Охридска Котлина

котлина во југозападна Македонија
(Пренасочено од Охридско Поле)

Охридска Котлина или Охридско Поле — котлина сместена на крајниот појас на силната зона од помладите венечни планини што ја исполнуваат Албанија и западна Македонија и се протегаат во правец на југ од Шар Планина преку Кораб, Бистра, Јабланица и Галичица до Пинд во Епир, а потоа од таа планина кон југ до носот на Матапан во Пелопонез и натаму до островите Крит и Родос. Оваа планинска зона Јован Цвииќ ја има означено како шарско-пиндски систем; многу автори ја означуваат и како зона на Хеленидите.[1] Претставува дел од котлинската целина на Охридско-струшката Котлина.

Настанок на Охрдиската Котлина

уреди

За нејзиното создавање од основно значење се тектонските процеси што се манифестираа во вид на раседнување на Земјината кора. Според испитувањата на Јован Цвииќ, басенот на Охридското Езеро лежи на границата меѓу спили од различен петрографски состав: флишни спили со серпетински и кретацејски варовници што образуваат Мокра Планина на западниот брег; и постари спили ( филити, шкрилци и песочници ) со тријаските варовници на Галичица на источниот брег, чија серија е јасно видлива на обете стрмни страни на таа планина. Уште кон крајот на XIX век, Јован Цвииќ установи дека долж источниот и западниот брег на Охридското Езеро, и тоа прилично паралелно со нив, се јавуваат раседни, дислокациони линии од правец Север-Југ, што се протегаат далеку вон охридската облас. Така источниот расед означен како коселско-љубаништански, може да се следи од селото Косел на север, до селото Љубаништа над Св. Наум на југ. Тој е обележан како со праволинискиот источен брег на езерото, кој ги сече косо напластите на Галичица, така и со високиот и стрмен сублакустриски отсек, многупати сосема доближен до брегот како, на пример, кај Св. Наум. Во својот северен дел, раседната линија на источниот обод на котлината е обележан уште и со други појави. На просторот меѓу селото Косел, северно од Охрид, и селото Велгошти, 4 км појужно, во подножјето на Петрина се јавуваат мали сиви или шарени еруптивни конуси од кратерски облик, составени од вулкански материјал или метаморфозирани спили. Овие конуси, на кои често се гледаат сулфурни напласти, образуваат цела низа што тече во правец на раседната линија. Изгледа дека со сулфур се проткаени и страните на Петрина Планина, до височина од 150 м над овие конуси. Покрај тоа кај селото Косел, се наоѓа во земјиштето еден отвор со кратерски облик. Дувало од кој избива силна струја на сулфурводород ( H2S ), чија миризба се чувствува далеку. Дувало, всушност е витинска солфатара, еден облик на вулканска активност што се состои во избивање на гасови од длабината, особено на сулфурводород што се оксидира во воздухот и дава кристален сулфур во вид на талог. Вакви вулкански издишувања има и на други места околу селата Косел и Велгошти, каде што гасови избиваат од страничните пукнатини на еруптивните конуси и други места. Сите овие вулкански појави секако се сврзани со источниот расад и го обележуваат него. Коселско-љубаништанскиот расед продолжува накај југ вон Охридската Котлина. Него Јован Цвииќ го установил и на североисточниот крај од Горичката (Корчанска) Котлина во Албанија, каде на таа страна над најмладите езерски нанеси се издига праволиниски варовит отсек, висок 200-300 м, кој ги сече косо напластите на планините Гора и Галичица. Раседот може да се следи и натаму долж северниот обод на соседната Билиштанска Котлина. По западниот брег на Охридското Езеро тече друг голем надолжен расед, струшко-старовскиот, кој исто така е обележан со праволиниски брег на езерото, кој ги сече како напластите на спили, и со високиот сублакустрискиот отсек, особено кај полуостровот Трепет, каде што според Јован Цвииќ уште на 1800 м од брегот се среќава длабина од близу 250 м. Оваа западна раседна линија на Охридската Котлина се простира далеку на север, тече по клисурата на Црн Дрим и е обележена, во областа на Дебар, со сулфурната Косовратска Бања. Долж овие раседни линии, пукнатини во Земјината кора, се спуштило земјиштето и на спуштеното место е образувана длабока и пространа котлина. Таа земјишна депресија создадена со спуштање на еден дел од теренот меѓу два паралелни раседи или системи од раседи, се означува како тектонски ров, грабен или тектонска потолина. Меѓутоа, изгледа веројатно дека спуштањето на земјиштето долж надолжните раседи, се извршило едновремено во областа на Охридката; Горичката и Билиштанската Котлина, како единствена потолина. Охридската Котлина се одделила од Горичката Котлина веројатно со накнадното спиштање на соодветниот дел од потолината. Впрочем, францускиот геолог Bourcart верува, заклучуваќи според многу знаци, дека тектонските движења на спуштањето во Охридската Котлина уште не се свршени и дека западнит брег на езерото се спуштил уште малку дури и во најново време. Тие движења на спуштање едностојно го подмладуваат охридскиот басен и му осигуруваат на езерото уште долг живот. Овој начин на создавање на котлини е многу карактеристичен за Македонија и воопшто за целиот Балкански Полуостров. Како во областа на Динаридите и Хеленидите, така и во областа на старите планински маси, Пелагониската и Родопската, а исто така и особено во областа на старото егејско копно, силната тектонска активност трае уште од терцијалниот период сè до денеска. Тектонските движења, особено вертикалните, односно радијалните, во вид на спуштање на цели блокови земјишта меѓу раседни пукнатини, имаа за последица создавање многубројни пространи котлини, пред сè во областа на егејската зона. Тие котлини, според тоа, се тектонски вдлабнатини, тектонски потолини како што е Охридската. И Преспанската Котлина е создадена на ист начин, а исто така и големо мнозинство на другите македонски котлини, без оглед на тоа дали денеска во нив има езера или не.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Охридското езеро и неговиот жив свет, Култура, Скопје, 1959