Македонски вез
Македонскиот народен вез се пренесувал континуирано од поколение на поколение, согласно со битот и вербата на македонскиот народ во продолжување на традициите. Највисокиот дострел во својот развој, македонската везбена уметност го достигнала во 19 век. Еволуцијата на оваа уметност, чии корења лежат уште на прасловенската почва, секако во себе вклопила траги и наслојувања од разни изминати епохи и култури. Нејзиниот сложен еволутивен процес почнал да се одвива ообено по доселувањето на Словените на Балканот, преку приспособување со сродните старобалкански културни елементи. За натамошниот развој и формирање на македонската везбена уметност посебно значење имал византиската култура, за што придонело и непоредното соседство на Македонија о византиската цивилизација. Вековното турско влијание, не се одразило битно врз развојот на македонското везбно творештво понатаму, макар што се евидентни некои елементи и од исламската уметност, особено во однос на колоритните промени и инфилтрирањето на нови мотиви. Но, и покрај разните историски фактори, формирањето на македонското везбено творештво во една издиференцирана народна уметност секако се должи најмногу на колективните уметнички потенцијали на средината во која се создавало и егзистирало. А во тој поглед македонскиот народен вез јавно сведочи за творечката оригиналнот на неговиот создавач - македонската жена.
Носители на везбеното творештво
уредиНосители на везбеното творештво во Македонија исклучиво биле народните носии, посебно селските, кои се задржале во својата комплетна животна функција сè до првите децении на овој век. Везот претставувал карактеристичен традиционален украс, особено на женските носии, а од нив најмногу cе везеле кошулите и покривалата за на глава. Женската кошула, cо cвоите скромни кројни елементи на туниковидна облека, типична за цела Македонија, задржала траги на прастари форми, кои ја доведувааат во непоредна врска со старобалканската орнаментирана туника, употребувана на Балканот уште пред доаѓањето на словените, а која не му била туѓа ни на словенкиот вет. Задржувајќи се на првобитните стадиуми во развојот на оваа облека што се однесува до нејзиниот облик, македонските кошули ја развиле понатаму нејзината декорација, во која се одразил и раскошниот стил на византискиот текстил.
Меѓу разните женски везени покривала за на глава посебно место им припаѓа на невестинските сокаи и убруси, а тие не само што се истакнуваат како врвни естетки вредности на македонската везбена уметност, туку имаат и историско значење како најстари македонски везбени изработки досега, во кои што е конзервирана голема архаичност. Нивната очигледна сличност по форма, техника, орнаментација и функција, со соодветни делови од носиите на некои народи од Поволжјето, не можела да никне случајно и секако потврдува многу дамнешни културно-историски врски.
Изработка на везовите
уредиМакедонските везови се работени редовно со домашни волнени конци, што го овозможувало и некогашното развиено македонско овчарство. За везење на празнични и невестинки носии се употребувала и домашна свила, а речиси насекаде, за нив се користела и срма. Посебно карактеристичен бил домашниот традиционален начин на приготвување волнени конци за везење, кои се сукале и удвојувале само со раце, без никакви технички помагала, што претставува еден од најпрвобитните степени на предење текстилни влакна.
Карактеристично речиси за сите македонски везови е нивната изведба со броење на жиците од платното и најчесто од опачната страна, што овозможува полесно броење, но кое бара и развиена техничка вештина. Во поглед на техничката изведба, за македонските везови најтипична е гобленската техника - полнеж, која со своите варијанти достигнала виоко техничко ниво. Одделни техники во везот - релјефните, ажурните, крвчињата - се ограничени само на некои области. Везењето со прави ободи - сокаечко, трупа - најмногу се застапени на женските покривала за на главаа, кои, поради мошне сложената техничка изведба, често ги изработувале само поединечни везилки.
Бои на везовите
уредиМакедонските везови се најчесто полихромни, но познавањето на повеќе тонски градации од исти бои, е сосем ограничена појава. Поретко се застапени бихроматски везови, додека монохромните се одлика само на некои региони.
Во колоритот на македонските полихромни везови, доминира црвената боја во нејзиниот широк тонски регистар, но тоа е во зависност од регионот и од хронологијата на нејзината употреба. Меѓутоа, присутна е паралелната примена на две нијанси на црвената боја, било како алтернација или како фон и орнамент. Друга доминантна боја е црната, а во својство на секундарни бои е застапена модрата, зелената и жолтата, поретко и белата. Притоа, колоритните односи во македонскиот народен вез се строго определени, боите се комбинирани во согласност со закономерни ритмички принципи, кои откриваат еден беспогрешен вкус кај селската жена, која и не ги познавала законите на хармонијата.
Орнаментика
уредиОпшта одлика на македонскиот народен вез е строго геометриската орнаментика. Геометриските мотиви се застапени во нивниот најширок обем - од наједноставни прави и цик-цак линии до сложени геометрики облици. Често и не е јасно што претставуваат одделни орнаментални мотиви, кои во процесот на нивното пренесување од генерација на генерација, од место на место, сè повеќе се модифицирале и губеле од своето првобитно значење, оформувајќи се во апстрактни геометризирани орнаменти.
Македонската везилка опфатила и флорални мотиви, но толкувани со геометризам карактеристичен за нејзините везови. Најчеста е појавата на цветни мотиви, но и тие претставуваат стилизирани облици на цветови воопшто, со или без лисја, а не на определени видови цвеќиња. Но, и покрај трансформацијата на природните норми, во македонските везови се присутни и определени цветни стилизации, најчесто на лалето и каранфилот. Шематизирани зооморфни и антропоморфни мотиви е најретка појава во македонскиот народен вез, кои во најголем број случаи означуваат претстави на поединечни животински или човечки белези. За ова веројатно придонеле и забраните на исламот за претставување на човечки и декоративни ликови во декоративната уметност, а Македонија најдолго од сите балкански народи останала под ропството на Турците.
Секој предел во Македонија ја одржувал, низ поколенија, својата традиционална определеност за орнамент, техника или колорит, наследени уште од дамнешни времиња. Овие специфичности, особено во западниот дел на Македонија имаат потекло уште од прасловенскиот период. Големите миграциони движења во Македонија во последниве два века придонеле за едно везбено шаренило на територијата на Македонија. Но, и покрај тоа, секој предел ги задржал своите специфични везбени особености, приспособувајќи ги новите влијанија на старите ликовно-естетски одлики и традиционални норми.
Везот на женската носија од Кумановско, по својот ликовен третман и карактеристична чисто геометриска орнаментика, создадена од аглести форми со испрекршени и назабени контури, е единствен во Македонија. Оригинално и архитектонично конструираните орнаменти, во пртежно црвен тоналитет, остро се оцртуваат на црниот фон, а техничката изведба со бодови во спротивни правци - што е инаку атипично за македонскиот вез - ја надополнуваат везбената декорација и со ефекти на светло-сенка.
Женските кошули од Скопска Црна Гора се одликуваат со импозантна црна релјефна орнаментика, која по стил и фактура доследна споредба наоѓа во текстилната декорација на богато орнаментираните коптски туники од ранохристијанско време. Орнаментите најчесто се истакнуваат преку виртуозната игра на везбените техники или со дискретна примена на темномодри комбинации. Црниот релјефен вез од дебели конци е застапен и на женската носија од Долни Полог, но нејзината специфичност е изобилната примена на бела срма и тенки метални ленти, што и даваат на оваа орнаментика блесок и посебна убавина.
Спротивно на смирениот црн колорит во везот на Скопска Црна Гора, женската носија од Скопска Блатија се одликува со разнобојна и разиграна орнаментика, која и по орнамент и по техничка изведба се разликува од претходните. За основа на орнаментите служи само белото платно, а везот изобилува со разни геометриски мотиви, но и со цветни стилизации, дури и митолошки претстави, најчесто аждери.
Живописните и познати мијачки носии ги карактеризира нивниот оригинален вез со линеарно-геометрики мотиви во интензивна црвена боја, а неговата специфичност е ажурната техника, но од друг вид, што ја користеле и везилките од Дебар за украсување на својата стара носија.
Ситната и префинета релјефна орнаментика, како и извонредно оригиналната орнаментална композиција, им даваат карактеристичен печат на везените кошули од Дебарски и Струшки Дримкол, од Струшко и Охридско поле. А сите заедно претставуваат вистинска орнаментална цветна градина, зошто тука цветните стилизации достигнале најширока примена и најреална интерпретација на природните форми. Со посебни естетски и технички квалитети се истакнуваат струшките и охридските сокаи за на глава, везени со свила или волна, во чија орнаментика доминираат геометриските мотиви.
Најтипичните претставници на гобленската техника се везените носии од Прилепско-битолската Котлина и од Мариово, кои импресионираат со богатството на мотиви и доминантната пламено-црвена боја.. Традиционалниот вез на женските кошули од овие подрачја зачувал една монументална стилска композиција, а од неа како да одблеснува сјајот на византискиот текстил. Најчесто се извезени во соодветни бои не само мотивите, туку и самиот фон, така што везот има ефект на ткаенина. А прилепските и битолските сокаи се вбројуваат меќу најубавите во Македонија.
Во женските носии од Кичевијата и Порече доминираат геометриските мотиви во раскошни комбинации, а по орнаменталниот карактер и смелите колористични решенија на одделни примероци, овие везови се доближуваат и до најсовремените ликовни настојувања. Но, творечките димензии на жената најмаркантно се превентирани на убрусите за на глава, кои, заедно со македонските сокаи, претавуваат вистински ремек дела на македонската везбена уметност.
Во областа Река меѓу Лерин и Костур, женските носии се украсени со вез, кој ги наоѓа своите аналогии во носијата на најблиските битолски села, но кој се одликува со некои специфики во стилот, додека везбените мотиви од Леринско Поле се реализирани исклучително во техниката крвчиња, што е редок феномен.
Сите овие регионални видови во македонското везбено творештво, создавани со векови од многубројни анонимни мајстори на уметничкото изразување во везот, откриваат една развиена творечка фантазија, една беспрекорна мисла за игра на бои и форми и техничка изведба изградена до совршенство.
Изработка на македонскиот народен вез
уредиОд текстилните материјали што служеле за изработка на деловите од носијата украсени со вез покрај памукот, кој одамна се произведувал во Македонија, некогаш биле ленот и конопот, познати како стари индустриски култури. Херодот споменува дека и Тракијците ја приготвувале својата облека од коноп, а за употребата на лен и коноп знаеле и старите Словени. Во X век од струмичкиот крај се изнесувало ленено платно за Цариград, а и денес во Македонија постојат села, чиишто имиња сведочат за некогашното одгледување на овие стари индустриски култури. Од друга страна, не само што најстарите везени примероци се работени на ленено или на конопено платно, туку извесни везови и посебно барале ленен материјал поради појаките нишки, како ажурниот вез "чикме" во Полог, додека во Охридско Поле белите везени "чикмиња" по кошулите до неодамна се изработувале со ленени конци.
Техники на везење
уредиПонатаму и самата технологија околу приготвувањето на материјалите за везење содржи видни традицонални обележја што потекнуваат најверојатно од подалечното минато. Така, на пр., карактеристично е дека скоро во цела Македонија до неодамна се употребувале за везење т.н. "подавани" или "пуштани" конци, сукани и присукувани само со раце и без никакви помагала, кое редовно го правеле по две девојки, а кое од друга страна укажува на еден од најпрвобитните начини за добивање конци што се одржал до денес.
Материјали во везните техники
уредиЗа везење најчесто се употребувале волнени конци, што било условено и од развиеното сточарство некогаш во Македонија, а се приготвувале на домашен, традиционален начин од најквалитетната волна ("каделка"). Покрај волната, особено за празничните облеки, за везење биле во употреба и свилени конци, а во некои краишта во Македонија било познато и домашното одгледување на свилена буба. Најчесто биле везени со свила сокаите, убрусите и марамите, а кошули со свилен вез најдолго се одржале во Полог, Дебар, Малесија, Охридско Поле, Горна Преспа и Мариово. Скоро насекаде повеќе или помалку во везот била застапена и срма, особено во Скопска Блатија, Полог, Порече, Прилепско-битолско Поле и др. Од почетокот на овој век некаде навлегле во употреба купечки волнени конци - "фанелки" (Кичевија), "преѓиче" или "од камила в'лна" (Полог) и др.
Употреба на боени конци
уредиКарактеристично за постарите македонски везови е употребата на конци обоени со природни средства за боење, познати уште на старите Словени. Да споменеме само дека употребата на броќ за добивање црвена боја како најзастапена во македонските везови, а чија употреба кај Јужните Словени потекнува уште од времето на нивната заедница, доскоро била широко распространета низ цела Македонија, кое го потврдуваат и усните традиции. Од друга страна, разните технолошки постапки при народното боење зачувале многу елементи од примитивните начини на боење, меѓу кои е и особено старото боење волна за везење во буниште, до неодамна познато скоро во цела Македонија.
Меѓу битните одлики на македонскиот народен вез е и неговата полихромност, иако познавањето на повеќе тонови од иста боја, во границите на одделните области, не е особено застапено. Во колоритот на македонските везови доминира црвената боја, која е особено карактеристична за мијачкиот вез, во Прилепско-битолско Поле, Мариово и др. За Дебарски Дримкол најтипична е портокаловата боја. Покрај црвената, најмногу е застапена црната боја, која е доминантна за везовите од Скопска Црна Гора и Долни Полог. Во комбинација со овие две бои мошне често се застапени уште жолто, модро и зелено, само како колористични ефекти. Посебно карактеристична е жолтата боја за везовите, од Кичевија и Железник.
Измени во колоритот во XIX век
уредиПромените во колоритот, кои настанале главно поради употребата на индустриски бои од крајот на XIX век, условиле поголеми промени и во регионалните специфичности на македонските везови. Така на пр., некогашните "аловни везови" од Прилепско-битолско Поле изработувани со "старо аловно" - "Прилепско" , се промениле со "битолско аловно" , во Железник, наместо "жолто полјанско" (црвено), влегло во употреба "жолто горноселско" (лимоново), во Скопска Котлина - "топско жолто" итн. Овие промени, од своја страна, укажуваат уште еднаш на карактерот на меѓусебните врски во везбената орнаментика на одделните пределски целини во Македонија.
Етнографски одлики на везот
уредиКарактеристична особеност на македонскиот вез му даваат и густо извезените површини, така што се исполнуваат во соодветни бои не само орнаментите, туку и самиот фон. Понекогаш бели неизвезени делови од фонот ги формираат орнаментите или само нивните контури, а поретко за фон на мотивите служи самото бело платно. Сите везови се работени со броење вдолж жиците од платното и најчесто од опачната страна.
Најзастапената техника е т.н. "полнеж" (гобленска техника, коси бод). Скоро нема крај во Македонија каде оваа карактеристична техника за македонскиот вез, макар и со незначителни локални разновидности, не е позната. Најпрво со тенок црн, поретко разнообоен конец се обележуваат контурите на орнаментите (се "црни", "лози", "ора", "бразди", "снове", "везе" итн.), а потоа се полнат со разнобојна волна, свила или срма. Карактеристично е за македонските полнети везови и бодовите да се пружаат сè во еден правец, при што исклучок прават само везовите од Кумановско, Скопска Блатија и, делумно, од Полог.
Меѓу најзастапените техники спаѓаат и оние со прави бодови - "подлачно", "сокаечко", "клашнечко" и сл. кои покажуваат нешто поголеми разновидности во начинот на везењето. Карактеристично е дека со оваа техника се везени скоро сите македонски сокаи.
Крвчињата, како основна техника, се застапени само во везовите од Леринско Поле, Кичевија и Порече, а во поново време и во Радовишко Поле. Инаку, нивната примена, макар и во ограничена мера, се забележува скоро во сите македонски везови.
Извесни техники како основни се ограничени само на некои области, како мијачкиот ажурен вез "кинатица", дебарскиот ажур "кесме", релјефните техники од Скопска Црна Гора и Долни Полог, "скорците" од Дебарски Дримкол и "нофтено" од Струшко Поле, "писани" и "грабени везови" од Прилепско-битолско Поле и Мариово и др.
Мијачки вез
уредиПосебно интересен е мијачкиот вез, во кој можеме да бараме повеќе елементи на стари културни традиции со оглед на поголемата зачуваност на мијачката носија. Имено, населението од неколку мијачки оази - С. Ореше и Папрадиште (Бабуна), Смилево (Железник) и Ехлоец (Кичевија), кое мигрирало од својот матичен предел Мала Река уште во текот на XVIII век, благодарение на својата етничка жилавост, ја зачувало до денес својата богато везена носија скоро во непроменет вид, а на чие создавање и формирање уште пред мијачките миграции без сомнение и претходел еден релативно подолг временски период.
За некои женски кошули типични се белите везови во долниот дел, најчесто во ажурна техника со функција на соединувачки шев, познати како "чикмиња" (Мијаци, Дебарски и Струшки Дримкол, Охридско Поле, Горна и Долна Преспа и Леринска Река).
Литература
уреди- Аница Петрушева - „Народните носии, од книгата Етнологија на Македонците“, издание на Македонската академија на науките и уметностите 1991 година.
- Ангелина Крстева - „Македонски народни везови“, издание на Македонска книга, Скопје и Институт за фолклор, Скопје, 1987 година.