Појас на кршливост
Појас на кршливост (англиски: shatter belt) — концепт во геополитиката според кој на политичката карта се препознаваат и анализираат стратешки позиционирани и ориентирани региони кои се и длабоко внатрешно поделени и опфатени во натпреварувањето меѓу големите сили во геостратегиските области и сфери[1].
Толкување и дефиниции
уредиКонцептуалната заснованост на појасите на кршливост произлегува при аналитичкиот пристап на разгледување на светската мапа на државите и империите во поглед на нивната геополитичка борба, воени и политички односи согледано во однос на оние стратешки позиционирани области кои се одликуваат со поголема склоност на внатрешна поделеност од која произлегуваат судири (конфликти) и воедно се стратешки значајни за големите сили. Поврзувањето со терминот кршливост („на стакло“) е очигледен резултат на долготрајните судири со големо разорно влијание, лесната избувливост и воопшто склоноста кон разурнувачки конфликти во овие региони[2]. Оттаму, самиот термин појас на кршливост генерално се однесува на географски регион кој е загрозен и од страна на локалните конфликти внатре во рамките на државите или помеѓу државите во регионот, како и со вклученоста на спротивставените големите сили надвор од регионот[3]. Концептот на shatter belt – појас на кршливост во геополитиката уште се дефинира и како стратешки позиционирани и ориентирани региони кои се и длабоко внатрешно поделени и фатени во натпреварувањето меѓу големите сили во геостратегиските области и сфери[1]. Регионите означени како појас на кршливост често се обвинуваат за голем обем на меѓудржавен/и конфликти, особено во однос на големите конфликти за моќ[3]. Во однос на нивната зафатеност и тесна поврзаност со големите и глобални конфликти на моќ, регионите кои се сметаат за појаси на кршливост се воедно и главните кризни жаришта или трусни подрачја во светската политика и меѓународните односи[4]. Оттаму, и аналогијата и споредбата (на оригиналното англиско именување) со раседите во геологијата каде активните раседни зони се вообичаени места на појавување на земјотреси. Затоа, за разлика од повеќето геополитички региони кои имаат различен степен на кохезија, регионите кои сметаат како појаси на кршливост се глобални дестабилизирачи[1].
Зачетоци и првобитна употреба
уредиСтратегиската поставеност на одредени региони во светот заедно со склоноста кон кофликти и нивата непосредна зафатеност во геополитичките судири и случувања уште од поодамна биле дел од бројните проучувања и анализи. Ваквите региони во светот препознатливи по својата „кршливост“ или „ранливост“ почнувајќи од крајот на XIX и почетокот на XX век го задржувале вниманието на значајни геостратези и мислители, како Алфред Мејхен, Џејмс Фејргрејв и Ричард Хартшорн[5]. Првобитната употреба на овој концепт од повеќе англо-американски автори била со намера и цел да се опише кршливата рамнотежа на географскиот простор помеѓу атлантска (поморска, Западна) Европа и јадрото на евроазиското копно, каде што воедно низ вековите народносните групи на Европа живеат најизмешани и со силно влијание на надворешните соседни големи сили[2]. Уште во 1915 година, Џејмс Фаргрејв користејќи го терминот зона на судир – Crush zone со цел да ги опише малите држави кои служат како своевиден тампон помеѓу светските поморски сили и стожерот на евроазиското копно од Северна Европа па сè до Корејскиот Полуостров, меѓу повеќето региони и области го вбројува Балканот, а Ричард Хартшорн анализирајќи ја зоната на кршливост – Shutter zone за време на Втората светска војна ја препознава во рамки на Источна Европа од Балтикот до Јадранското Море[1].
Појаси на кршливост на современата геополитичка мапа
уредиПо крајот на Студената војна и големите територијални и политички промени во светот, концептот за појасите на кршливост повторно добива на значење и употреба. На светската политичко-географска карта на геополитичките сфери („царства“) и регионалните промени од крајот на Втората светска војна до денес, според Саул Коен, постојат два појаси на кршливост, и тоа: Блискиот Исток и Потсахарска Африка.
Блискоисточниот појас на кршливост ги опфаќа државите од Турција на север, Иран на исток, Либија на запад до Судан на југ со Арабискиот Полуостров, Месопотамија и Левант како јадро, при што овој регион самиот по себе е во постојани конфликти како арапско-израелскиот конфликт, Ирачката војна и бројни други внатрешни конфликти и немири како Арапската пролет, а и самиот регион е опфатен во директниот судир помеѓу најголемите сили САД и западните и Русија, особено отворено видлив во војната во Сирија по 2013 година.
Потсахарскиот појас на кршливост ги опфаќа државите на Источна Африка од Кенија на север, со Јужна Африка и државите на јужниот дел на западниот африкански брег до Ангола, каде покрај големите внатрешни конфликти како Апартхејдот и обраните процеси во Зимбабве и ЈАР, племенските судири и нестабилност на државите, главна одлика е натпреварот односно судирот помеѓу комунистичкиот и западниот блок од 1970 до 1990 и актуелниот судир и натпревар за моќ помеѓу Кина и Западот од 2000 до денес.
Од современиот аспект Саул Коен предвидува дека иднината може да донесе дополнителни појаси на кршливост на светската сцена и најверојатен кандидат е новата / стара зона од балтичките држави преку Источна Европа и Балканот[6]. Разгледувајќи го просторот на Балканот како микрокосмос преку дефиницијата за појас на кршливост со осврт на внатрешните одлики на државите, а посебно на Македонија, може да се препознае и своевиден внатрешен односно „балкански“ појас на кршливост. Имено, просторите на Босна и Херцеговина, Санџак и Косово со Прешевската долина во јужна Србија и Македонија може да се идентификуваат како појас на кршливост на Балканот, што се должи на исклучително длабоката внатрешна поделба по етнички, верски, културни линии, слабата кохезија и стабилност, стратешката положба на географската поставеност, склоноста и потенцијалите за конфликт и што е најважно присуството на конкуренцијата на сите соседни држави, како и вклученоста на регионалните и глобалните сили, како што се САД, Турција, Русија, ЕУ[4].
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Cohen, Saul (2003). Geopolitics of the World System. Rowman & Littlefield Publishers. стр. 43. ISBN 978-0847699070.
- ↑ 2,0 2,1 Gosar, Anton (2000). „The Shatter Belt and the European Core - A Geopolitical Discussion on the Untypical Case of Slovenia“. GeoJournal - Spatially Integrated Social Sciences and Humanities. October vol. 52, 2: 107–117.
- ↑ 3,0 3,1 Hansen; Diel, Paul R.; Paul F. (January 1994). „Testing empirical propositions about shatterbelts, 1945–76“. Political Geography. Vol. 13, 1: 33–52.
- ↑ 4,0 4,1 Шаревски, Марио (2017). „Геополитичката положба на Македонија како ранлива точка на балканскиот појас на кршливост во услови на бегалската криза“. Геополитичката и геостратегиската положба на Република Македонија во услови на мигрантската и бегалска криза. Македонска академија на науките и уметностите: 159.
- ↑ Cohen, Saul (2003). Geopolitics of the World System. Rowman & Littlefield Publishers. стр. 44. ISBN 978-0847699070.