Меѓународен монетарен фонд

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е меѓународна организација која го надгледува глобалниот финансиски систем, девизните курсеви и билансите на плаќања на земјите, а исто така нуди техничка и финанскиска поддршка кога им е потребна на земјите-членки. Седиштето на ММФ е во Вашингтон. ММФ се опишува себеси како „организација на 185 држави, кои работат на глобална финансиска соработка, финансиска стабилност, олеснување на меѓународната трговија, промоција на вработувањето и на економскиот раст, и намалување на корупцијата“. Од сите членки на ОН само Северна Кореја, Куба, Лихтенштајн, Андора, Монако, Тувалу и Науру не се членки во ММФ и не се застапени преку други членки. ММФ заедно со Меѓународната банка за обнова и развој (познати како „Бретонвудски близнаци“) делуваат заедно, со цел воспоставување стабилен систем на меѓународни односи.

Меѓународен монетарен фонд
КратенкаММФ
Основана27 декември 1945 (1945-12-27)
Видфинансиска институција
Правен статусоперативна
СедиштеВашингтон, САД
РегионВо светот
Членство190 земји
Службени јазицианглиски
ДиректорКристалина Георгиева
Главно телоОдбор на директори
Буџет$1,2 милијарди
Вработени2400
Мреж. местоimf.org

ММФ има три цели: унапредување на меѓународната монетарна соработка и стабилност на меѓународните монетарни односи со цел спречување на девалвациите на националните валути и помош во создавањето на мултилатерален систем на плаќање во однос на монетарните трансакции меѓу земјите-членки и отстранување на девизните ограничувања кои се пречка за светската трговија. Фондот е посебно правно лице, со право да склучува договори и да располага со движен и недвижен имот.

Историја и организација

уреди

Почетоци и развивање

уреди
 
Седиштето на ММФ во Вашингтон

Во Големата депресија во триесеттите години на XX век, економските активности на водечките индустриски нации доживеаја голема рецесија. Предноста на побогатите држави во однос на другите земји ја стекнаа со тргување без рестрикции, а иако „големината на питата” е зголемена во зависност за овој ист како и другите придобивки дадени на една земја. Светската трговија, вработеноста и животниот стандард во многу земји нагло се намалија. За време на Втората светска војна водечките сојузнички држави разгледуваа различни планови да ги вратат во ред мегународните монетарни врски и тоа го сторија на Бретонвудската конвенција каде беше формиран Меѓународниот монетарен фонд. Основачките земји членки изгласаа нацрт-повелба за создавање мегународна институција која треба да го набљудува меѓународниот монетарен систем и да ги елиминира девизни рестрикции.

Меѓународниот монетарен фонд е формиран на 27 декември 1945 година, кога првите 29 земји ја потпишаа спогодбата. Статутарните одредби на ММФ денес се исти како оние кои биле формулирани во 1945 година. Договорот во Бретон Вудс, исто така, повикувал на систем на фиксни девизни курсеви кои би биле уредени од страна на ММФ. Според овој договор, сите земји требало да ја фиксираат вредноста на својата валута со златото, но од нив не се барало да ги заменуваат своите валути за злато. Друг аспект на Бретонвудскиот договор бил посветеноста девалвацијата да не се користи како оружје за конкурентна трговска политика. Меѓутоа, ако една валута стане премногу слаба за да се брани, би била дозволена девалвација до 10%, без некакво формално одобрение од страна на ММФ. За поголеми девалвации било потребно одобрение од ММФ.

Развивање и проширување

уреди

По Втората светска војна, влијанието на ММФ во глобалната економија постојано растело, а тоа било придружено со зголемување на бројот на земјите-членки. Во 1995 година, ММФ почнал да работи на стандарди за проширување на обемот на јавнообјавените економски и финансиски податоци на неговите членки. Притоа, ММФ и Финансискиот комитет (IMEC) го потпишаа нацртот на стандардите кои беа поделени во два дела, и тоа: главни податоци на системот за проширување и специјални податоци за стандардите за проширување. Во 1996 и во 1997 година, Извршниот одбор на ММФ ги одобри двата дела „Главни податоци на системот за проширување и „Специјални податоци за стандардите за проширување“.

Организација и раководење

уреди

ММФ е организиран на принципот на акционерско друштво. Оттука, одлучувањето во ММФ не е засновани врз принципот „една земја-еден глас“, туку бројот на гласовите на членките е различен, во зависност од нивната квота. По правило, секоја земја располага со 250 почетни гласови и со еден дополнителен глас на секои 100 000 специјални права на влечење, т.е. на секои 10 000 долари од вредноста на нејзината квота. ММФ има десет функционални сектори: администрација, средишна банка, девизни и трговски работи, надворешни односи, фискални работи, структура на ММФ, правни работи, истражувачки работи, управа, сметководство и финансии.[1] Во однос на распределбата на гласовите, САД имаат 16,52% од гласовите, а потоа доаѓаат Јапонија (6,15%), Кина (6,09%), Холандско-белгиската конституенца (5,43%), Германија (5,32%) и конституенцата предводена од Шпанија и Мексико (5,31%).[2]

Според член 20, став 1, од Статутот на ММФ, неговата раководна структура се состои од:[3]

  • Одборот на гувернери (Board of Governors) е највисокото раководно тело, а се состои од претставници на сите земји-членки. Секоја земја-членка именува гувернер и негов заменик (обично, тоа се министерот за финансии и гувернерот на централната банка) кои ја претставуваат во Фондот. Од редовите на гувернерите се избира претседател на одборот. Одборот на гувернерите се состанува редовно, еднаш годишно, заедно со Одборот на гувернерите на Светската банка. Притоа, секои две години, тие состаноци се одвиваат во Вашингтон (Washington D.C.), а секоја трета година надвор од САД.
  • Извршниот одбор (Executive Board) е одговорен за водење на тековните работи, како и за подготовка на годишниот извештај во кој се дискутираат сите активности на Фондот и се даваат препораки за решавање на тековните проблеми. Тој се состои од 24 извршни директори, од кои 5 се именувани од членките со највисоки квоти, а останатите ги претставуваат групите на земји кои се така организирани што имаат приближно еднаква моќ за гласање. Извршните директори го претставуваат ММФ во своите земји или групите земји кои ги имаат избрано, но ги претставуваат и интересите на тие земји во Фондот. Извршните директори го избираат раководниот директор. Извршниот одбор одржува најмалку три состаноци неделно на кои ги разгледува тековните прашања.[4]
  • Раководниот директор (Managing Director) истовремено е претседател на Извршниот одбор и шеф на персоналот кој е вработен во Фондот, а исто така е одговорен за организација, именување и отпуштање на вработените. Вообичаено, на оваа функција се бира личност која доаѓа од европска држава, а неговиот заменик е државјанин на САД.

Во 2011 година, на чело на ММФ застанала Кристин Лагард, како прва жена-директор во историјата на оваа институција. Во 2016 година, таа била повторно избрана на оваа функција.[5]

ММФ е организиран во осум функционални оддели:[6]

  • Финансиски оддел (ги обезбедува, управува и ги чува финансиските средства);
  • Фискален оддел (дава политички и технички совети на земјите членки);
  • Оддел на монетарниот и пазарот на капитал (го надгледува финансискиот сектор и пазарите на капитал, девизите, договорите и операциите, а воедно подготвува извештај за светската финансиска стабилност);
  • Правен оддел (ги советува менаџментот, извршниот одбор и вработените за одредени закони, подготвува одлуки и други правни инструменти и им дава техничка помош на земјите членки);
  • Стратешки, политички и надгледен оддел (ги изработува, вградува и проценува политиките на ММФ во поглед на надзорот и употребата на финансиските средства);
  • Истражувачки оддел (врши надзор на светската економија, т.е економијата и политиката на земјите членки и ги презема потребните истражувања во врска со прашањата кои се важни за ММФ);
  • Статистички оддел (ги развива меѓународните методи и стандарди, обезбедува техничка помош и пракса за да се дојде до најдобрите економски и финансиски статистики); и
  • Институт на ММФ (овозможува пракса за макроекономските анализи и политики кои им се потребни на земјите членки и вработените).

Дополнително, ММФ има и четири оддели за поддршка:[7]

  • Оддел за надворешни односи (негова работа е промовирање на граѓанска толеранција и поддршка на ММФ и неговите политики);
  • Технолошки и оперативен оддел (дава услуги во управувањето со информациите, комуникацијата и помага во изградбата на делотворна работна околина);
  • Оддел за секретеријат (организира и известува за активностите на ММФ и го помага менаџментот во подготовката на работните програми на извршниот одбор и останатите служби); и
  • Кадровски оддел (ги обезбедува вработените со информации и личи услуги, ја надгледува работата на вработените и дава можности за напредување во кариерата, образовни семинари и останати правни услуги).

Активности

уреди

ММФ се грижи за глобалниот просперитет така што се залага за рамнотежен развој и ширење на светската трговија, стабилност на девизните курсеви, спречување на конкурентските девалвации помеѓу државите и помага во остварување на рамнотежа во платниот биланс. Фондот настојува да ја спречи појавата на кризите и им дава технолошка и финансиска поддршка на земјите кои се сметаат за најсиромашни и најзадолжени и имаат проблеми со билансот на плаќање. Тој учествува во унапредување на пазарите на капитал преку начелото на транспарентност, а воедно ја дефинира и либерализацијата на движење на капиталот.[8]

Основните цели на ММФ, наведени во статутот, се:[9][10]

  • Развој на меѓународната монетарна соработка;
  • Олеснување и проширување на меѓународната трговија, вработеноста и доходот;
  • Поддршка на стабилноста на валутите;
  • Воспоставување мултилатерален систем за плаќање за тековните трансакции и укинување на девизните бариери;
  • Располагање со средствата на Фондот за отстранување на нерамнотежата во платните биланси на земјите-членки.

Извори на средства на ММФ

уреди

Постојат четири главни извори на средства на ММФ, кои се користат за давање на кредити на земјите-членки:[11]

  • Упис на квотата на земјите-членки
  • Позајмување
  • Такси за употреба на сопствените средства и доход од инвестициите
  • Камата на средствата од посебните права за влечење

Главниот извор на средствата на Фондот се членарините, т.е. квотите кои ги уплаќаат членките. Составот на квотата, покрај собирањето на средствата за финансирање на активностите е важна и за управувањето со Фондот, бидејќи преку висината на уплатената квота се утврдува бројот на гласови на поединечните членки. Членарините се плаќаат претежно во домашна валута со можност за плаќање во посебни права за влечење или во други валути.

Видови заеми на ММФ

уреди

Посебен начин на давање на финансиска помош на земјите-членки се остварува со продажба на валутите на другите членки или со посебни права на влечење. Практично, Фондот им продава на земјите-членки валути или спцијални права за влечење во замена за нивната национална валута.[12] Средствата кои ги позајмува Фондот се достапни само на кратки временски периоди. Земјите кои повлекле средства од Фондот мора постепено да ја откупуваат својата национална валута со други валути или со специјални права за влечење. Тоа се нарекува „откуп“ на националната валута, а всушност претставува отплата на позајмените средства. До 1970 година, средствата на Фондот кои била наменети за урамнотежување на платните биланси (т.н. stand by договори) се враќале за време пократко од една година, а подоцна нивните рокови биле продолжени до три години.

Фондот развил повеќе од 45 различни програми на давање помош на земјите-членки, а посебно во следење и оценување на нивната примена и спроведување на политика на стабилизација. Некои од најважните се следните:[13]

  • Политика на резервна транша. Таа го претставува вишокот на национална валута која Фондот ја држи во своите општи средства при што Фондот нема право да испитува дали средствата ѝ се потребни на земјата-членка или не. За користењето на овие средства, земјата плаќа надомест.
  • Кредитна транша и stand by договори. Тие претставуваат редовен начи за давање заеми, кои се достапни во четири транши, а секоја од нив изнесува 25% од вредноста на националната квота на државата. Овие аранжмани траат од 12 до 18 месеци.
  • Продолжени средства на Фондот. овие заеми имаат долг рок на користење, за земјите-членки можат да се повлекуваат и до 140% од националната квота.
  • Компензаторни средства за финансирање. Ова е посебен начин на задолжување, воведен во 1963 година, со кој се обезбедуваат дополнителни средства на земјите-членки кои се производители на примарни производи.
  • Средства за финансирање кои служат како браник (buffer). Тие биле воведени во 1969 година како нов облик на олеснување во отплата на заемите.
  • Дополнителни средства за финансирање. Претставуваат финансиска помош за отстранување на исклучителна неранотежа на билансот на плаќање.

Заемите на ММФ имаат три намени:[14]

  • да помогнат во приспособување на земјите кон различни шокови, помагајќи им на земјитечленки да ги избегнат поголемите нарушувања во нивните економии
  • да ги олеснат останатите видови на финансирање, односно програмите на ММФ може да послужат како сигнал дека земјата ги прифатила препорачаните политики и на тој начин се стекнала со доверба кај инвеститорите
  • заемите на ММФ можат да помогнат во превенција на кризите.

Делување до денес

уреди

Многу набљудувачи во почетокот веруваа дека падот на Бретонвудскиот систем во 1973 година ќе ја намали улогата на Меѓународниот монетарен фонд во рамките на меѓународниот монетарен систем. Првобитната функција на ММФ беше да обезбедува пулови со пари, од кои членките ќе можат краткорочно да се кредитираат, за да извршат приспособување на позицијата во нивниот биланс на плаќања и да го одржат нивниот девизен курс.

До 2000 година, Меѓународниот монетарен фонд имаше 183 членки, од кои во 75 земји ММФ имаше свои програми. Во 1997 година институцијата го имплеменитраше својот најголем пакет, одобрувајќи повеќе од 110 милијарди американски долари во вид на краткорочни заеми на три азиски земји кои беа во невола - Јужна Кореја, Индонезија и Тајланд. Активностите на ММФ се проширија поради тоа што периодични финансиски кризи продолжија да погодуваат многу економии во постбретонвудската ера, особено меѓу земјите во развој. ММФ во повеќе наврати им даваше на заем пари на нациите кои минуваа низ финансиска криза, барајќи за возврат владите да донесат одредени макроекономски политики.

Покрај ова, во 1995 година, ММФ му позајми на Мексико пакет од 20 милијарди американски долари, а подоцна на Русија ѝ даде заем од 10 милијарди американски долари. Меѓутоа, овие пакети вклучуваа одредени услови. Општо земено, ММФ инсистира на комбинација на цврсти макроекономски политики, вклучувајќи намалување на јавните расходи, повисоки каматни стапки[15] и цврста монетрана политика.

До крајот на деведесеттите, ММФ беше вклучен во програми за кредитирање на 75 земји во развој, кои вкупно имаат 1,4 милијарди луѓе. ММФ ги одредуваше макроекономските политики во тие земји, иако, според критичарите, како што е Џефри Сакс, угледниот економист од Универзитетот Харвард, на ММФ со персонал кои брои помалку од 1.000 луѓе му недостасува потребната експертиза за да ја извршува добро таа задача. Решението на Сакс за овој проблем е ММФ да се реформира, така што да се ангажираат повеќе надворешни експерти и неговото работење да биде отворено за поголем надворешен надзор.

Меѓународниот монетарен фонд нема принудна власт над земјите членки, но може да одбие да им зајми пари на земјите членки кои не се согласуваат да ја прифатат неговата политика, а како крајно решение може да побара од земјите членки да се повлечат од организацијата. Критичарите на ММФ тврдат дека строгоста и мерките за приватизација што им ги налага на земјите должнички, го намалуваат економскиот раст, ги продлабочуваат и продолжуваат финансиските кризи и прават сериозни тешкотии за најсиромашните народи во светот.

Влијание и критика

уреди

Меѓународниот монетарен фонд е една од највлијателните меѓународни институции во светот која единствено има право да врши контрола на финансиските и економските односки помеѓу земјите членки. Тој таа улога ја има преку помагањето на државите за стабилизирање на своите девизни курсеви преку давање на поволни кредити. За Меѓународниот монетарен фонд постојат поделени мислења. Првото сфаќање е во прилог на ММФ, а второто претставува критика на неговата дејност

Гледиштето во прилог на ММФ е дека тој ги одржува светските економски и финансиски односи и им помага на државите во кризи. Наспроти тоа, критичарите на ММФ кажуваат дека ММФ, со давањето на кредити, ѝ наложува на државата каде да ги троши кредитите, што придонесува за забавен раст на тие економии. Исто така, критичарите му забележуваат на ММФ тоа што секоја членка на ММФ мора да има девизни резерви кои ќе ги чува во некоја странска банка, а тоа на штета на вложувањето во својата економија.

Една од критиките е дека Меѓународниот монетарен фонд спрема макроекономската политика има пристап „една големина им одговара на сите“, кој не е соодветен за многу земји. По Азиската криза, критичарите тврдат дека цврстите макроекономски политики, наметнати од страна на ММФ, не се добро приспособени за земји кои не страдаат од прекумерно трошење на државата и инфлација, туку од должничка криза на приватниот сектор со дефлаторни призвуци. ММФ ги одбива овие критики. Според ММФ, клучна задача е да се врати довербата во вонот. Штом се постигне ова, вонот ќе закрепне од своите нивоа на прекумерна продажба. Ова ќе ја смали големината на товарот на долгот на Јужна Кореја во доларска деноминација, изразен во вони, што ќе им олесни на компаниите да го сервисираат својот долг во доларска деноминација.

Втората критика упатена до Меѓународниот монетарен фонд е дека нејзините напори за спасување, всушност, претставуваат влошување на проблемот, што меѓу економистите е познато како морален хазард. Морален хазард се јавува кога луѓето се однесуваат безобѕирно, бидејќи знаат дека ќе бидат спасени ако се случи нешто лошо.

Последната критика упатена до Меѓународниот монетарен фонд е дека тој стана премногу моќен како за институција која нема вистински механизам за сносење одговорност.

Наводи

уреди
  1. Kersan-Skabić, I. (2017). Suvremeni trendovi u međunarodnoj ekonomiji. Pula: Sveučiliste Jurja Dobrile, str. 22.
  2. Мирче Јовановски, „Придобивките од економскиот раст треба да ги почувствуваат сите“, Економија и бизнис, година 20, број 252, јули/август 2019, стр. 33.
  3. Lovrinović, I. (2015). Globalne financije. Zagreb: Accent, str. 45.
  4. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 39.
  5. „Кристин Лагард на чело на ММФ уште 5 години“, Економија и бизнис, година 18, број 213, март 2016, стр. 49.
  6. Bilas, V. & Jovanović, E. (2011). „Djelovanje Međunarodnog Monetarnog Fonda u suzbijanju aktualne krize u zemljama Srednje i Istočne Evrope“. Zbornik Ekonomskog fakulteta u Zagrebu, 9(2), str. 2-15.
  7. Solta, L. (2010). Uloga MMF-a u globalnoj ekonomiji. Zagreb: Financijski klub, str. 101-103.
  8. Babic, M. & Babic, A. (2000). Međunarodna ekonomija. Zagreb: MATE, str. 23.
  9. Vizjak, A., Djelovanje Međunarodnog Monetarnog Fonda (MMF). Zagreb, 2006, стр. 15.
  10. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 42.
  11. Kovač, O. (2007). Međunarodne finansije. Beograd: Ekonomski fakultet, str. 80.
  12. Astrov, A. (2012). Gold and the International Monetary System. London: The Royal Institute of International Affairs, pp. 25-32.
  13. Jovanović, Gavrilović, P. (2009). Potreban je novi, viševalutni svetski monetarni sistem. Banja Luka: Ekonomski fakultet, str. 101.
  14. European Central Bank (посетено на 26 јули 2019)
  15. Exchange Rate Archives by Month

Надворешни врски

уреди

Литература

уреди
  • Игор Јанев, UN and the international financial and economic organizations, publ. Institute of Political Studies, Belgrade, 2004.