Трифун Димиќ
Трифун Димиќ | ||
Роден | 29 февруари 1956 Госпоѓинци | |
---|---|---|
Починал | 13 септември 2001 Нови Сад, Србија, СР Југославија | |
Националност | Југословен | |
Народност | Ром | |
Занимање | писател, преведувач, филолог |
Трифун Димиќ (Госпоѓинци, 29 февруари 1956 - Нови Сад, 13 септември 2001) - ромски писател, преведувач, филолог, културен антрополог, критичар, иницијатор и водач на ромските културни акции.[1] Познат како „татко на ромската писменост“ и „ромски Вук Караџиќ“, тој целиот свој живот го посветил на еманципацијата на Ромите.[2]
Животопис
уредиТрифун Димиќ е роден во малиот војводински град Госпоѓинци на 29 февруари 1956 година. Целиот свој живот го посветил на својот ромски народ и неговата еманципација. Бил еден од најголемите ромолози во светот.[3] Живеел во Нови Сад.
Трифун Димиќ првично собирал и бележел дела од народното усно творештво, па во 1979 година објавил стихозбирка на српски и ромски Идејќи од панаѓур (Долазећи са вашара) и Клетви, заклетви и благослови на Ромите (Клетве, заклетве и благослови Рома) во 1984 година, а во 1996 година во публикацијата Матица ромска Народна ромска поезија во Војводина.
Покрај ромското усно творештво, се интересирал и за духовноста, па преведувал капитални книжевни дела. Во 1987 година го објавил преводот на Песна над песните од Стариот завет на ромски, а потоа во 1991 година првиот превод на Новиот завет, а во 1997 година го објавил и преводот на Библискиот петокнижие. Од особена важност бил преводот на црковната книга Служебник во 1993 година, благодарение на што на 8 април 1993 година за прв пат во светот се одржала литургија на ромски јазик во Соборната црква во Нови Сад. Тој исто така ја превел муслиманската света книга Куранот. Го превел и Епот за Гилгамеш.[2]
Објавил неколку стихозбирки, меѓу кои Погуби ги, Боже, оние патишта (Погуби, Боже, оне друмове), во 1993 година, Време на самотија (Време самоће) во 1996 година и Стапала в прашина (Стопала у прашини), во 1998 година, потоа ја објавил студијата Велики петок од Света Петка до Јаш, во 1996 година, учебникот Писменица, во 1995 година и многу други дела.[2]
Димиќ пишувал поезија, проза, филолошки и историски студии, а се занимавал и со новинарство. Бил покренувач и уредник на научното и стручното списание „Ромологија“, кое од 1989 година излегувало на српски и на ромски јазик, како и на списанието за ромска култура и книжевност „Реч Рома“, кое излегувало 1994 година, во издание на Друштвото за јазик, книжевност и култура на Ромите во Војводина, кое исто така тој го основал. Преку изданијата на ова Друштво биле застапени речиси сите писатели Роми во тогашна Југославија.[3]
Во 1996 година го основал, Матица ромска, во која бил претседател до својата смрт. Работејќи во Матица, направил многу планови за развој на ромската култура и јазик, од кои многу и остварил.[4]
Значајна е и неговата работа во областа на образованието на ромски јазик. Ја создал наставната програма по предметот Јазик и национална култура на Ромите, која била одобрена од Владата на Република Србија, Министерството за образование, на 9 ноември 1998 година, а во 2000 година го објавил првиот Буквар на ромски јазик. Факултативната настава на ромски јазик започнала уште во 1996 година, прво во Војводина за 72 ученици, на возраст од I-VII одделение од основното училиште, во три паралелки во Обровац и две паралелки во Товаришево, а набрзо се проширила и на други места, како во Војводина, така и надвор од неа.[3]
Починал во Нови Сад на 13 септември 2001 година.[1]
За неговиот придонес градот му се оддолжил со именување на една од улиците по него. Неговото име го носи и огранок на Градската библиотека во Нови Сад.[5]
Дела
уредиОбјавил над сто стручни трудови од областа на ромските науки и ромската книжевност. Уредил и објавил над триесет книги за многу ромски и српски писатели.[1]
- Kana avavas ando foro / Доаѓајќи од саемот, 1979 година,
- Клетви, заклетви и благослови, 1984 година,
- Национална ромска поезија, 1986 година,
- Песна над песните (пеење на ромски јазик), 1988 година,
- Св. Јованово евангелие на Исус Христос (преведено на ромски јазик), 1989 г.
- Нов завет (превод на ромски јазик), 1991 г.
- Песна над песните (превод на ромски), 1991 година,
- Служебник (на српски и ромски јазик), 1993 г.
- Погуби ги Боже, оние друмови, 1993 година,
- Лил рамосаримако/ Писменица (учебник), 1995 година,
- Света Петка од Епиват до Јаш, 1996 г.
- Гилгамеш (препев на ромски јазик), 1996 година,
- Време на самотија, 1996 година,
- Библиско петокнижие (превод на ромски јазик), 1997 г.
- Традиционална ромска книжевност, 1997 г.
- Стапала в прашина, 1998 година.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „TRIFUN DIMIĆ“. sveske.ba. Посетено на 10 април 2020.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Godišnjica rođenja "romskog Vuka Karadžića"“. bizlife.rs. Архивирано од изворникот на 2020-04-10. Посетено на 10 април 2020.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „JEDAN ŽIVOT, JEDAN PUT, JEDAN SAN...“. riznicasrpska.net. Архивирано од изворникот на 2022-03-11. Посетено на 10 април 2020.
- ↑ „Sećanje na pesnika i romologa Trifuna Dimića“. izkrugavojvodina.org. Посетено на 10 април 2020.
- ↑ „SVENKA SAVIĆ: Rođendan romologa Trifuna Dimića“. autonomija.info. Архивирано од изворникот на 2020-04-10. Посетено на 10 април 2020.
Литература
уреди- Acković, Dragoljub (2005). Trifun Dimić : 1956-2001. Novi Sad: Zavod za kulturu Vojvodine. ISBN 86-85083-13-3.
|access-date=
бара|url=
(help)