Јосиф Чешмеџиев
Јосиф Чешмеџиев (Скопје, 21 октомври 1890 - Софија, 28 април 1964) — македонски композитор, хорски диригент и етномузиколог од првата генерација македонски композитори, кој важи за еден од позначајните собирачи и афирматори на македонската народна песна. За време на својот живот, тој запишал голем број македонски народни песни од кои само дел ги обработил и објавил во неколку изданија. Поголемиот фонд од неговите записи останал во ракопис, а само дел од овој богат фонд се наоѓа и во Државниот архив во Софија. Бидејќи бил еден од ретките музички образовани Македонци од минатото коишто се занимавале со собирање на македонски народни песни, неговите записи имаат многу поголеми вредности во однос на материјалите запишани од некои други собирачи, пред сè, затоа што содржат и мелографски записи направени од една личност, високо образована и докажана на повеќе полиња на музиката.[1][2]
Јосиф Чешмеџиев | |
---|---|
Јосиф Чешмеџиев околу 1920-30 година. | |
Животописни податоци | |
Роден(а) | 21 октомври 1890 Скопје, Косовски вилает, Османлиска Империја |
Потекло | Македонец |
Починал(а) | 28 април 1964 Софија, НР Бугарија | (возр. 73)
Занимања | Композитор, хорски диригент, етномузиколог, мелограф |
Животопис
уредиЈосиф Чешмеџиев е роден во Скопје во свештеничка и револуционерна фамилија, на 21 октомври (од други извори 8 декември) 1890 година. Татко му, свештеникот Евтим Чешмеџиев, кој бил управител на епархија, поради неговата револуционерна дејност во 1903 година, од страна на османлиските власти, бил осуден на смрт. Неговата мајка се викала Анастасија. Учел во Скопје, Куманово, а потоа се школувал и во Солун, каде што бил ученик на познатиот музички деец Атанас Бадев, кој му го разбудил чувството за народната песна. Понатаму се школувал и во Духовната богословија во Цариград (Истанбул). Овде, учел да свири на разни духовни инструменти кај Акзенштајн, капел-мајстор на султанскиот духовен оркестар. За време на ова школување, тој раководел со на училишниот духовен оркестар во Цариград, а во почетокот на XX век ги напишал првите музички композиции. По враќањето во Скопје, во 1908 г., раководел со голем хор и духовен оркестар составен од калфи и чираци. Следната 1909 г., се запишал на композиција на Државниот конзерваториум во Лајпциг, Германија, каде што каде што на Конзерваториумот учел композиција кај прочуените Макс Регер, Гуго Риман и С. Крел. По завршувањето на Лајпцишкиот конзерваториум во 1913 година, што се совпаднало со Првата балканска војна, и поради состојбите во Македонија, тој останал да работи како помошник капел-мајстор на Хамбуршкиот драмски театар. По враќањето од Германија, повторно поради Втората балканска војна, тој заминал во Бугарија каде што учителствувал во Видин во 1913 г., потоа во Јамбол од 1914 до 1920 г., како и во Софија во периодот од 1920 до 1927 г. и од 1930 до 1932 година.[1][2]
Покрај учителствувањето се занимавал и со други дејности. Така, од 1925 до 1928 година бил обрасцов (примерен) учител во Музичката академија во Бугарија. Во тој период, освен другите дејности, запишувал и народни песни, како соработник - запишувач на народни песни во одделот „Народна музика“ при Народниот етнографски музеј во Софија (1928-1931 г.). Тој пишува и во списаниетo „Устрем“ (1923 - 1926), орган на „Македонскиот младински сојуз“ во Бугарија, за во 1926 година, списанијата „Устрем“, „Независна Македонија“ и „Илинден“ да се спојат и да започне печатењето на весникот „Македонија“. Чешмеџиев е назначен за музички уредник на „Македонија“ (1925-1933 г.), кој во тоа време е еден од најтиражните и највлијателните весници на македонската емиграција во Бугарија, близок со Внатрешната Македонска Револуционерна Организација. Исто така, тој е уредник и на музичката библиотека „Пантеон“ (до 1934 г.). Ги раководел и македонскиот мешан хор „Шар“ (од 1926 г.) и мешаниот хор „Јунак“ (од 1933 г.). Остварил и широка просветна дејност во музичкото образование меѓу Турците во Бугарија. Тој патувал во Турција, Грција, Индија, Австрија, Германија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Италија и Унгарија. Во еден прашалник, што го пополнил самиот, запишал дека ги знаел сите македонски дијалекти, дека зборувал турски, германски, италијански, а се ползувал и со латински, старогрчки, руски и црковнословенски јазик. Членувал и во Македонскиот културно-просветен сојуз и во ОФ. Неговата жена имала име Христина, а негов син е композиторот и диригент Евгениј Чешмеџиев.[3] Починал на 28 април 1964 година во Софија.[1][2]
Мелографски придонес
уредиСвојата богата музичка дејност, Чешмеџиев ја остварил во меѓувоениот период како и во периодот по Втората светска војна, сè до неговата смрт во 1964 година. Фондот на запишани песни од Јосиф Чешмеџиев се проценува на неколку илјади. Во периодот помеѓу двете светски војни, собирањето и објавувањето на македонски народни умотворби било тешка задача.[1][2]
Дел од ракописите на Чешмеџиев кои се наоѓаат во Државниот архив во Софија, Бугарија се нумерирани како трет и четврти том. Песните во третиот том носат броеви од 215 до 320, а во четвртиот том од 321 до 433. Третиот том е едноставно насловен „Македонски песни“, а четвртиот „Избрани македонски народни песни“. Кон овој том е допишан уште и податокот дека песните се запишувани од 1947 до 1949 година. Самиот Чешмеџиев на едно место забележал „некои песни се запишани во 1923 година во западна Македонија, кога бев затворен“. Не постојат податоци кога и поради што Чешмеџиев бил затворен во западна Македонија, но во „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев, кога овој дел бил под српска окупација, среќаваме податок дека тој во јуни, 1924 година ги посетил и населените места во Реканскиот Крај, со одобрение на српските власти, каде собира македонски народни песни за споредување со албанските песни. Тука, во Реканско, поточно во селото, како што тој го вика, Жерноница (се работи за селото Жировница), испрашувајќи го старото и младото месно население, тој ги запишува песните на кои наидува. Тој случајно доаѓа до значајно откритие, кога го привлекол вниманието на старецот дедо Арсо:[4]
„Заинтересиран од мојата работа старецот дедо Арсо ме запраша: Слушнал ли си за прочуениот пцалт при патрикот Јоана Кукузелот? Тој е од нашио сој, ние сме далечни пра-правнуци.“
Така, според Трајчев, во разговорот со дедо Арсо, старецот му открива дека од тоа место потекнувал Јован Кукузел, па Чешмеџиев случајно го открил неговото родно место. Ова откритие Чешмеџиев потоа го презентира на јавноста преку списанието „Устрем“, преку кое во 1926 година објавува и дел од собраните македонски песни.[1][2]
Во периодот додека пишувал за списанието „Устрем“, сфаќајќи го значењето на запишувањето, зачувувањето и популаризирањето на сопствената песна, „Сојузот на македонските младински културно-просветни организации“ во Бугарија, носи решение да се публикува зборник со македонски песни. Таа задача му ја доверува Чешмеџиев кој веќе се занимавал со собирање на македонски народни песни. Тој морал да собере, одбере и да ги разработи песните кои ќе влезат во зборникот.[1][2]
Збирката на Чешмеџиев е насловена „Бугарски Македонски песни, Оригинални и во народен тон во 2 или 3 гласа за еднороден или мешан хор“ („Български Македонски песни, оригинален и въ народен тонъ на 2 и 3 гласа за единороденъ и смесенъ хоръ отъ Йосифъ Чешмеджиевъ“) и е издадена во Софија, 1926 г. Во предговорот кон збирката, Чешмеџиев соопштува неколку податоци што се однесуваат кон важни прашања од неговата собирачка дејност, имено, тој нагласува:[1][2]
„Сојузот на македонските младински културно-просветни организации во Бугарија ми го наложи собирањето и обработката на песните, што ќе влезат во зборникот. Јас со радост се наведнав под тешкиот товар. И тргнав заедно со мојот другар Н. Џеров, по селата и градовите да собираме песни, и за кусо време собравме 214 песни бисерчиња, кон 869 други кои ги собрав порано. Не сите ќе видат бел ден одеднаш, туку во неколку низи.“
За македонската фолклористика посебно е значаен и често е цитиран предговорот на оваа книга во кој Чешмеџиев искажува некои мисли за високите вредности на македонските народни песни и фолклор:[1][2]
„Ние Македонците без песна не можеме. И ја сакаме, силно си ја сакаме родната песна како наша, блиска, разбирлива – како јазик, кој говори за нашето минато, за нашево сегашно време ја и крие во себеси моралната и духовната моќ, потребни за утрешниот ден...“
„...Ние Македонците немаме сфинги и пирамиди, нашата таковина не е украсена со палати и материјални споменици, но има нешто кое ниту вековите, ниту природните стихии, ниту демонската рака на насилниците не можат да ги разурнат. Тоа е духот - самобитниот дух, револуционерниот дух на Македонецот и неговата неограничена љубов, кон родната стреа, кон густите шуми и планини и кон родната култура. Таа неограничена сила е излеана во единствениот споменик - народната песна и игра, најбогатото и најценетото наследство што ни останало од минатиот живот и културата на Македонецот, зачувано до денес”.
„...Да ја чуваме и пееме нашата народна песна, зошто е сила, и додека ја чуваме, ќе живее силниот дух на нејзиниот творец - народот.“
-
Збирката „Бугарски Македонски песни“.
-
Збирката „Македонски народни песни“.
-
Збирката „Илинден 1903-1953“.
-
Збирката „Македонски песни“.
По Втората светска војна, Чешмеџиев развил богата просветна и културна дејност во Бугарија каде што продолжил и со запишување и објавување на македонски народни песни:
- Во 1952 г., обработена и редактирана од Чешмеџиев заедно со Иван Ќулев и Панчо Владигеров, ја издава збирката „Македонски народни песни“ преку Државното издателство „Наука и изкуство“. Збирката содржи вкупно 19 песни.
- Во 1953 г. тој ја објавил збирката со револуционерни песни „Илинден, Револуционерни песни, 1903-1953“. Кон насловот е запишано дека песните се запишани и хармонизирани од Јосиф Чешмеџиев, а се објавуваат по повод 50-годишнината од Илинденското востание. Издавач на збирката е Државното издателство „Наука и изкуство“. Оваа збирка содржи вкупно 36 песни.
- Во 1955 г. од истиот издавач, ја објавил и последната збирка со народни песни едноставно насловена „Македонски песни“. Како и претходните, и оваа збирка не е обемна и содржи 18 песни.
Сите овие објавени песни се обработени и хармонизирани за машки, женски или мешан хор, но во необјавените собрани песни на Чешмеџиев има голем број песни од сите делови на етничка Македонија и сите со нотни записи. Песните се испеани од Илија Шурков - Велес, Благоја Ставрев - Скопје, Лепа Стрезова - село Тресонче, Јован Николов и Иван Несторов - село Галичник, од слепиот просјак Стојан од Штип, Мара Бунева - Тетово, Илија Манолов - Петрич, Недко Серкменџијата - Скопје, Олга Шекеринова - Петрич, Анастасија Пенова и Перо Шанданов - Охрид, Сотир Накев - Прилеп, 106 годишниот старец Тасе Митрев - село Љубовка, Светиврачко, повеќе песни од Марија Антонова - Охрид, повеќе песни од мајка му Анастасија Чешмеџиева - Скопје итн.
Записите на македонски народни песни и оние што ги објавил Чешмеџиев, но и оние останати во ракопис, претставуваат значајни македонски фолклорни материјали, запишани од една недоволно позната и афирмирана личност. Очигледно тие претставуваат не само значајно збогатување на вкупниот фонд македонски народни песни туку и непроценливо богатство за македонската фолклористика, но и за македонската култура воопшто.
Современи изданија
уредиВо 2009 и 2017 г., етномузикологот Марко Китевски ги обработува и објавува песните оригинално запишани од Чешмеџиев како III и IV том, во збирката насловена „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“. Книгата е голема збирка која се состои од вкупно 209 песни.
Творештво
уредиЧешмеџиев е забележан и како композитор, и во областа на хорската песна. Напишал поголем број детски песни, песни за мешан хор, направил обработки на македонски и турски народни песни итн. Автор е на симфонии и пиеси за оркестар, инструментални пиеси, песни за глас и пијано, масовни и естрадни песни и др. Автор е на учебници по пеење, статии за композитори од областа на музичкиот фолклор итн. За жал, неговото богато творешто, е недоволно проучено и недоволно афирмирано.[1][2]
Во неговото творештво спаѓаат: две опери „Тајната на Вардар“ (1918 г.), која не доживеала да биде изведена, и „Меглена“ (1924 г.), потоа три симфониски поеми во ге-мол, т.е. Симфонија №1 (1912, недов.), Симфонија №2 (1920 г.) и Симфонија №3 (1923 г.), Балет-пантомимата „50 години Прва софиска женска гимназија“ (либрето на Р. Колева), и многу други оркестарски творби, кантати, камерни творби, инструментални пиеси, уметнички соло и хорски песни и др.[1][2]
Музички и сценски дела
уредиОпери
уреди- „Тајната на Вардар“ (1918 г.)
- „Меглена“ (1924 г.)
Балет
уреди- Балет-пантомима „50 години Прва софиска женска гимназија“ (либрето на Р. Колева)
Оркестар
уреди- Симфонија №1 (1912 година, недовршена)
- Симфонија №2 (1920 г.)
- Симфонија №3 (1923 г.)
- 6 симфониски песни;
- 4 претстави;
- 7 парафрази на народни песни.
Камерна музика
уреди- Гудачки квартети: №14.
Вокално-инструментално
уреди- 6 песни за глас и пијано.
Хорска музика
уреди- Збирката „Бугарски Македонски песни“, 48 песни за хомоген и мешан хор (1926 г.)
- Збирката „Македонски народни песни“, 19 песни за хомоген хор (1952 г.)
- Збирката „Илинден, Револуционерни песни, 1903-1953“, 36 револуционерни песни за хомоген хор (1953 г.)
- Збирката „Македонски песни“, 18 песни за мешан и хомоген хор (1955 г.)
- Збирка ??, 14 турски песни за хомоген хор (1955 г.)
Наводи
уреди- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. д-р Марко Китевски, Камелеон, 2009 г., Скопје
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. д-р Марко Китевски, Гирланда, 2017 г., Скопје
- ↑ Енциклопедија на бугарската музичка култура, Софија 1967, стр. 453
- ↑ „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев, стр. 23, Софија, 1941 г.