Перо Наков
Перо Наков - Скубе[1] (роден во 1919 година во Куманово - починал на 13 ноември 1942 година во Скопје) — македонски комунистички деец и организатор на НОАВМ.[2]
Перо Наков | ||
Роден | 1919 Куманово, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Починал | 13 ноември 1942 Скопје, Царство Бугарија | |
Националност | Македонец | |
Занимање | партизан деец |
Животопис
уредиПеро Наков работел како шивач во Куманово до 1935 година, а потоа и во Белград, каде што се вклучил во синдикалното движење и станал член на СКОЈ во 1935 година, подоцна и на КПЈ. Во летото 1936 година по директивата на Горкиќевото раководство билараспуштена партиската организација во Куманово. Во 1937 година дошла директива во Куманово одново да се формира партиската роганизација. Меѓу првите кои биле примени за членови на КПЈ бил и Перо Наков. Во 1938 година тој станал секретар на МК на СКОЈ за Куманово. По отслужувањето на воениот рок во 1939 година, неколку месеци работел во Белград, но по директива се вратил во Куманово на партиската работа. Во почетокот на 1940 година станал член на МК на партиската организација. Заради големата активност на организацијата меѓу младината, СКОЈ во Куманово непосредно пред војната доживеала голем подем. Бидејќи за масовна политичка работа, како една од формите, биле користени и излетите вон Куманово, покрај другите партиски активности и Перо Наков истапувал на овие излети со реферат за политичката ситуација. На овие излети понекогаш биле присутни и до 300 луѓе.
Активноста во НОБ
уредиБил учесник на Мајската партиска конференција на МК на КПЈ во Куманово (1941) и член на Месниот воен штаб (од почетокот на септември 1941). Во сите тие акции како што се борбата против иселувањето на колонистите Срби, помоштта во спасувањето на воените заробеници и др. видно место зазел и Наков. Во другата половина на јули 1941 година во партиската организација започнал да се чувствува и спроведува курс на вооруженото востание против бугарските окупатори. Како член на МК имал придонес во прибирање и сместување на оружјето. Во неговата куќа биле одржувани на состаноци на МК и Воениот штаб, каде што биле носени значајни решенија за натамошната работа на партиската организација за организирање на вооруженото востание во Куманово. Во почетокот на септември 1941 година станал член на Воениот штаб и професионален револуционер. Наков лично учествувал во организирањето и непосредното излегување на двата кумановски партизански одреди.
Во почетокот на декември 1941 година заминал на партиска работа во Тетово, каде што останал до почетокот на март 1942 година. За време на тримесечниот престој, освен во Тетово бил и во Гостивар, каде што работел на јакнењето на партиската организација. По разбивањето на Кумановските партизански одреди во октомври 1941 година, се илегализирал во Скопје, Тетово и Гостивар како инструктор на ПК на КПЈ за Македонија (ноември 1941 – март 1942), по што бил повлечен на партиска работа во Скопје како командант на Месниот воен штаб и секретар на ПК на СКОЈ за Македонија (пролетта 1942).
Во летото 1942 година Перо Наков станал организатор во изведувањето на атентатот над на бугарскиот агент Мане Мачков. Неколку недели по извршувањето на атентатот, живеејќи во отежнати илегални услови, Наков бил уапсен од бугарската полиција. И покрај тоа што бил тепан и измачуван во затворот, Наков не го признал делото. За сите дела против окупаторската бугарска власт, Перо наков бил осуден на смрт со бесење на 2 ноември 1942 година. На 15 ноември 1942 година бугарската полиција извршила подготовки за да го обеси. На бесилката од мачењата и тепањето Перо бил доведен полумртов.
Непосредно пред бесењето, собирајќи ги во темната ноќ своите последни сили, Перо Наков извикувал:
„Да живее Комунистичката партија на Југославија и Македонија!“[3]
„Да живее слободна Македонија!“[1]
„Да живее Советскиот Сојуз!“[1]
„Вас фашистите, нашите партизански единици ќе ве ликвидираат овде во Македонија!“[1]
Литература
уреди- Драгољуб Димовски – Методи Петровски, Перо Наков, Скопје, 1974;
- Светозар Наумоски, Револуционерната дејност на партиските инструктори на ПК КПЈ за Македонија во Гостиварско-мавровскиот крај во втората половина на 1941 (Перо Наков и Кузман Јосифовски-Питу),
- Бигорски научно-културни собири 1980–1981, Скопје, 1983, 143–151.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 98–99. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Наков“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 540. Text "series " ignored (help)
- ↑ „Перо Наков – од кројач, преку партија, па до бугарска бесилка“. Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“. Пишува: Дане Цеков. Посетено на 2020-08-22.