Јадрено оружје

(Пренасочено од Јадрена бомба)

Јадрено оружје или нуклеарно оружје — избувлива направа, која ја добива својата огромна разорна сила од јадрена реакција на цепење или од комбинација на цепење и соединување. И при двете реакции се добива огромно количество на енергија од релативно мали количества на материја. За споредба, современо јадрено оружје тешко околу еден тон може да произведе експлозија што би ја произвеле милијарда килограми од најмоќниот експлозив. Јадрените оружја спаѓаат во категоријата на оружје за масовно уништување. Mногу луѓе се борат и се надеваат на целосно отстранување и уништување на ваквите оружја.

Изглед на современа јадрена бомба

Во воената историја досега само двапати биле употребени јадрени оружја, и двете од САД при крајот на Втората светска војна. Првото било детонирано утрото на 6 август 1945 година, кога САД фрлил јадрена бомба на основа на ураниум наречена „Малото момче“ во Јапонскиот град Хирошима. Втората бомба била фрлена 2 дена подоцна, а овојпат тоа било плутониумска бомба што предизвикува имплозија наречена „Дебелко“ во градот Нагасаки исто така во Јапонија. Овие два напади резултирале со 120.000 мртви од повредите од експлозијата и од радиоактивноста и уште голем дел на загинати од долготрајните ефекти од зрачењето.[1] Потребата од користењето на овие бомби било и останува спорно прашање.

Од Хирошима и Нагасаки, како тест или демонстрација јадрено оружје е употребено над две илјади пати. Единствените земји за кои со сигурност се знае дека детонирале јадрено оружје (хронолошки) се: САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Пакистан и Северна Кореја. Исто така се верува дека и Израел поседува јадрено оружје,[2][3] меѓутоа тие го негираат ова тврдење. За повеќе информации за поседувањето на јадрени оружја види ја Списокот на држави со јадрено оружје.

Историја

уреди
 
Облакот во форма на печурка од атомското бомбардирање на Нагасаки се крева 18 километри од местото каде што е фрлена

Првото јадрено оружје било создадено во САД од меѓународен тим, кој вклучувал голем дел на научници од Европа, посебно Германија, со помош на Велика Британија и Канада. Оружјето било создадено за време на Втората светска војна како дел од тајниот Менхетен Проект. Иако првенствено било создадено од страв дека и Фашистичка Германија ќе развие такво оружје, за првпат го употребиле на Јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Првиот тест на јадреното оружје бил направен на 16 јули 1945 година блиску до Аламогордо во Ново Мексико. Тогашниот Советски Сојуз разви и тестираше јадрено оружје во 1949 година со информации добиени преку шпионажа на САД. Првенствено јадреното оружје било во вид на бомби кои биле исфрлувани од авион, меѓутоа со развојот на ракетите во 1960-тите години јадреното оружје било вградувано во ваквите ракети што овозможува да биде погодена било која цел во светот. Со тоа отпочнала Студената војна во која малку фалело да биде повторно употребено вакво оружје.

Јадреното оружје денес стана симбол на воената моќ и моќта на државата, и јадрените тестови се употребуваат за испраќање на политички пораки и заплашувања. И други држави развија вакво оружје во текот на Студената војна, а тоа се Велика Британија, Франција и Кина. Овие пет држави се согласија да го запрат понатамошното ширење на другите земји со вакво оружје, а во тоа време уште четири други земји развија или стекнаа вакво оружје (Индија, Јужна Африка, Пакистан и Израел). На крајот од Студената војна Русија го собра оружјето останато кај некои членки од поранешниот Советски Сојуз и потпишаа договор со САД за намалување на јадрениот арсенал. Јадрените игри продолжија и понатаму. Пакистан во 1998 година го тестираше своето прво јадрено оружје, а Северна Кореја тестираше во 2006-та. Во 2004 година пакистанскиот јадрен херој (човекот заслужен Пакистан што има јадрено оружје) Абдул Кадир Хан призна дека ја продал формулата на Иран, Либија и Северна Кореја. Ова беше најголемиот јадрен скандал во последните децении. Во 2006-та Северна Кореја тврдеше дека извела подземен јадрен тест меѓутоа поради малата експлозија повеќето претпоставуваат дека не бил успешен. Посебно со Нападите на 11 Септември на САД тие се залагаат за јадрено разоружување посебно на помалите земји кои и неразмислено би употребиле вакво оружје.

 
Резервите со јадрено оружје на САД и Русија во последните децении

Досега имало четири големи лажни тревоги од кои последната во 1995 година кои ќе завршеле со лансирање на јадрено оружје помеѓу САД и Русија. А плус се и јадрените кризи во времето на Студената војна како Кубанската ракетна криза. Според податоците од 2006-та се проценува дека има над 27.000 јадрени оружја во сопственост на најмалку осум земји, од кои 96% отпаѓаат на САД и Русија.

Јадреното оружје досега било главна тема на многу светски политички преговори и договори поради стравот на сите земји од ваквото оружје. А претставува и тема за илјадници филмови, книги, телевизиски претстави други културни продукции во кои се укажува на последиците од употребата на вакво оружје.

Видови јадрено оружје

уреди
 
Два можни склопа на јадрената бомба: топовски (горе) и имплозивен (долу).

Постојат два основни видови на јадрено оружје. Првиот вид се оружја кои ја добиваат својата енергија преку јадрено цепење. Тие се наречени Атомски бомби, поради тоа што нивната енергија доаѓа од јадрото на атомот.[4]

Во оружјето што се добива со цепење, количество на радиоактивен материјал (збогатен ураниум или плутониум) се спојува во една суперкритична маса - количина која е потребна да предизвика јадрена верижна реакција. Ова се изведува или со испукување на еден материјал во друг (топовски склоп) или со компресирање на материјалот па активирање со експлозив (имплозивен склоп). Овој склоп имплозија се смета за посовремен и најчесто се користи. Овој метод е возможен само доколку материјалот кој го компресираме е плутониум.

Најголем предизвик при создавањето на јадреното оружје е да поголемиот дел од горивото е уништено пред самото оружје да експлодира. Количеството на енергија ослободено од атомските бомби е приближно еднакво на 500.000 (500 килотони) ТНТ експлозив.[5]

Податотека:Термојадрена бомба.PNG
Термојадрена бомба

Вториот вид на јадрено оружје е далеку поразорен, и својата енергија ја добива од процесот на јадрено соединување. Овој вид на оружја се наречени термојадрени бомби или водородски водородни бомби. Бидејќи материјалот на овие бомби не може да достигне критично ниво без разлика на количеството кое ќе го употребиме и поради нивната можност да се постават на ракети овие бомби се далеку помоќни од атомските бомби. Само шест земји САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција и Индија имаат детонирано вакви бомби.

За активирањето на ваквите бомби се користи енергијата од Атомската бомба, за да го компресира и загрее материјалот. Кај Телер-Улам дизајнот кој има мулти-мегатонска разорна моќ се постигнува со поставување на атомска бомба во близина на материјалот за соединување (трициум, деутериум или литиум деутерид). Кога атомската бомба ќе се детонира, со светлосна брзина се емитираат гама-зраци и рендгенски зраци па го загреваат материјалот до термојадрена температура. Процесот на детонирање има две фази од при првата се активира Атомската бомба за во втората да се активира термојадрената бомба. Меѓутоа врз градбата на јадреното оружје може да се надоврзат повеќе фази во кои секоја фаза ја детонира наредната. Така најголемата детонирана термојадрена бомба е Советската Ца-бомба која ослободила енергија еднаква на 50 мегатони ТНТ експлозив. Повеќето термојадрени бомби се значајно послаби од оваа поради нивните димензии и тежина кои треба да одговараат на ракетите кои ги носат.

Има и други видови на јадрено оружје. На пример, забрзана атомска бомба е атомска бомба која ја зголемува својата моќ додавајќи и реакции на јадрено соединување но сепак не е термојадрена бомба. Некои бомби се направени за посебни цели. На пример неутронска бомба е термојадрено оружје што прави мала експлозија но ослободува големо зрачење. Ваквата бомба е предвидена за што поголем број на жртви а помало оштетување на инфраструктурата. Доколку околу јадреното оружје поставиме материјали како злато или кобалт ќе создадеме солена бомба. Оваа бомба предизвикува огромно количество на радиоактивно загадување во воздухот.

Јадрена стратегија

уреди
 
Изглед на еден проектил на САД кој содржи десет боеви глави кои можат да се упатат на десет различни локации, што ја многу ја отежнува одбраната од овие проектили

Јадрената стратегија е начин како да се одбегне нуклерното оружје во случај на војна или "разумно" да се употреби. Политиката за постојана внимателност од потенцијален напад со јадрено оружје е позната како јадрена готовност. Целта на готовноста е земјата да е во состојба брзо да реагира на потенцијалниот напад и ако е во можност да го спречи и во секој случај да возврати.

Различните начини на напад со јадреното оружје создаваат различни стратегии за одбрана од истото. Најбитна стратегија за земјата која напаѓа е оружјето да не биде откриено за да не може спротивната страна да го попречи неговото детонирање. За да се одржува оружјето скриено тоа се пренесува преку подморници или возови, па и понекогаш се закопува во земја. Други стратегии за одбрана се со создавање на ракетен штит кој ќе ги уништи ракетите со јадрено оружје уште во воздух, како и цивилна одбрана која ќе ги евакуира граѓаните во случај на опасност. Оружјето кое е наменето за загрозување на поголем број на луѓе е наречено стратегиско оружје. Додека оружјето наменето за битки во воени ситуации е наречено тактичко оружје.

Има многу критики во светот на идејата за јадрена стратегија со образложение дека јадрена војна помеѓу две држави ќе заврши со меѓусебно уништување. Оваа закана за национално ако не и глобално уништување придонесува за голем анти-јадрен активизам.

Исто така голем е стравот од опасноста, некое јадрено оружје да падне во рацете на поединечни терористи кои не би се двоумеле да го употребат, а и земјите кои ќе бидат нападнати ќе нема конкретна нација или земја од која треба да го очекуваат или да возвратат. Поради тој страв сигурносните мерки за овие оружја се на највисоко ниво.

Пренос на јадреното оружје

уреди
 
Изглед на најстарите јадрени бомби кои се пренесуваат само со бомбардер поради нивната голема тежина

Под пренос на јадреното оружје се подразбира начинот на кој оружјето ќе помине од земјата која напаѓа до целта. Начинот на кој јадреното оружје ќе ја стигне целта е еден од најбитните фактори во јадрената стратегија и за пример САД од почетокот досега потрошиле 57% од вкупните пари за јадрената технологија за начините на достигнување на целта.

Историски првиот метод на пренесување на оружјето беше со фрлање на јадрени бомби од бомбардери. Овој е најпрвиот развиен метод и не ја ограничува големината и тежината на бомбата. Меѓутоа овој начин го ограничува дострелот на нападот, и остава доста време противничките војски да преземат контра акција. Овој метод сѐ уште се смета како примарен при пренесувањето на оружјето.

Попрактичен начин гледан од стратегиска точка се проектилите на кои се монтира јадрено оружје, кои можат да користат најразлични траектории при пренесувањето на оружјето. Додека проектилите со краток домет се наменети за помал но побрз напад, развиени се и интерконтинентални балистички ракети и балистички ракети лансирани од подморница. Овие јадрени оружја имаат ограничена тежина и големина поради нивната практична потреба да ги собере во проектилот.

Покрај овие два главни начини има и други начини за доставување на оружјето како во форма на нагазни мини, торпеда на подморници и друго.

Одредби, контрола и закони

уреди
 
Меѓународната Агенција за Атомска Енергија е создадена во 1957-ма година со цел да го овозможи мирното развивање на нуклерната технологија и да ги заштити земјите потписнички на Договорот за намалување на јадреното оружје

Поради огромната воена моќ која ја даваат јадрените оружја, политичката контрола е најважен проблем од неговото постоење. Во повеќето земји употребата на ова оружје може да се изведе само со согласност на најголемата државна власт.[6]

Во доцните 1940-ти недостатокот од доверба ги спречуваше САД и Советскиот Сојуз од постигнување на договор за контрола на јадреното оружје, но веќе во 1960-тите години се преземени чекори да се ограничи јадреното вооружување на другите земји и ефектите за средината од јадрените тестови. Во 1963-та е постигнат Договор за делумна забрана за тестирање на јадрено оружје која ги ограничи јадрените проби само на подземно тестирање за да се спречи загадувањето од јадрениот отпад. Во 1968 година е постигнат Договор за намалување на јадреното оружје во која се потпишаа за јадрено ненапаѓање земјите кои не поседуваат јадрен арсенал.

Покрај овој договор постигнати се и поединечни договори помеѓу САД и Советскиот Сојуз за намалување на јадреното оружје. Исто така постигнати се помеќу некои сојузи од држави и континенти за забрана за јадрено вооружување.

Во 1996 година Меѓународниот суд на правдата, највисокиот суд во Обединетите Нации, издаде забрана за користење на јадрено оружје.

Дополнително се преземаат и други акции за земјите кои сакаат да произведат јадрено оружје како економските санкции кон Индија и Пакистан во 1998 година. Во 2003 година под обвинение дека развива јадрена програма Ирак беше нападнат од САД.

Јадрено разоружување

уреди

Од појавата на јадреното оружје до денес четирите земји Белорусија, Казахстан, Јужна Африка и Украина комплетно ги уништиле или ги предале јадрените оружја и повеќе не поседуваат такви.

Употреба за други цели

уреди

Покрај нивната употреба како оружја, јадрените експлозии биле тестирани за различни невоени потреби, и биле предложени за замена на експлозивот при правање на дупки но поради цената за чистење на јадрениот отпад и цената за здравјето на луѓето никогаш не биле употребени.

Со тестирањето на термојадрените бомби се создадоа нови вештачки елементи како ајнштајниум и фермиум. Во 2008 е најден нов начин за проверка на уметнички измами, бидејќи сите слики создадени после првата употреба на јадреното оружје содржат траги од Цезиум-137 и Стронциум-90, изотопи што не постоле пред 1945 година.

Наводи

уреди
  1. „Frequently Asked Questions #1“. Меѓународна агенција за атомска енергија. Архивирано од изворникот на 19 септември 2007.
  2. Кристенсен, Ханс М.; Норис, Роберт С. (2014). „Israeli nuclear weapons, 2014“. Bulletin of the Atomic Scientists. 70 (6): 97–115. doi:10.1177/0096340214555409.
  3. Хирш, Јони (14 април 2014). „Carter says Israel has stockpile of over 300 nuclear bombs“. Israel Hayom. Посетено на 26 јануари 2021.
  4. Educational Foundation for Nuclear Science, Inc. (февруари 1954). „Bulletin of the Atomic Scientists“. Bulletin of the Atomic Scientists : Science and Public Affairs. Educational Foundation for Nuclear Science, Inc.: 61–. ISSN 0096-3402. Архивирано од изворникот 31 март 2017.
  5. Хансен, Чук (1988). „Swords of Armageddon: U.S. Nuclear Weapons Development since 1945“. U.S. Nuclear Weapons: The Secret History. Сан Антонио. Архивирано од изворникот на 30 декември 2016."
  6. Кроди, Ерик А.; Вирц, Џејмс Џ.; Ларсен, Џефри А. (2005). Weapons of Mass Destruction: An Encyclopedia of Worldwide Policy, Technology, and History. Santa Barbara, California: ABC-CLIO. стр. 66. ISBN 1-85109-490-3. Посетено на 9 ноември 2020. македонски: Во Соединетите Американски Држави, претседателот и секретарот за одбена мораат заедно да одобрат активирање на јадрено оружје.