Црква „Св. Ѓорѓи“ - Мартолци
Св. Ѓорѓи — поствизантиска православна црква во велешкото село Мартолци, Општина Чашка, претставник на Македонската преродба. Му припаѓа на Велешкото архијерејско намесништво во Повардарската епархија на МПЦ - ОА. Изградена е во XVII век и содржи вреден живопис од тој период.[1]
Свети Ѓорѓи
| |
Фреска со сцената „Успение на Пресвета Богородица“ над влезот | |
македонска православна црква | |
Епархија | Повардарска |
Архијерејско намесништво | Велешко |
Парохија | Богомилска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°33′23″N 21°38′55″E / 41.55639° СГШ; 21.64861° ИГД |
Место | Мартолци |
Општина | Чашка |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Ѓорѓи |
Изградба | XVII век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабен |
Стил | поствизантиски |
Местоположба
уредиЦрквата е гробишен храм, сместен на околу 1,5 км југозападно од Мартолци, на брегот на реката Бабуна.
Архитектура и живопис
уредиЦрквата е еднокорабна градба со полукружна апсида на исток, доградена трпезарија на запад и затворен трем по целата должина на јужната страна. Во поново време црквата е целосно малтерисана одвнатре и однадвор, а калканскиот покрив е прекриен со ќерамиди, и така е нарушен автентичниот изглед на храмот. На апсидата од надворешната страна има две ниши, во кои според документацијата во Националниот конзерваторски центар (НКЦ) биле насликани претстави на Свети Никола и Свети Илија, а во долниот дел, денес обраснат со растителност, тесна линија. Има по едно прозорско окно на страничните ѕидови во наосот и по едно во трапезаријата. Влезот е од западната страна низ трапезаријата, а влезот во црквата е низ правоаголна врата над која има покровителска ниша, која заедно со ѕидовите е малтерисана во поново време.[2]
Сводот во наосот е затворен со рамна дрвена ламперија и внатрешноста е малтерисана[2] и така е оштетен фрескописот од XVII век. Според документацијата на НКЦ, дел од украсите се трајно уништени. Живописот во олтарната апсида, кој е зачуван, е оштетен поради невнимание при обновата. На источниот ѕид во второто подрачје било насликано Благовештението, кое сега е покриено со малтер. Во конхата на апсидата е насликана Света Богородица Знамение (Оранта) до појас со малиот Христос во медалјон на градите со две раце дигнати во молитвена поза. Христос е во конусовиден светлосин медалјон и благословува со десната рака. Во првото подрачје на апсидата од Службата на светата литургија има зачувани фигури.[3] Свети Василиј Велики кој се поклонува од северната на Христос-Жртва, насликан средишно во апсидата и во голема мера оштетен. Од југ приоѓа Свети Јован Златоуст. Архијереите носат бели фелони и омофори со големи црвени крстови, а во рацете држат отворени свитоци со нечитлив текст на црковнословенски. Според старата фотодокументација, како дел од литургијата биле насликани и Свети Атанасиј, Свети Кирил Александриски; Свети Никола и Свети Григориј Богослов се на јужниот ѕид во олтарот. Во проскомидијалната ниша е мртвиот Христос во гроб до појас во камен саркофаг, со надесно наведната глава и скрстени раце на градите. На западниот ѕид во првото подрачје јужно од влезот според документацијата бил насликан Архангел Михаил, а северно од влезот се светите Константин и Елена во свечена одежда со круни на главите како го држат голготскиот крст поставен меѓу нив. Во второто подрачје во средината е поставена композицијата „Успение на Пресвета Богородица“ со претставите на светите химнографи во одделни полиња од страните. Од север е Свети Јован Дамаскин монашка облека со бел турбан на главата, кој во десната рака држи перо, а во левата отворен свиток. Од јужната страна е Свети Козма Мајумски во едноставна монашка облека со качулка, кој ги држи истите предмети во рацете.[4]
-
„Мртвиот Христос во гробот“ во проскомидијалната ниша
-
Св. Константин и Елена на западниот ѕид
-
Св. Козма Мајумски на западниот ѕид
-
Св. Јован Дамаскин на западниот ѕид
Во композицијата „Успение на Пресвета Богородица“ таа е средишно легната со скрстени раце на одар. Во горниот дел на сцената е Христос е претставен во светлосина мандорла, како во рацете ја држи душата на Богородица во вид на повиено бебе. Од двете страни на мандорлата се насликани двајца архијереи со отворени евангелија во рацете. Од страната на главата на Богородица приоѓаат Свети Петар со кадилница во раката и уште четири апостоли, а кон нозете во поклон пристапуваат Свети Јован Богослов и Павле, проследени од друга група апостоли. Во преден план е насликан Архангел Михаил како со сабја му ги сече рацете на Евреинот Евфониј кој посегнал да го обори одарот на Богородица. Во северниот агол на сцената има група жени и апостоли натажени од настанот.[5]
Според документацијата, на северниот ѕид, од запад кон исток, во првото подрачје биле насликани Света Петка, Света Недела и Свети Меркуриј, а во второто подрачје имало детаљ од композицијата „Влегувањето во Ерусалим“. На јужниот ѕид биле претставени Светите врачи Кузман и Дамјан, додека во второто подрачје биле претставите на Рождеството на Пресвета Богородица во олтарниот простор и Воскресението Лазарево во наосот.[6]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Николовски, Дарко (2013). „Резултати од валоризацијата на црквите во селата Богомила и Бистрица во областа Азот, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. VI (11): 204.
- ↑ 2,0 2,1 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 269.
- ↑ Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 270.
- ↑ Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 271.
- ↑ Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 272.
- ↑ Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 273.