Распад на Советскиот Сојуз

Тенкови на Црвениот плоштад за време на Августовскиот државен удар во 1991 г.

Дел од темата
„Историја на СССР“

(1917 — 1927)

Руска револуција
Февруарска револуција
Октомвриска револуција
Граѓанска војна
Договор за основање
Економска политика

(1927 — 1953)

Сталинизам • Голема чистка
Петгодишен план
Втора светска војна
Студена војна

(1953 — 1964)
(1964 — 1982)

Реформи од 1965
Стагнација

(1982 — 1991)

Перестројка
Гласност
Августовски пуч
Распад


Портал:СССР


Михаил Горбачов бил избран за генерален секретар на Политбирото на 11 март 1985 година, само три часа по смртта на Константин Черненко. По неговото стапување на должност имал 54 години и бил најмладиот член на Политбирото. Примарната цел на Горбачов како генерален секретар била заживување на советската економија по стагнацијата на Леонид Брежнев.

Во 1985 година, тој најавил дека на советската економија и е потребна реорганизација. Горбачов набргу сфатил дека решавањето на советската економија ќе биде речиси невозможно без реформа на политичката и социјалната структура на комунистичката земја.[1]. Реформите најпрвин започнале со кадровските промени. На 23 април 1985 година Горбачов донел два свои штитеници Јегор Лигачев и Николај Ришков во Политбирото како полноправни членови и разумно ја искористил можноста да се задржи "моќта" промовирајќи го како шеф на КГБ Виктор Чебриков. По ова следувало и именување на министерот за одбрана Сергеј Соколов како претставник на Политбирото.

Првите реформи воведени во текот на ерата на Горбачов иле алкохолната реформа во 1985 година, која била дизајнирана за борба против широко распространетиот алкохолизам во Советскиот Сојуз. Цените на вотката, виното и пивото биле покачени[2], а нивната продажба била ограничена. На луѓето кои ќе биле фатени пијани на работа или на јавни места им следувало судење. Пијалаците биле забранети на јавни места и на возовите. Сцените од алкохол исто така биле исфрлани од филмовите. Реформите немале значително влијание врз употребата на алкохол во земјата, но тие задале сериозен економски удар за државниот буџет (загуба од околу 100 милијарди рубли според Александар Јаков), потоа производството на алкохол се преселило на црниот пазар[2]. Алкохолната реформа предизвикала синџир на настани кои завршиле со распаѓањето на Советскиот Сојуз и длабока економска криза во новосоздадената Заедница на независни држави, шест години подоцна.

На 1 јули 1985 година Горбачов го промовирал Едвард Шеварднадзе за прв секретар на Грузиската Комунистичка партија како полноправен член на Политбирото, а следниот ден го назначил Шеварднадѕе како министер за надворешни работи како замена на Андреј Гомико кој бил 28 години министер за надворешни работи и се сметал за "стар мислител". Исто така, на 1 јули 1985 година Горбачов ја искористил можноста да се ослободи од неговиот главен соперник со отстранување на Григориј Романов од Политбирото и го донел Борис Елцин и Лев Зајков во Централниот комитет.

Во текот на летото 1986 година, во Латвија било основана организацијата Хелсинки-86, односно организација за човекови права. Оваа организација била првата антикомунистичка група како и првата отворена група која се противела на советскиот режим во Советскиот Сојуз. Подоцна оваа организација претставувала пример за другите движења кои се појавиле во другите земји од земјата[3]. Во Рига, Латвија, на 26 декември 1986 година, во раните утрински часови, околу 300 млади работници се собрале пред Ришката катедрала и марширале по улицата Ленин извикувајќи „Надвор од Советска Русија! Слободна Латвија!“ Безбедносните сили се судриле со демонстрантите, како и неколку полициски возила биле превртени[4].

Истата година избувнале немири во Алма-Ата, Казахстан. Настанот е познат како Желтоксан. Демонстрациите настанале како одговор на разрешувањето на генералниот секретар на Михаил Горбачов, Динмухамед Конајев од должноста прв секретар на Комунистичката партија на Казахстан, и назначувањето на Генадиј Колбин. Демонстрациите започнале во утрото на 17 декември 1986 година како почетниот број бил 200-300 студенти. Бројот на демонстрантите се зголемил на 1.000-5.000. Состојбата ескалирала околу 5 часот, кога на војниците им било наредено да ги растераат демонстрантите. Судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите продолжиле во текот на ноќта на плоштадот и во различни делови на Алма-Ата. Вториот ден, протестите се претвориле во граѓански немири каде учениците, студентите и демонстрантите се судриле со војниците. Следните денови демонстрациите се прошириле и во поголемите градови во Казахстан. Според најразлични извори, по конечната интервенција на властите, во немирите починале најмалку 168 лица а повеќе од 200 биле повредени.

Во јануари 1987 Михаил Горбачов ја најавил новата политика на "демократизација" под која идните советски избори ќе им понудат на гласачите за избор помеѓу повеќе кандидати по работно место, иако сите кандидати ќе продолжат да бидат членови на КПСС. Концептот бил воведен од страна на Горбачов за да се овозможи заобиколување на оние кои во партијата шружеле отпор кон перестројката.

На 6 мај 1987 година, Памјат спровела нерегистрирани и на тој начин незаконски демонстрации во центарот на Москва барајќи крај на изградбата на спомен проектот во Поклонаја. Тоа резултирало во дво-часовна средба со Борис Елцин, во тоа време прв секретар на Москва од Комунистичката партија на Советскиот Сојуз и најблизок соработник на Горбачов[5]. На 25 јули 1987 група од 300 Кримски Татари, се повикувале на правото да се вратат на Кримската татковина, од кои тие биле депортирани во 1944 година[6].

Најразлични демонстрации се случиле и во балтичките земји, каде демонстрантите се погласно барале независност на нивните држави од Советскиот Сојуз.

На 30 јуни 1988 година во Москва била свикана Општосојузна партиска конференција на КПСС, која го изгласала проектот за државни реформи. Според тие реформи, во СССР се создава претседателска институција и нов вид на претставничко тело кое се нарекува Конгрес на народните пратеници.

На 26 март 1989 година биле спроведени првите избори по 1917 година, каде граѓаните можеле да избираат меѓу повеќе од еден кандидат за пратеничко место. Во текот на овие избори Горбачов се соочил со две главни тешкотии. Првата била поврзана со појавата на внатрепартиска опозиција, која инсистирала за радикални реформи и воведување на принципите на демократијата и повеќепартиски систем. Оваа опозиција била предводена од Борис Елцин, шеф на Московската партиска организација кој на изборите добил значителна поддршка. Другата тежина од политичка природа, со која се соочил советскиот водач, е појавата во редовите на највисоката партиска номенклатура на група која барала умерени реформи. Таа група била предводена од Егор Лигачов и била на мислење дека курсот на промени го загрозувал интегритетот на државата. Постоел и круг на приврзаниците на традиционалниот советски систем.

На 7 март била објавена конечната список на кандидати. Околу 85% од нив биле членови на Комунистичката партија. Од независните најголема популарност стекнал Борис Елцин.

Првата седница на новиот Конгрес на пратениците траел од 25 мај до 9 јуни 1989 година. Иако тврдокорните струи ја повратиле контролата на комората, реформистите го користиле законодавниот дом како платформа да се дебатира и критикува советскиот систем. На 29 мај, Елцин успеал да обезбеди место во Врховниот Совет,[7], и во текот на летото ја формирал првата опозиција која била составена од руските националисти и либерали.

Успехот на Елцин и неговото движење на изборите дополнително ги заостриле критиките на реакционерот и ги зајакниле неговите позиции во КПСС. Така поделбата во партијата и општеството се продлабочувало. На 12 јуни 1990 година Парламентот на Руската Федерација прифатил Декларацијата за суверенитетот на Русија. Со овој потег Борис Елцин, кој во меѓувреме бил избран за претседател на Русија, се обидел да се ослободи од контролата на Горбачов и на советските органи.

Пресвртница во историјата на Советскиот Сојуз е Декларацијата за суверенитетот на Русија од 12 јуни 1990 година. По објавувањето на рускиот суверенитет процесот на распаѓање на СССР станал реалност. На 20 јуни Узбекистан објавил независност, на 23 јуни тоа го направила и Молдавија, на 16 јули - Украина, на 27 јули - и Белорусија. Процесот продолжил - на 23 август Ерменија, на 30 октомври Казахстан, а на 12 ноември - Киргистан. Горбачов изразил принципиелна согласност со изјавите на републиките за суверенитет, но ја бранел тезата за зачувување на заедничката држава.

На 17 март 1991 година во земјата се одржал референдум за зачувување на заедничката држава - 77% од гласачите го поддржиле предлогот за "обновена федерација на суверените републики", но Ерменија, Естонија, Литванија, Латвија и Молдавија го бојкотирале референдумот.

Во пролетта и летото 1991 година претседателот и претставниците на 9 републики подготвиле сојузен договор, според кој ќе се внесе демократијата во рамките на суверените држави. Декларацијата за формирање на новата федерација била подготвена од деветте водачи и претседателот на 25 април 1991 година. Потпишувањето на Договорот за основање на Заедница на независни држави било предвидено за 20 август 1991 година. Следниот ден се очекувало откривање на седницата на Советот на федерацијата, кој требало да донесе решение за радикализација на реформите и решавање на актуелните економски проблеми.

Во меѓувреме, сепак конзервативните сили во раководството на СССР на 19 август 1991 година направиле обид за државен удар. Горбачов, кој е на одмор на брегот на Црно Море, бил уапсен и била прогласена вонредна состојба. Во овој момент на преден план на советската политичка сцена излегол Борис Елцин, претседателот на РСФСР. Тој ги презел настаните во свои раце и ги обединил сите противници на обновата на стариот политички систем.

На 23 август 1991 г. Елцин издал указ за забрана на КПСС.

На 9 декември во Москва се одвила средба меѓу Горбачов и Елцин на која Елцин му кажал на Горбачов дека сојузот повеќе во пракса не постои и дека тој треба да си поднесе оставка. На 23 декември двајцата се сретнале за да разговараат околу начинот на предавањето на власта. Така, по два дена, на 25 декември Горбачов официјално подал оставка преку своето обраќање на нацијата кое било предавано преку советската телевизија.

Наводи

уреди
  1. „Михаил Сергеевич Горбачёв (Mikhail Sergeyevičh Gorbačhëv)“. Archontology.org. March 27, 2009. Посетено на April 3, 2009.
  2. 2,0 2,1 Hough, Jerry F. (1997), pp. 124–125
  3. „Independent Movements in Eastern Europe“. Osaarchivum.org. Архивирано од изворникот на 2008-10-16. Посетено на June 23, 2011.
  4. http://www.ethnopolitics.org/ethnopolitics/archive/volume_III/issue_3-4/ulfelder.pdf
  5. Barringer, Felicity (May 24, 1987). „Russian Nationalists Test Gorbachev – New York Times“. The New York Times. Посетено на June 23, 2011.
  6. Barringer, Felicity (July 26, 1987). „Tartars Stage Noisy Protest in Moscow – New York Times“. The New York Times. Посетено на June 23, 2011.
  7. Keller, Bill (May 30, 1989). „MOSCOW MAVERICK, IN SHIFT, IS SEATED IN SUPREME SOVIET“. The New York Times.