Ангелина Крстева (Скопје, 1929 - 21 ноември 2013, Скопје) ― виден македонски етнолог и автор на првата книга целосно посветена на македонскиот вез. Ангелина Крстева ќе остане запаметена како упорен и исклучителен истражувач на овој домен од народното творештво. Нејзиниот голем влог ѝ ја донела наградата за животно дело доделена од Македонското етнолошко друштво (МЕД) во 2012 година. Во 1976 година ја добила и наградата за научно дело „13 Ноември“ за албумот книгаМакедонски народни везови“.

Ангелина Крстева
Родена 1929
Скопје, Кралство Југославија
Починала 21 ноември 2013(2013-11-21) (возр. 83–84)
Скопје, Македонија
Занимање етнолог

Животопис

уреди

Крстева била родена во Скопје во 1929 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје на групата етнологија. Има објавено над 40 стручно-научни прилози на етнолошки и фолклористички теми, а и неколку посебни публикации од доменот на потесната специјалност. Во пензија ги објавила книгите: „Техники на везење во украсувањето на македонските народни носии“, „Народната носија од Скопска Блатија“, „Ликовно-естетските одлики на Мариовската носија и везот во македонската носија]“,[1] а во издание на „Матица Македонска“ на повеќе од 400 страници, ја објавила и книгата „Македонски народни везови“. Во неа, на мошне аналитичен начин, ги претставула материјалите што ги собирала на терен во изминатите 50-60 години, своите богати сознанија за создавањето, вредноста, значењето, местото на македонскиот вез. Крстева е и една од авторите на стручните текстови поместени во монографијата „Млади невести, стари ризи - македонски везени носии“, која во 2011 година била објавена во рамки на истоимената изложба отворена во Соединетите Држави, во Музејот за меѓународна фолклорна уметност - (МОИФА) во Санта Фе.[2] Во 2012 година ја добила наградата за животно дело од областа на етнологијата што ја доделува Македонското етнолошко друштво.[3] Починала во Скопје на 21 ноември 2013 година.

Трудови и наследство

уреди
 
Нејзиното дело „Македонски народни везови“.

Нејзиното име како почитуван етнолог станало познато благодарејќи на нејзиото изучување и посветеност на етнологијата, посебно на текстилното народно творештво. Основа на нејзината истражувачка работа била и до крајот на животот останала теренската собирачка активност како основа за истражување на текстилното народно творештво. Највисоките уметнички дострели во македонската носија, Крстева ги гледала во нејзината везбено украсување, особено онаа кај женските кошули. Во таа смисла како најистакнат познавач на народниот вез во Македонија, Крстева мошне изучувачки и убедливо се задржала на разните видови орнаменти, нивното потекло, нивниот украсен облик и симболично значење.[4]. Мариовската носија создавана и образувана во услови на поголема изолираност на специфични стопански дејности и развиени патријархални односи на мариовското население, се издвоила од соседните носии со јасно одредени и вообичаено регионални особини. Месното сфаќање за убавината во облекувањето е преточено во употребата на поголем број облеки одеднаш, притоа и со соодветно украсување, кое е нагласено во женската носија, а пред сѐ во нејзината празнична варијанта. Но се чини дека она што највпечатливо го одредува регионалниот естетски вкус од кој се разликуваат и мариовските соседи е богатството од шарени волнени реси во целосниот состав на носијата. Ваквото обилно шаренило од долги реси претставува карактеристичен ликовен белег на мариовската женска носија и се наметнува дури како доминантен елемент во целокупниот нејзин визуелен впечаток.[5] До нејзиното пензионирање објавила повеќе изворни авторски текстови во врска со текстилното народно творештво. Но, нејзиниот најплоден период во оваа смисла е периодот после пензионирањето па сѐ до крајот на животот кога објавила околу 20 дела во земјава и во странство меѓу кои спаѓаат и нејзините највредни монографии.

Галерија

уреди

Наводи

уреди

Општа книжевност

уреди

Величковски, Боне. Библиографија на фолклорот и етнологијата во Македонија. Посебни изданија, книга 78. Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Скопје 2010.

  • Крстева, Ангелина. Македонски народни везови. Матица Македонска Скопје 2011 (397).
  • Крстева, Ангелина. Ликовно - естетските одлики на мариовската носија. Скенпоинт Скопје 2007 (77).
  • Крстева, Ангелина. Техники на везење во украсувањето на македонските народни носии. Скопје 2006 (141).
  • Крстева, Ангелина. Народната носија од Скопска Блатија, Музеј на град Скопје, Скопје 1998 (81).
  • Крстева, Ангелина. Македонски народни везови, Скопје 1975 (албум), Македонска книга – Скопје, Институт за фолклор – Скопје, 1975.
  • Светиева, Анета. Ангелина Крстева - Живот и етнологија на дело. Прилог кон биографијата и научниот опус на Ангелина Крстева, етнолог - кустос советник во Музејот на Македонија - етнолошки оддел (во пензија). Етнолог бр. 15. МЕД Скопје 2013. 7-14.
  • Светиева, Анета. IN MEMORIAM АНГЕЛИНА КРСТЕВА (1929 - 2013). Етнолог бр. 16. МЕД Скопје 2014. 221-223.

Надворешни врски

уреди