Илија Филипче

македонски лекар

Илија Филипче (Охрид, 28 јули 1946) — македонски лекар, научник и професор од областа на оториноларингологијата и медицинските науки. Во периодот од 20 декември 1994 до 29 мај 1997 година бил министер за здравство на Република Македонија. Илија Филипче е член на МАНУ од 2009 година[1].

Илија Филипче
Министер за здравство
На должноста
20 декември 1994 – 29 мај 1997
Претседател Бранко Црвенковски
Претходник Јован Тофоски
Наследник Петар Илиоски
Лични податоци
Роден(а) 28 јули 1946
Охрид, Југославија Југославија
Националност Македонец
Партија СПМ
Деца Венко Филипче
Установа Медицински факултет - Скопје
Професија професор
специјалист оториноларинголог

Образование

уреди

Основно и средно образование завршил во родниот град, а Медицински факултет во Скопје во 1971 година. На Клиниката за уво, нос и грло при Медицинскиот факултет се вработил во 1972 година. Специјализацијата од областа на оториноларингологијата ја завршил во 1977 година. Уште како специјализант бил избран за помлад асистент, а потоа и за редовен асистент. Во 1987 година ја одбранил својата докторска дисертација под наслов „Споредбени испитувања помеѓу техниките на стапедотомија и стапедектомија во хируршкото лекување на отосклерозата“ под менторство на академик Александар Андреевски. Во наредните години следувале изборите за доцент, вонреден професор и редовен професор по истиот предмет при Медицинскиот факултет во Скопје. Избран наставник е и на Високата школа за логопедија и фонијатрија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Високата школа за медицински сестри при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Стручна дејност

уреди

Престојувал во повеќе познати специјализирани центри за одделни суптилни подрачја во областа на оториноларингологијата: во Клинката во Загреб кај академик Падован, а подоцна и кај академик Краина, посветувајќи се на хирургијата на параназалните синуси, фронтобазалните повреди и фонохирургијата; во Париз, во болницата Ст. Антоин кај акад. C.H. Chouard интензивно работел на проблемот на кохлеарниот имплант (вештачко уво) и хирургијата на внатрешното уво; во детската болница Necker во Париз работел на проблемот на вродените малформации на увото, детската бронхо-скопија и езофагоскопија; во Универзитетската болница E. Heriot во Лион, кај акад. Мартин ја усовршил реконструктивната микрохируршка техника на средното уво; во Безје, Франција, во најпризнатата специјализирана отолошка клиника работел на проблемот на хируршкото лекување на глувоста предизвикана од отосклероза; кај акад. Ј. М. Стеркерс во Париз, посебно се усовршува за хируршки пристап преку увото до понтоцеребеларниот агол во мозокот и до внатрешниот слушен канал што е многу важно за отстранувањето на тумори во таа регија; хирургијата на лицевиот нерв уште повеќе ја совладува кај акад. Fish во Цирих; во универзитетската оторинола-ринголошка клиника во Прага интензивно работи на проблемот на вештачкото уво.

Како резултат на овие активности, усвојувањето на нови хируршки техники и знаења и нивното применување акад. Филипче се изградува како исклучителен оператор кој за првпат во Република Македонија воведува нови техники кои дотогаш не се изведувале. Уште поголем придонес се и воведувањето на негови модификации при интервенциите кои даваат многу поуспешен оперативен резултат, мал број компликации и брза рехабилитација. Во својата досегашна професионална работа извршил над 8.000 операции со ниту еден смртен исход и без сериозни и трајни компликации.

Бил директор на Клиниката за оториноларингологија, како и министер за здравство на Република Македонија. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 27 мај 2009 година.

Научна дејност

уреди

Презентирал и објавил над 100 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија. Учесник е на бројни светски, европски и национални конгреси, како и бил поканет предавач исклучително со свои лични трудови.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 1553
Претходник
Јован Тофоски
Министер за здравство на Република Македонија
20 декември 199429 мај 1997
Наследник
Петар Илиоски