Јован Тофоски
Јован Тофоски (роден на 19 мај 1940 во Прилеп - починал на 20 јануари 2015 во Скопје) — македонски универзитетски професор, специјалист гинеколог-акушер, претседател на Македонското лекарско друштво[1], поранешен министер за здравство и светски експерт од областа на репродуктивното здравје
Јован Тофоски | |
---|---|
Министер за здравство | |
На должноста 5 септември 1992 – 20 декември 1994 | |
Претседател | Бранко Црвенковски |
Претходник | Перко Колевски |
Наследник | Илија Филипче |
Лични податоци | |
Роден(а) | 19 мај 1940 Прилеп, Југославија |
Починал(а) | 20 јануари 2015 Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Установа | Медицински факултет - Скопје |
Професија | професор специјалист гинеколог-акушер |
Животопис
уредиТофоски е роден на 19 мај 1940 година, во Прилеп. Основно и средно образование завршил во Скопје. Студиите на Медицинскиот факултет во Скопје ги завршил во 1965 година, како најдобар студент од основањето на Медицинскиот факултет во Скопје. По првото вработување во Институтот на медицина на трудот „Рудници и Железарница - Скопје”, од 1970 година работел во Гинеколошко-акушерската клиника при Медицинскиот факултет во Скопје, каде ја завршил и специјализацијата.
Извесен период бил и директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, каде работел до пензионирањето во 2005 година. Докторирал во 1985 година, а во 1997 година бил избран за редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје[2].
Проф. д-р Тофоски е автор или соавтор на над 130 стручно - научни трудови. Во својата научна кариера, тој прв во Македонија се занимавал и докторирал на темата поврзана со имунолошките аспекти на односот меѓу фетусот и мајката. Понатаму, тој прв ја вовел методата за медицински потпомогнато оплодување и под негово водство, во 2001 година, е родено првото „бебе од епрувета“ во Македонија[2].
Тој ја извршувал и функцијата претседател на Црвениот крст на поранешна Југославија и експерт на Светската здравствена организација од областа на репродуктивното здравје. Како специјален претставник на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, професорот Тофоски бил на хуманитарни мисии во повеќе од 100 земји во Африка и во Азија, а бил и кандидат за претседател на Меѓународниот црвен крст.[2]. Исто така, тој бил еден од основачите на „Ротари клубот - Скопје“, а смртта го затекнала како претседател на ова здружение.[3]
Од 1992 до 1994 година, во втората влада по осамостојувањето на Македонија, Тофоски бил министер за здравство. Исто така, тој бил претседател на Здружението на гинеколози и опстетричари на Македонија, а во последните десет години од животот бил претседател на Македонското лекарско друштво. Професорот Тофоски бил носител на повеќе признанија, како и на највисокото, на Македонско лекарско друштво - повелбата „Трифун Пановски”.
Професорот Тофоски починал на 20 јануари 2015 година, во Скопје.[2][4]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Д-р Јован Тофоски нов претседател на Лекарското друштво [мртва врска]
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 „Почина проф. д-р Јован Тофоски“, Дневник, година XIX, број 5673, петок, 23 јануари 2015, стр. 4.
- ↑ „Заминувањето на големиот хуманист“, Дневник, година XIX, број 5679, петок, 30 јануари 2015, стр. 13.
- ↑ „Почина претседателот на МЛД, проф. д-р Јован Тофоски“. Архивирано од изворникот на 2015-07-10. Посетено на 2015-01-23.
Претходник Перко Колевски |
Министер за здравство на Република Македонија 5 септември 1992 – 20 декември 1994 |
Наследник Илија Филипче |