Генерал (расказ на Акутагава)

Генерал (јапонски: 将軍) — расказ на јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава од 1922 година.

Содржина

уреди

Расказот се состои од четири дела чија содржина е независна, но во секој дел се појавува по еден лик од претходниот дел.

  1. Единицата со бели тасуки ремени: Во ноември 1904 година, за време на руско-јапонската војна, еден јапонски пешадиски вод се подготвува за напад врз руската артилерија. Војникот Хорио, кој е малку пијан, негодува против наредбата за нападот, знаејќи дека војниците одат во сигурна смрт, додека војникот Тагучи го поддржува јуришот како чин на патриотизам. Непосредно пред јуришот, водот го посетува еден генерал, кој се поздравува со Хорио. Вечерта, за време на нападот, Хорио е сериозно ранет во главата.[1]
  2. Тајните агенти: Во март 1905 година, во јапонскиот штаб се приведени двајца Кинези, под сомнение дека се руски шпиони. За време на испрашувањето, во штабот влегува генералот кој наредува да се прегледаат нивните чевли. И навистина, во нив наоѓаат скриени тајни документи. Поради тоа, Кинезите се осудени на смртна казна, а задачата да ги убие му е доделена на војникот Тагучи, кој ги заробил нив. Меѓутоа, тој не може да ги убие заробениците. Тука поминува еден јапонски војник кој со задоволство ја презема задачата и ги убива Кинезите, а погубувањето задоволно го набљудува и генералот.[2]
  3. Театарски претстави во војничкиот логор: Во мај 1905 година, штабот организира приредба за војниците, а програмата се состои од три пиеси. На претставата присуствува и мајорот Накамура. Исто така, присутен е и генералот, во друштво со странски офицери. Притоа, тој го прекинува прикажувањето на првите две претстави во кои има непристојни сцени, додека е целосно задоволен од третата пиеса која носи патриотска порака.[3]
  4. Татко и син: Во ноември 1918 година, мајорот Накамура веќе е генерал. Тој се одмара во својот дом, а тогаш влегува неговиот син, студент. Таткото негодува поради тоа што синот ја тргнал сликата на еден познат јапонски генерал. Во разговорот, тие искажуваат сосема различни ставови за личноста на генералот.[4]

Осврт кон расказот

уреди

Расказот „Генерал“ претставува осуда на милитаризмот, но многумина сметаат дека оваа сатира е премногу блага, имајќи ja предвид тогашната состојба во Јапонија. Тоа произлегува оттаму што во времето кога е пишуван расказот, генералот Ноги заземал висока положба во воената хиерархија и бил сметан за пример на идеален војник и поради тоа Акутагава немал храброст отворено да го спомене неговото име во расказот. Всушност, дури и во ваква блага форма, расказот бил цензуриран. Во 1934 година, кога во Јапонија биле објавени собраните дела на Акутагава, ликот на генералот Ноги бил ставен на поштенска марка, што покажува дека култот кон генералот продолжил дури седум години по смртта на писателот.[5]

Наводи

уреди
  1. „General“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 159-166.
  2. „General“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 166-173.
  3. „General“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 173-181.
  4. „General“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 181-186.
  5. Vera Ilić, „Riunosuke Akutagava“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 223.