Жар-птица

(Пренасочено од Жар птица)

Жар-птицата, во словенскиот фолклор е волшебна птица што сјае и доаѓа од далечна земја. Воедно е и благослов и носител на несреќа на оној што ќе ја фател.

Илустрација на руска бајка за жар-птицата, Иван Билибин, 1899 година.

Жар-птицата е речиси секогаш опишана како огромна птица со прекрасни перја кои зрачат црвена, портокалова и жолта светлина, како голем оган на кој само што му се скротил пламенот. Перјата не престануваат да сјаат дури и кога се опаѓани. Доколку не е покриен, еден пердув може да осветли поголема просторија. Во подоцнежната иконографија, жар-птицата е претставена како мал паун со огнени бои, кикиреска на главата и „пламени очи“ на пердувите од опашката.

Жар-птицата во приказните најчесто е предмет на макотрпна потрага. Потрагата обично започнува со пронаоѓање на опаднат пердув од опашката на жар-птицата, по што јунакот, понекогаш своеволно, но најчесто по заповед на својот татко или царот, тргнува да ја бара и жива да ја донесе. Жар-птицата е чудо по кое многумина копнеат, и јунакот иако отпрвин е магепсан од нејзиниот волшебен пердув, на крајот ја проколнува за страдањата што му ги навлекла.

Принцот Иван се враќа на волшебен килим со заробената жар-птица.

Приказните за жар-птицата се држат до класичната шема на народните приказни, со пердувот како предупредувачки симбол за тешкиот пат, со среќавање на волшебници-помошници кои помагаат при трагањето и уловувањето на птицата и враќање на јунакот од далечната земја со пленот. Најпопуларната верзија на оваа тема е приказната „Принцот Иван, жар-птицата и сивиот волк“.

Приказната за потрагата по жар-птицата вдахновила книжевни дела како што е „Малиот коњ грбавко“ на Петар Ершов. Композиторот Стравински на почетокот од кариерата постигнал невиден успех со големата балетска изведба „Жар-птица“.

Концептот за жар-птицата има паралели во иранските легенди за магичните птици, во приказната „Златната птица“ од браќата Грим и руските магични птици како што е сиринот. Концептот за потрагата е мошне сличен со тој во ерменската приказна „Хазаран б`лбул“ (Hazaran Blbul, што во превод значи жар-птица). Меѓутоа, во ерменската приказна птицата не сјае, туку кога таа пее, целата земја околу неа цути. Во чешкиот фолклор оваа птица е наречена Птак охнивак (Pták Ohnivák) и се јавува во една од приказните на Карел Јаромир Ербен, во која исто така е предмет на макотрпна потрага. На почетокот на приказната птицата краде магични златни јаболка од кралот, па затоа кралските слуги тргнуваат во потрага по неа, со цел да ги заштитат скапоцените јаболка.

Приказната за жар-птицата постои во повеќе различни форми. Во некои приказни, жар-птицата е претставена како загадочна птица која лета околу царскиот двор, а навечер слетува на јаболкницата во царскиот двор и му ги јаде златните јаболка на царот. Во други е претставена само како птица што лета наоколу и им дава надеж на тие на кои им е неопходна. Според оваа легенда, кога жар-птицата лета, очите ѝ блескаат и бисери ѝ паѓаат од клунот. Бисерите паѓаат во селата, па селаните добиваат богатство со кое тргуваат. Во најчестата верзија на легендата, царот им заповедува на своите три сина да ја фатат жар-птицата која постојно ги јаде неговите јаболка. Златните јаболка се наоѓаат во градината на царот и секој што јаде од нив добива младост и сила. Синовите не успеваат да ја фатат птицата, но успеваат да ѝ скинат еден пердув. Кога го носат пердувот во темна соба, таа целосно се осветлува. Мистеријата на овој пердув ги исполнува со светлина срцата на луѓето веќе многу години.