Елена Мисиркова-Лоза
Елена Мисиркова-Лоза (Скопје, 1961 - починала на 24 јуни 2018) — македонска и австриска позната пијанистка со светска кариера и правнука на Крсте Петков Мисирков.
Елена Мисиркова-Лоза | |
---|---|
Роден(а) | 1961 Скопје, СР Македонија |
Починал(а) | 24 јуни 2018 |
Националност | Македонка |
Занимање | пијанистка |
Животопис
уредиМисиркова е родена во Скопје. Средното музичко образование по пијано го завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломирала и завршила постдипломски студии по пијано на Државната музичка академија „Гнесини“ во Москва, Русија. Од 1989 до 1994 година специјализира на Виенскиот конзерваториум во Виена кај професорот Леонид Брумберг. За време на студиите била носител на стипендија за талентирани млади уметници на Македонија/Федерална влада на Југославија, стипендија за постдипломци на Македонија, стипендија на Министерството за образование на СССР и стипендија на СССР за постдипломски студии по препорака на Дипломската комисија. Од 1987 до 1989 година, Мисиркова била и професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Од 1997 до 2002 година, работела како асистент по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 1992 до 1994 година, била професор по пијано во Виенска приватна школа. Носител е на награда за исклучителни уметници на Фондацијата „Хуго Брајтнер“, две први награди на републичките натпревари на пијанисти во Скопје и трета награда на Сојузниот натпревар во Белград, Југославија. Мисиркова била еден од организаторите на Деновите на македонската култура во Австрија во 2001, 2010 и 2014 година, како и на изложбата на австрискиот југендстил-мозаичар и автор Леополд Форстнер во Охрид и во Скопје. Таа била музички советник при МОБ од 1999 до 2001 година. Во 1989 година била пијано асистент на виолинската мајсторска школа на проф. Е. Чугаева, а во 2000 година била асистент на семинарот за чембало на проф. М. Хамбицер во Келн, Германија. Од 2002 година до 2018 таа имала статус на слободен уметник во Македонија и во Австрија. Во 2007 година ѝ била доделена почесна титула амбасадор на култура на Македонија во Австрија од премиерот Никола Груевски. Мисиркова учествувала со три стручни пленарни предавања на Струшка музичка есен и тоа во 1997 година со „Принципите на руската пијанистичка школа и нејзините влијанија на новите развојни тенденции на македонската пијанистичка школа“, во 1998 година со „Осврт на клавирската литература од првата половина на 20 век“ и во 1999 година со „Интерпретација на делата за пијано на Властимир Николовски“ . Нејзиниот труд „Пијанистичката техника во делата на Властимир Николовски“ бил објавен во списанието Музика во 1999 година. Во 2016 година ја добила државната награда „11 Октомври“. М-р Елена Мисиркова одржала голем број концерти во Македонија и во странство. Таа била член на граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“. Починала на 24 јуни 2018 [1] година.