Ѓоре Дамески - Боксерот (Прилеп, 15 јануари 1922 - Скопје, 1995) — македонски комунист, учесник во НОВ, повоен политичар и стопанственик. Бил прогласен за народен херој на 29 ноември 1953 година,[1] а бил носител и на Партизанска споменица 1941.[2]

Ѓоре Дамески
Роден 15 јануари 1922
Прилеп
Починал 1995
Скопје
Роднини Дарко Дамески (брат)

Животопис

уреди

Основно училиште завршил во Прилеп. Како младинец работел како ковач и одгледувал тутун. Пред да започне да работи во Монополот бил член на револуционерната младина во Прилеп. На почетокот на 1938 година бил еден од активните штрајкувачи меѓу монополските работници. Во 1939 година бил примен како член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија. Бил член во повеќе секции на КУД „Абрашевиќ“. Учествувал на Илинденските демонстрации во 1940 година, поради што петнаесет дена бил затворен. Подоцна, поради растурање на илегални летоци во Прилеп, бил приведен во полицијата заедно со своите родители.

По окупацијата на Југославија бил вклучен во воената комисија за собирање на оружје и подготвување на вооружената борба против окупаторот. Станал член на Комунистичката партија на Југославија, по што станал секретар на Месниот комитет на СКОЈ и член на Месниот комитет на КПЈ. Бугарските власти го уапсиле во една рација и бил осуден на две години робија, која ја издржал по затворите во Битола, Скопје, Бургас и Перник.

Кога во 1943 година излегол од затвор, извесно време живеел како илегалец, по што заминал во партизани. Бил борец, пушкомитралезец, заменик на политичкиот комесар на баталјон во Првата македонско-косовска бригада, политички комесар на баталјон во Првата и Втората македонска бригада и во 49. и 50. Македонска дивизија. Бил учесник во борбите кај Кичево, Буковиќ, Кленоец, Фуштани.

По Ослободувањето ја завршил Вишата управна школа во Скопје и бил долгогодишен член и инструктор на ЦК на КПМ/СКМ, генерален директор на Претпријатието за ПТТ сообраќај, пратеник во Републичкото (од 1967 година)[3] и Сојузното собрание. Бил член на Централниот комитет на СКМ од Првиот до Петтиот конгрес на СКМ.[4]

Наводи

уреди
  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 113
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 425 стр.
  3. „Службен весник на СРМ, 18/67, 3 стр.
  4. Ѓоре Дамески-Боксерот, oldprilep.com