Џашумон (расказ)
Џашумон (јапонски: 邪宗門) - недовршен расказ на јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава од 1918 година. Насловот на расказот, буквално преведен значи „Лажна религија“, а тоа е еден од јапонските изрази кои во минатото се употребувале за означување на христијанството.[1]
Содржина
уредиРасказот се состои од 31 глава:
- I - XI: Вакатоно Сама бил благородник од Кјото. Кога имал 19 години, неговиот татко умрел во страшни маки и Вакатоно станал глава на куќата. По својот изглед и по карактерот, потполно се разликувал од неговиот татко: Вакатоно бил убав, нежен и голем љубител на уметностите. Како дете, тој учел да свири на еден вид јапонска флејта, но се откажал откако татко му го убил неговиот учител. Оттогаш, неговите односи со татко му биле студени. Пет-шест години по смртта на татко му, Вакатоно се вљубил во убавата принцеза Накамикадо, ќерка на неговиот учител по флејта. Вакатоно редовно ѝ праќал писма и песни, но никогаш не добивал повратен одговор од неа. Во тоа време, во градот ненадејно се појавил таинствен свештеник со необична моќ, кој проповедал ссома нова религија. Тогаш се случил единствениот значаен настан во животот на Вакатоно.[2]
- XII - XXXI: Една ноќ, Вакатоно бил пресретнат од група разбојници, предводени од управникот на имотот на принцезата Накамикадо. Сепак, Вакатоно успеал да ги наговори разбојниците да го врзат управникот кого потоа го ослободил и преку него ѝ пратил писмо на принцезата. Оттогаш, таа почнала редовно да го прима во својот дом. Еднаш, еден самурај во служба кај Вакатоно ги видел свештеникот и управникот на имотот на принцезата како се договараат свештеникот да ја посети неа. Од разговорот, слугата дознал дека свештеникот одамна ги познава управникот и принцезата. За да је спречат средбата, двајца самураи на Вакатоно се обиделе да го убијат свештеникот, но тој ги совладал со помош на својата магија. Притоа, тие забележале дека тој го носи кимоното на принцезата од што заклучиле дека тие веќе се сретнале. По некое време, за време на свеченото отворање на еден будистички храм, ненадејно се појавил свештеникот кој ја исмевал будистичката вера и ги повикал присутните да го следат неговото учење. Нему му се спротивставил еден познат будистички калуѓер, но свештеникот ја совладал неговата магија. Тогаш, исполнет со гордост, свештеникот ги повикал присутните да му се спротивстават, а повикот го прифатил Вакатоно.[3]
За расказот
уредиИако никогаш не бил довршен, расказот „Џашумон“ постигнал голема популарност кај публиката. Во него, Акутагава ја задржал формата на хроника во која раскажувач е еден стар слуга, всушност, истиот кој се јавува како раскажувач и во расказот „Џигокухен“. Притоа, раскажувачот го претставува тогашното јавно мислење во Јапонија. Токму затоа не изненадува тоа што Акутагава не успеал да го доврши расказот, зашто двата главни лика во расказот се така вообличени, што секој судир меѓу нив би предизвикал расказот да изгуби многу од својата вредност.[4]
Наводи
уреди- ↑ Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 223.
- ↑ „Džašumon“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 47-72.
- ↑ „Džašumon“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 73-112.
- ↑ Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 223.