а за вториот на фестивалот во полски Краков го освоил признанието Бронзен змев за неговата снимателска творба. Како дел од високата кинематограферска креативност на Љубе Петковски се и група најуспешни македонски целовечерни играни филмови, како „ Мирно лето“ од 1961 година, првиот игран филм режиран од македонскиот режисер Димитрие Османли, потоа двете историско-епски драми на белградскиот режисер Жика Митровиќ, „Солунските атентатори“ од 1961 година и „До победата и по неа“ во 1966 година, двата снимени во црно/бела фотографија и ткн wide-screen техника. Во големиот опус на Петковски се и двата играни филма на режисерот Бранко Гапо, „Време без војна” од 1969 и „Време води“ од 1980 година, две социјално-психолошки драми со критички акцент. Своевиден кинематограферски врв во опусот на Петковски претставуваат и двата наградувани филма на режисерот Кирил Ценевски, „Црно семе“ од 1971 година, филм своевидно документаристичко сведоштво за страдањата на затворените и убивани македонски партизани од Егејска Македонија, филм кој триумфирал на ценетиот на поранешните југословенски простори, па и пошироко, филмски фестивал во Пула, а ја освои наградата Жар птица на Московскиот фестивал, како и историската епска фреска од XI век „Јад“, за кој во 1975 на фестивалот во Пула, Петковски бил награден со Златната арена за најдобра фотографија.

Како бард на македонската кинематографија од редовите на кинематограферите, во 1997 година на 18-от Фестивал на филмската камера во Битола, заедно со колегата Бранко Михајловски, станале лауреати на Златната камера 300 за животно дело, со што Љубе Петковски заслужено влегол во клубот на великаните на фестивалот Браќа Манаки. Во 2010 година го добил почесното признание „Златен објектив“ за неговиот исклучителен придонес во развојот на домашниот филм и во уметноста на филмот, воопшто.[1] Починал на 16 февруари 2015 година во Скопје.[2]

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди