Азиска црна мечка

(Пренасочено од Тибетска црна мечка)
Азиска црна мечка
Азиска црна мечка во Вроцлавската зоолошка градина
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Ursidae
Род: Ursus
Научен назив
Ursus thibetanus
(G. Cuvier, 1823)
Живеалиште на Азиската црна мечка

Азиска црна мечка (Ursus thibetanus) — член на семејството на мечките (Ursidae). Таа е со средна големина, има црно крзно со специфичен белег во форма на латиничната буква „V“ на градите. Се претпоставува дека е близок роднина на Американската црна мечка и дека и двата вида потекнуваат од заеднички европски предок[2].

Особености

уреди

Азиската црна мечка достигнува должина од 130 до 190 см. Мажјаците се со тежина од 100-218 кг, а женките помеѓу 50 и 125 кг[3]. Влакната им се кратки, освен на рамениците и на вратот каде се подолги. Излегуваат за време на ноќта, а дење спијат во пештерите или на дрвјата. Во лето живеат во шумите на 3000 метри надморска висина, додека за време на зимата се симнуваат на околу 1500 метри (некогаш и уште пониско).

Полова зрелост достигнуваат на 3-4 годишна возраст и женките раѓаат млади во периодот од октомври до февруари. Овие мечки живеат околу 25 години.

Живеалиште

уреди

Азиската црна мечка ја среќаваме низ повеќето делови на азискиот континент. Живее во шумите во ридските и планинските предели во Источна и Јужна Азија, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Северна Кореја, Авганистан, Пакистан, Бангладеш, северна Индија, Непал, индиската држава Сиким, Бутан, Бурма, јужен Сибир, североисточна Кина, Тајван и Јапонија. Присутна е во предели со надморска висина и до 4700 метри, но и во пониските предели. Во некои делови на Азија оваа мечка го дели живеалиштето со многу поголемата и посилна Евроазиска кафеава мечка (Ursus arctos arctos). Предноста на азиската црна мечка е способноста за качување на дрвјата со што има подобар пристап до плодови. Во резерватот Волонг во Кина, живеалиштето го дели со Џиновската панда. Под-видот на Азиската црна мечка кој го среќаваме на Тајван се нарекува Формозанска црна мечка (U. thibetanus formosanus).

Исхрана

уреди
 

Овој вид на мечки како и останатите спаѓа во групат на сештојади, што значи дека конзумираат храна од различно потекло. Тие се опортунисти па исхраната им зависи од сезоната. Во есен најмногу се хранат со желади, костени и ореви кои ги собираат или директно од дрвјата или од паднатите на земја. На пролет се хранат со бамбус, малини и голем број на други растенија. Во летниот период има поголем избор на плодови од разни растенија, а исто така се зголемува и исхраната со инсекти, особено мравки. Понекогаш се случува да јадат мрша или да нападнат добиток. Од ’рбетници се хранат со риба, птици, глодачи или мали цицачи[3]. Се смета дека азиската црна мечка е поголем месојад од американската, сепак месото претставува само мал дел од вкупната исхрана на овие животни.

Однесување

уреди

Овој вид на мечки се смета дека е прилично агресивен спрема човекот (поагресивен од американската црна мечка) со оглед на големиот број регистрирани напади и смртни случаи. Поради нивната големина, ворасните единки имаат многу малку природни непријатели, сепак овие мечки претставуваат 7% од пленот на сибирскиот тигар[4].

Статус

уреди

Азиската црна мечка е означена како ранлив вид на црвената лист на заштитени видови. Најголема опасност претставува губењето на природното живеалиште поради сечењето на шумите. Често се убивани и од фармерите бидејќи претставуваат опасност за добитокот.

Овие мечки се ловени и поради нивниот жолчен меур од кој се добива жолч која се користи во традиционалната кинеска медицина. Откако во 1980-тите, Кина донесе закон против ловокрадството, постојат специјални фарми на азиски мечки. Во овие фарми мечките се чувани во кафези, и од нив се собира жолчниот меур кој потоа се продава. Овие фармери тврдат дека доколку не постојат овие фарми, побарувачката на жолчен меур ќе предизвика зголемено ловокрадство и убивање на и така ранливиот вид на азиска црна мечка. Сепак, се смета дека оваа практика е сурова и нехумана, и дека синтетички добиениот жолч – урсодеоксиколична киселина е исто толку медицински ефикасен како и вистинскиот, а е всушност многу поевтин.

Под-видови

уреди
 

Наводи

уреди
  1. Ursus thibetanus. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1996. Посетено на 9 мај 2006. Listed as Vulnerable (VU A1cd v2.3)
  2. Macdonald, David (1984). The Encyclopedia of Mammals: 1. стр. 446. ISBN 0-04-500028-X.
  3. 3,0 3,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-04-27. Посетено на 2008-11-12.
  4. islav Mazak: Der Tiger. Nachdruck der 3. Auflage von 1983. Westarp Wissenschaften Hohenwarsleben, 2004 ISBN 3 894327596

Надворешни врски

уреди