Словенски преселби на Балканскиот Полуостров

Словените имаат индоевропско потекло. Тие претставуваат посебна јазичаричка и културна гранка во рамките на индоевропската фамилија, кон која припаѓаат народите што говорат германски, романски, ирански, келтски и некои други јазици (грчки и ирански јазик). Во далечното минато предците на овие народи живееле на иста територија. Врз основа на употребата на некои зборови пр. зима, бреза и др. кај јужните народи, се смета дека прататковината на Индоевропјаните се наоѓала во централна и северна Европа.

Прататковината на Словените.

Населување на Словените на Балканот

уреди

Врз основа на резултатите што ги дава археологијата како и резултатите од јазичаричките истражувања на споредбената филологија и врз основа на историските извори, особено на некои податоци од грчките и римските писатели формирањето на ранословенската етничка маса во рамките на индоевропската заедница се датира доста длабоко во минатото дури до 3000 . п.н.е. Всушност се смета дека кон IV милениум започнало распаѓањето на индоевропската заедница. Притоа први се оделиле и издвоиле во самостојни јазично етнички групи : Хиндусите, Иранците, Хетите и др. кои тргнале кон југоисток. По нив се издвоиле германските и романските етнички заедници. Додека словенската заедница се издвоила нешто подоцна кон крајот на II милениум п.н.е. Од неа се отцепиле таканаречените балтословенски народи, предците на денешните Литванци, Летонци (Латвијци) и Естонци.

Анализата на општо словенскиот јазик покажува широка употреба на термини за шуми (гори), езера, мочуришта и определени видови дрва, но изостануваат називи за мориња и планини. Тоа дава основа прататковината на Словените да биде сместена во рамнините на централна и источна Европа. Поточно во пространата област која на запад започнува со реките Одра и Висла, на исток допира до Днепар (Ока и Горна Волга), а на југ до Карпатите. Старите писатели немале јасна претстава за земјите на Словените и не пројавувале некој поголем интерес за нив. Поради тоа сè до почетокот на новата ера за нив нема писмени сведоштва. Се претпоставува дека некои племиња што ги споменува Херодот (5 век. п.н.е) биле Словенски. Херодот имено известува дека северно од црноморското крајбрежје живееле многу бројни племиња познати со заедничкото име Скити или Сколоти. Јазичарите сметаат дека овој термин е тесно повржан со основата на зборот Словени чие име во средниот век другите народи го изговарале со карактеристична согласна група С-К-Л (пр. Лат. Склави, грч. Склавенои, арб. Сакалибе). Покрај Сколотите Херодот северно од нив ги споменува Неурите (Неври), а источно Будините. Можно е и Енетите што живееле на север покрај брегот на Балтичкотот море да биле исто така словенско племе. Тие ја населувале дел од територијата што се смета за прататковина на Словените, а покрај тоа нивното име е многу блиску до името Венети (Венеди), со кое Словените биле именувани во почетокот на новата ера. Така римскиот историчар Плиниј Постариот (1 век н.е) во своето дело „Природознание“ известува дека Венетите живееле на запад од реката Висла. Покрај тоа и Такит (втора половина на 1век и почетокот на 2век од н.е.) ги познава Словените под името Венети. Во својот труд “ Германија „ известува дека тие (Словените) ги населувале териториите околу средна и долна Висла и балтичкото приморје. Западни соседи им биле Германите, северни Финците, а источни Сарматите. Во споменатиот труд Такит дава многу конкретни информации за општествено-политичкото уредување на Словените и нивниот начин на живот. Под името Венети Словените ги именува и познатиот александриски географ Птоломај (2 век.) и познатата Понтин-серова карта (4 век.). Според тоа име и Балтичкото Море било именувано како Венетски Залив. Интересно е да се спомене дека Германците и денес некои од западните Словени ги нарекуваат Венти. Од старите писатели највеќе податоци дава Јорданес (6 в.) кој во Венетите ги вбројува Словените и Антите, а притоа ги наведува териториите што тие ги населувале. Според неговите податоци Словение ја населувале територијата на север од Карпатите од Панонија до Днестар, а Антите помеѓу Днестар, Днепар и црноморското крајбрежје. Кога говори за војните што ги воделе Остроготите со Словените во средината на 6 век Јорданес ги именува Словените со општото име Венети подвлекувајќи дека тие биле силни благодарение на својата бројност, а веднаш по тоа соопштува дека тие биле познати под имињата Венети, Анти и Словени. Овој податок на Јорданес овозможува да се претпостави дека најдоцна до 4-5 век огромната словенска заедница конечно се распаднала на три дела, од кои секој си имал свое име: западните – Венети, источните – Анти и јужните – Словени или Славини. На пространите територии помеѓу Висла, Днепар и Горна Волга каде што се формирала рано словенската етничка маса теренот е рамничарски, обраснат со шуми или покриен со степи, богат со езера, реки и мочуришта. Тие предели имаат нагласено континентална клима со жешки лета и остри зими.

 
Животот на Словените.

Во својата прататковина Словените го усвоиле земјоделството кое претставувало основна стопанска гранка, а се занимавале и со сточарство, лов и риболов. Споредбената филологија на словенските јазици покажува дека во областа на земјоделството и сточарството имињата на поедини предмети сврзани со овие дејности постојат многу зборови од ист корен. Тоа значи дека Словените се занимавале со споменативе стопански дејности уште додека живееле на своите стари територии. Дека Словените уште пред почетокот на новата ера се занимавале со земјоделство најдобро покажуваат заедничките корени на зборовите: жито, живот; Што би значело дела житото било основно средство за одржување во живот. Заеднички им биле и имињата на разни житарици како на пример: јачмен, пченица, просо и др. Покрај тоа Словените знаеле и за некои видови овошје од средноевропското продрачје (јаболко, орев, круша и др.) што растело по нивните жуми. Покрај земјоделството, важна стопанска гранка кај Словените било и сточарството кое главно зависело од природно-географскте услови на територијата што ја населувале. Познато е дека старите Словени знаеле за домашните животни : говедото, кравата, овцата и најверојатно кучето. Од живината ги познавале кокошката и гуската. Важни стопански гранки биле и риболовот и пчеларството. Од рибите знаеле за : сомот, пастрмката и др, а од медот го приготвувале својот омилен пијалак медовина. Ловот исто претставувал една од поважните стопански гранки, впрочем за неговиот развиток постоеле многу поволни услови. Нивната татковина била богата со непрегледни шуми во кои живеел разновиден дивеч и ѕверови. Словените ги познавале и најпримитивните форми на некои занаети. Знаеле за преработка на дрво, за грнчарството, за кожарството, а и правеле некои предмети за домашна употреба. Живееле во примитивни живеалишта. Куќите им биле направени од дрво или од прачки облепени со глина-кал. Во рамничарските предели правеле земјанки, кои со еден дел биле вкопани во земјата. Интересно е да се напомене дека живеалиштата имале повеќе излези што претставувало мерка на предпазливост во случај на ненадеен напад. Живеалиштата најчесто биле подигнувани покрај вода (реки и езера), како поради заштита од надворешни напади така и поради бавењето со риболов.

Верувањата на Словените

уреди
 
Словенски ритуал

Старите Словени живееле во родови, односно родовски општини составени од поголеми фамилии. Верувале во многу богови. На прво место го почитувале богот на молњата и громот Перун, чие име е зачувано и до ден денес во топонимијата и во цвеќето Перуника. Важно место во словенскиот пантеон заземале и богот на плодноста Дажбог (Дајбог), потоа заштитникот на стадата Волос (Велес), божицата на убавината Лада, богот на злото Чрнбог (Црнбог), богот на доброто Белбог, божицата на смртта Морана и др. Словените верувале и во цела низа натприродни суштества и сили кои стоеле на понизок ранк од боговите. Верувале дека реките, езерата, шумите и планините имале свои заштитнички нинфи или вили, а исто така и врколаци и вампири. Ова верување се задржало доста долго речиси кај сите словенски народи за што говорат бројни приказни. Како и другите народи Словените не можеле да се помират со фактот дека со смртта престанува животот, па затоа почнале да веруваат во задгробен живот. Притоа заедно со мртвите често биле закопувани нивните најдраги предмети, а понекаде со смртта на домаќинот на куќата била убивана и неговата жена. Најголем број од Словените немале свештеници, ниту пак храмови посветени на своите божества. Обредите се вршеле на места однапред определени за таа намена.

Првите напади над Византија

уреди

Веќе во 4. Век Словените започнале да се раздвижуваат од старата татковина кон запад, исток и југ. На запад тие постепено стигнале до реката Елба на која и го дале словенското име Лаба па од таму и Словените што ги населиле нејзините брегови биле наречени Лабиски Словени. На исток Словените стигнале до реките Ока и Горна Волга. А на југ ги преминале Карпатите и започнале да проникнуваат во пределите северно од Дунав. Една од причините кои го предизвикале поместувањето на дел од Словените било раздвижувањето на германските племиња (Готи) и на Хуните од Азија кон запад, кои всушност и ја предизвикале големата преселба на народите. Првите сведоштва за раздвижувањата на словенските племиња датираат од 4 вел. Кон средината на овој век, според известувањата на Јорданес, Словените (Антите) влегувале заедно со другите племиња во составот на Остроготскиот сојуз на чело со Херманарих. Кога во 375 година Хуните го поминале Дон и го разбиле Готскиот племенски сојуз, Словенските племиња се осамостоиле. По разбивањето на Остроготите Хуните продолжиле да се движат кон запад и стигнале до Дунав потчинувајќи ги под своја власт и многу племиња меѓу кои и Словените. По распаѓањето на Хунскиот племенски сојуз 454 година, Словените започнале масовно да се населуваат на териториите јужно од Карпатите. Односно на левиот брег на долен Дунав, тогашната граница на Византиското царство кон варварскиот свет. Од тоа време датираат и првите споменувања на нивното име во делата на византиските автори. Така псевдо-Кевсариј (втора половина на 5 век) веќе говори за Словените (грч. Склабенои) како за народ што живее покрај реката Дунав. Набрзо по пристигнувањето на долен Дунав Словените сами или заедно со други народи и племиња започнале да ја преминуваат реката и да напаѓаат на Византиското царство.

Првите Словенски напади на Византија датираат од времето на императорот Анастасиј I (491-518), кога изворите се почесто известуваат за напади на “Гети“ кои го поминувале Дунав, ги разбивале византиските гарнизони и се враќале назад со богатиот плен. Ако се знае дека левиот брег на Дунав го населувале Словените, а Готите веќе биле заминати за Италија, со голема веројатност се смета дека станува збор за напади на словенските племиња. За да ја заштити престолнината од се позасилените напади на Словените и другите варварски племиња (Хуните и Бугарите), Анастасиј I изградил долг заштитен ѕид на околу 70 километри од престолнината и се протегал од Силимбрија на Мраморното море до Деркос на Црното Море.Словенскит напади продолжиле со уште поголем интензитет и во времето на Јустин I (518 – 527), а особено во времето на Јустинијан I (527- 565) кој си поставил за задача по секоја цена да ги заштити балканските граници на царството. За да го стори тоа Јустинијан изградил бројни утврдувања низ целата територија на Балканскиот Полуостров. Меѓутоа овие утврдувања не одговориле сосема на својата намена и неуспеале да ги запрат навлегувањата на Словените. Притоа најголемо внимание било насочено на заштитата на Дунавската граница каде биле обновени и зајакнати многу стари утврденија, а истовремено биле изградени и многу нови тврдини. Покрај тоа утврдувања биле подигнати или старите обновени и проширени и во внатрешноста на Балканот. Прокопиј Кесариски во својот труд “ За градбите „ наведува околу 80 утврдувања долж дунавската граница и околу 370 во внатрешноста на Балканот сè до Јужна Грција. Овој грандиозен одбранбен систем се покажал неефикасен и неуспеал да ги спречи навлегувањата на Словените, Аварите и Бугарите во територијата на царството. Словенските напади биле интезивирани особено кој средината на 6. Век кога започнала вистинска словенска инвазија на византиските граници на царствотот. Според известувањата на Прокопиј Кесариски, Словените во 548 година продреле до Драч, Албанија (Дирахион). Две години подоцна 550 год навлегле во Тракија, а 550/1 и есента 551 Словените повторно навлегле во Балканот и ги опустошиле Илирик и Тракија. Првите словенски напади на територијата на Византија имале ограбувачки карактер. Главна цел им била да дојдат до плен и заробеници, а потоа се повлекувале преку Дунав. Меѓутоа од средината на 6. Век Словение започнале да покажуваат поголем интерес за Балканот. Така повторно Прокопије Кесариски известува дека Словените при нападот на Византија во 550/551 се задржале подолго време на Балканот и дури презимиле на византиска територија како на своја земја. Од средината на 6. Век за околу 20 години спласнуваат и сосема престануваат словенските напади на Византија. Главната причина за таквата состојба било доваѓањето на Аварите во Панонија (Средно Подунавје). Во 558 г. Аварите формирале своја држава “наречена“ Аварски каганат (сојуз на многу разнородни племиња: Авари, Словени, Хуни, Бугари и др.). Аварите уште на патот кон Панонија потчиниле дел од Словенските племиња по Северното црноморско крајбрежје и долното течение на Дунав, а потоа и Словените во Панонија.

Во сојуз со Лонгобардите, Аварите најпрвин ја ликвидирале државата на Гипидите, а по заминувањето на Лонгобардите во Италија во 568 г. станале единствени господари на Панонија. Кога дошле во Европа Аварите броеле околу 20000 војници, а кога им се придружиле Хунските и Бугарските племиња нивниот број се зголемил на 50000 војници. По краткото затишје кон крајот на 70-те и особено кон текот на 80-те години од 6-от век започнал нов голем бран Словенски и Аваро-словенски напади на Византија. Користејќи ја зафатеноста на Византија во борбата со Аварите околу Сирмиум, Словените во 581. год нападнале на царството и 4 години ги пустошеле неговите територии. Во 584 за првпат бил нападнат и градот Солун, управниот центар на префектурата Илирик. Две години подоцна Словените овојпат заедно со Аварите презеле нов напад на Солун, кој завршил без успех. Во продолжение на овој поход Словените и Аварите се распрснале по околните области, а некои дошле и до Пелопонез каде што се населиле. Се смета дека од овој период започнал процесот на потрајно населување на Словените на Балканот и до формирање на првите Склавинии.

Конечно населување на Словените на Балканот

уреди

Во почетокот на 7. век по неуспехот на Византиската офанзива на долен и среден Дунав, започнал третиот бран на Словенска инвазија на Балканот. Користејќи ја внатрешната криза во Византија огромната маса Словени го преплавиле Балканот пустошејќи ги Византиските провинции и рушејќи ја Византиската власт. Со тоа всушност започнала последната етапа на трајното населување на Словените на балканските простори. Народот на Словените од 614-616 ги пустошел Хелада, Ахаја, Тесалија, соседните острови, Епир, голем дел од Илирик, дел од Азија и Егејските острови. Две години подоцна 618 година Словените ги обновиле нападите, а Византија не се ни обидела да ги одбрани своите територии. Така во првата половина на 7 век Словените конечно го освоиле Балканот и во своето големо движење кон запад и југ се запреле на рабовите на Балканското копно. Големи промени настанале и во областа на топонимијата. Најголем број од населбите, реките, езерата и планините добиле нови словенски имиња, а останатите Словените ги прилагодиле на својот изговор. ТесалоникаСолун ; ЦариградЦариград ; СингидунумБелград ; СердикаСофија ; МесенвријаНесебар ; ПулпудавиПловдив ; НаисусНиш ; ПауталијаЌустендил ; МаргусМорава ; СавусСава ; ДравусДрава ; ДанубиусДунав ; СтримонСтрума ; СкардусШар Планина.

Наводи

уреди

Користена литература

уреди
  • „Историја народа Југославије“ т.I, Београд, 1953.
  • Антојак С., Панов Б.: „Средновековна Македонија“. Т. 1 и 3, Скопје, 1985.
  • Fine J.V.A.: „The Early Medieval Balkans“, Ann Arbor, 1983.
  • P.M. Barford, „The Early Slavs: Culture and Society in Early Medieval Eastern Europe“, British Museum Press, London 2001.