Рјуносуке Акутагава

Рјуносуке Акутагава (1892, Токио, Јапонија - 1927) - јапонски писател.

Рјуносуке Акутагава (1892 - 1927)

Животопис

уреди

Рјуносуке Акутагава е роден во 1892 година, во Токио. Татко му му го дал името Рјуносуке (Змејовиот помошник) зашто се родил во месецот на змејот и во годината во знакот на змејот. Мајка му била тешко болна и не можела да се грижи за него, така што него го одгледал вујко му Шодо Акутагава. Од него, Рјуносуке ја стекнал љубовта кон книгата. Во училиштето го сметале за чудо од дете. Подоцна, во својот дневник, тој запишал дека решил да стане писател во трето одделение од основното училиште, кога ја прочитал збирката расказиПриродата и човекот“ на Токутомо Роко. Во Токио ја завршил и гимназијата, како прв во својата генерација. Потоа студирал англиски јазик и книжевност на царскиот универзитет во Токио, каде дипломирал со одличен успех. Неговиот дипломски труд „Студија за Вилијам Морис“ оставил голем впечаток со зрелата анализа и со префинетиот стил.[1] Познатиот јапонски писател Кикучи Кан, инаку пријател на Акутагава уште од детството, го опишал на следниов начин: „Оставаше необичен впечаток, онака блед, со темни подочници и изразеноцрвени усни. Често за себе зборуваше дека не ги посетувал редовно предавањата на универзитетот и дека бил премногу мрзелив студент. Меѓутоа, тоа не е точно. Уживаше глас на многу ревносен и вреден работник. Беше тивок, повлечен, целосно затворен во себе. Имаше една голема страст - книгите - и постојано ја збогатуваше својата библиотека“.[2] Еден јапонски критичар го опишал Акутагава на следниов начин: „Во личните навики и во работата беше крајно педантен. Имаше одлична меморија, многу плодна фантазија и широко разбирање за туѓите неволји и маани. Беше можеби претерано студен и интелектуален“.[3] Во своите сеќавања, Кикучи Кан запишал дека во 1923 година Акутагава ја одбил понудената катедра на царскиот универзитет во Кјушу, истакнувајќи дека „тој беше писател со најширока култура во Јапонија. Во работата не знаеше за одмор. На вратата на својот стан постојано имаше белешка со натписот - Болен, ви благодарам на посетата. Тоа не беше ексцентричност, туку желба да не се пропушти ниеден творечки час. Имаше големо знаење и длабоко ја познаваше како јапонската така и западната култура. Како Морис, и Акутагава го привлекуваа историјата, легендите и митовите од класиката и средниот век... Акутагава си играше со животот како со остро сребрено ноже, но всушност никогаш не го проживеа.“[4]

Акутагава извршл самоубиство во 1927 година, како „двојна жртва на едно непријателски расположено општество и една култура на раскрсница меѓу старото и новото“.[5] Непосредно пред самоубиството, тој напишал долго објаснување, наведувајќи бројни примери на самоубиства на истакнати личности во источната и западната историја и наведувајќи разни философски причини за тој чин. Во тоа време, тој бил физички и нервно измачен, како последица на кревкото здравје и на долгогодишната работа во услови на затегната нервна состојба. Притоа, тој споменал некоја жена како непосреден повод за самоубиството, но не го наведол нејзиното име. Подоцна, поетесата Бијакурен ја прекршила тајната, соопштувајќи дека се работи за нејзината пријателка, поетесата Куџо Такеко, која во тоа време важела за идеална жена на современата Јапонија. Меѓутоа, според некои толкувања, сите тие причини на Акутагава му биле потребни само како оправдание и изговор, а всушност тој бил уморен од животот и долги години размислувал за смртта.[6] Во таа смисла, еден биограф напишал дека животот на Акутагава „не е ништо друго, туку само список на датите кога биле напишани расказите и список на списанијата во кои биле објавени“.[6]

Творештво

уреди

Својот прв расказ Акутагава го објавил во списанието „Шиншиќо“, а потоа во списанието „Теикоку Бунгаку“ објавил уште два расказа од кои еден („Рашомон“) послужил како наслов за неговата прва збирка раскази, објавена во 1917 година. Уште како студент, Акутагава му станал ученик на познатиот јапонски писател Сосеки Нацуме, а исто така, големо влијание врз него извршил и Хори Огаи, воен хируг и писател. Од Нацуме ги научил техниката на составување стихови во стилот на хаику, како и композицијата на расказите. Кога во 1916 година по четвртипат било активирано списанието „Шиншиќо“, во него Акугагава го објавил расказот „Нос“ за кој бил пофален од Нацуме, кој му рекол дека „ако напише уште 20 или 30 раскази, такви или слични, ќе заземе единствено место меѓу писателите од неговата земја“. Подоцна, Акутагава напишал уште неколку раскази со таков стил, како: „Луле“, „Вински црв“ и „Вошки“.[7]

Творештвото на Акутагава е богато и се состои од околу 200 раскази. Слично на Сосеки Нацуме и Хори Огаи, и тој пишувал со ретко убав јазик, а неговиот стил бил збогатен со големото познавање на јапонското културно наследство и западната книжевност. Според него, „зборовите мора да кажуваат повеќе од нивното голо значење во речникот“, така што тој им давал двосмислено и внатрешно значење и имал големо поетско чувство за војата и обликот на зборовите. Како писател, тој се трудел да остане скриен и безличен, а своите ликови ги откривал посредно, надоврзувајќи се на старите јапонски легенди и посветувајќи големо внимание на најситните детаљи од историските периоди кои ги опишувал. Притоа, тој умеел на своите раскази да им даде старински тон, но сепак да ги направи современи и актуелни. Во неговиот стил често има и морбидни и бизарни елементи, а понекогаш е присутна и свифтовската сатирична црта во осудата на хипокризијата и вулгарноста на современиот живот. Меѓутоа, тој вешто ги избегнал наивната општествена критика и површната интроспекција кои било во мода во јапонската книжевност од неговото време. Неговите минијатури понекогаш изгледаат студени и стилизирани, но тие никогаш не се само декоративни, зашто тој настојувал да ги преиспита вредностите на своето време, да ја драматизира комплексноста на човековата душа и да ја проучи рамнотежата меѓу илузијата и реалноста. Тој често го менувал начинот на пишување, движејќи се од реализмот до фантастиката, од симболизмот до надреализмот, но успеал на своите дела да им даде лична и трајна уметничка форма.[8]

За творештвото на Акутагава се присутни спротивни ставови: едни го сметаат за надарен психопат кој се изолирал од светот и од животот, други со сметаат за декадент и циник, а трети тврдат дека е неговите дела се одликуваат со висок уметнички квалитет, некои го сметаат за генијален дилетант, а други за претенциозен ученик на Флобер на кого потсетува со избраниот речник и сериозниот пристап кон уметничкото творештво. Според зборовите на еден критичар, „според својата наклонетост кон убавината и привлечноста на Средниот век, Акутагава потсетувал на Морис, но немал ниедна од практичните реформаторски тенденции на тој уметник-социјалист“. Имено, Акутагава не успеал да ја спроведе својата најголема желба - да „изврши револуција на полето на книжевниот вкус“ во Јапонија.[5]

Библиографија

уреди

Најпознати раскази на Акутагава се:[9]

Наводи

уреди
  1. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 213-214.
  2. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 215.
  3. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 216.
  4. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 217.
  5. 5,0 5,1 Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 214.
  6. 6,0 6,1 Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 218.
  7. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 215-217.
  8. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 219-220.
  9. Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003.