Ѓорѓи Евремов (Кратово, 8 јули 1932Скопје, 6 мај 2011) — македонски биохемичар, генетичар, редовен професор на Земјоделскиот факултет во Скопје, македонски академик и претседател на МАНУ.

Ѓорѓи Евремов
Петти Претседател на МАНУ
На должноста
2000–2001
Претходник Ксенте Богоев
Наследник Матеја Матевски
Лични податоци
Роден(а) 8 јули 1932
Кратово
Починал(а) 6 мај 2011
Скопје
Националност Македонец
Установа Ветеринарен факултет - Загреб
Ветеринарен факултет - Осло
Медицинскиот факултет - Агаста
Професија биохемичар
генетичар
академик

Рани години уреди

Ѓорѓи Евремов е роден во Кратово во 1932 година, како петто, претпоследно дете во семејството. Неговиот татко имал дуќан и заработувал доволно за да му овозможи на семејството добар живот. Со пет години го започнал образовниот процес, а бидејќи бил мал, наставниците кои поминувале покрај неговата куќа го земале за да го одведат во училиште. Образованието го започнал на српски јазик, а по доаѓањето на Бугарите за време на Втората светска војна, уште три години учел на бугарски јазик.

По завршувањето на војната, новиот комунистички режим на Југославија, на семејството Ефремови им го конфискувал целокупниот имот. Следејќи ги поуките на своите родители, Ефремов по преселбата во Скопје во 1946 година, се запишал во гимназија и ја завршил со средна оценка во 1950 година. Неговите родители сакале тој да студира медицина и да им се придружи на постарот брат и најстарата сестра кои студирале фармација на Универзитетот во Загреб. Но во тоа време, студирањето било регулирано од страна на Министерството за образование и бидејќи веќе постоел Медицински факултет во Скопје тој не можел да се запише во Загреб. Затоа тој одлучил да се запише на Ветеринарниот факултет во Загреб, каде дипломирал во 1956 година.

Работна кариера и дообразование уреди

Ефремов почнал да работи како ветеринар, но набрзо сфатил дека тоа не професија за него и се запишал на втора година на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1959 година, по двегодишна теренска работа, бил избран за асистент по споредбена анатомија со физиологија на домашни животни на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.

Сензионалното откритие на елементарните честички на Вернер Хајзенберг го свртило вниманието на Ефремов во неговата научна невиност. Неговите први истражувања за одредување на составните делови на крвните елементи од зајачки ембриони и фетуси ги направил под менторство на проф. Ванчо Ковачев од Институтот за Физиологија. Отогаш тој започнал да го проучува хемоглобинот. Во 1960 година, една година бил на специјализација по физиологија и биохемија во Белград, каде по сугестија на Божидар Николиќ, направил преглед на феталниот и адултен хемоглобин кај домашните животни.

Постдокторските студии ги остварил на Клиниката за интерна медицина при Ветеринарниот факултет во Осло, Норвешка (1963-1965) и на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Агаста, Џорџија, САД (1968-1970). Во меѓувреме, во 1967 година Ѓорѓи Ефремов е избран за доцент по биохемија на Земјоделскиот факултет во Скопје. Управата на Ветеринарниот факултет во Осло, предводена од професорот Мајкл Бред, била живо заинтересирана за истражувањата на Ефремов кој ги вршел за време на постдокторските студии на животинскиот хемоглобин кај овците, а 40 години подоцна неговата метода сè уште служи како пример за експресија на генезата на глобинот.

На покана на проф. Тит Хисмен, од 1968 до 1970 година престојувал на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Агаста во Џорџија, САД, како дел од тимот кој работел на истражувањето на структурата, функцијата, синтезата и експресија на нормален и абнормален човечки хемоглобин. Ова истражување го насочило неговиот интерес кон биохемијата на белковините и ензимите и применета на генетско имжинерство во познавањето на молекуларните основи на вродените моногенски болести, а истовремено му овозможило триесетгодишна плодотворна соработка со Инстититот за биохемија во Џорџија. Спроведените истражувања на човечкиот хемоглобин, познавањето на епидемиологијата и молекуларните основи на вродените мани на човечкиот хемоглобин во САД како и подоцнежните на просторот на поранешна Југославија, Бугарија и Албанија, кој ги спроведел со своите соработници резултирале со откривање на 12 нови хемоглобински варијанти и 23 мутантни форми на таласемии. Открил и свои лабораториски техники и методи. Преку систематските испитувања на повеќе од 40.000 испитинаци ја утврдил рспространетоста и застапеноста на хемоглобинопатиите во поранешна Југославија.

Во 1973 година бил избран за вонреден професор по биохемија на Земјоделскиот факултет во Скопје, а во 1980 година и за редовен професор. Од 1978 до 1979 година е редовен професор по биохемија на Медицинскиот факултет во Аугуста, Џорџија, САД и помошник директор на Центарот за анемија на српестите клетки. Од 1965 до 1980 година бил научен консултант при Клиниката за детски болести на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1995 година бил избран и за редовен професор по физиологија на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Академик уреди

Во 1979 година бил избран за дописен член на МАНУ, а за редовен член во 1983 година. Од 1987 е раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ. Основач е и раководител на Националната, а потоа на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии. Ефремов бил член на Њујоршката академија на науките, на Бугарската академија за медицински науки, на Европската академија за науките и уметностите, на Светската академија на науките и уметностите, на Средоземната академија на науките и уметностите, на Американското друштво за унапредување на науките, на Федерацијата на Европските биохемиски друштва, на Меѓународното друштво за хематологија, на Американското друштво за хематологија, на Меѓународното друштво за судска медицина, на Американското друштво за клиничка биохемија и член на МЛД.

Исто така, Евремов бил избран за министер за наука во првата Влада на Македонија од 1991 година, а во периодот од 2000 до јуни 2001 бил претседател на МАНУ и амбасадор на Македонија во НР Кина.

Добитник е на повеќе признанија и награди меѓу кои „Октомвриска награда“ (1974 г.) и „Орден за заслуги за Македонија“ (2007г.).