Евионити
Евионити (грчки: Ἐβιωναῖοι, Ebionaioi, хебрејски: םינויב א, Ebyonim – сиромашни) се рана јудео-христијанска секта која постоела во околината на Јудеја и Палестина во периодот од 1 век до 4 век, односно во времето на т.н. рано христијанство[1].
Со цел да се објаснат ставовите и историјата на Евионитите научниците се обиделе да ги реконструираат податоците кои се достапни за нив од различни извори. Многу од она што е познато за нив доаѓа од т.н. Црковни отци кои пишувале полемички трактати против Евионитите кои ги нарекувале јудејски кривоверци[2][3]. Многу научници се сложуваат со општо раширениот став дека Евионитите се одделиле од христијанството обидувајќи се да го обноват јудејскиот закон (да се вратат на Стариот завет). Според Енциклопедија Британика, појавата на евионитското движење може временски да се лоцира во периодот на разрушвањето на Храмот во Ерусалим во 70 година. Други, пак, сметаат дека Евионитите биле верни на автентичнто учење на Исус Христос и го претставувале јарото на Ерусалимската црква пред истите да бидат маргинализирани од страна на следбениците на апостол Павле.
Спротивно на христијанството, Евионитите инсистирале на универзалната потреба да се следат и зачуваат јудејските религиозни обреди и јудејскиот закон, кои според нив Христос ги објаснил и расветлил. Според нив Христос како смртен човек бил само месијански пророк но не и Богочовек[4] and insisted on the necessity of following Jewish religious law and rites.[5], тие го почитуваат апостол Јаков, братот на Исус како глава на Ерусалимската црква и го отфрлаат апостол Павле сметајќи го како „отстапник од Законот“.
Некои научници прават разлика меѓу Евионитите и другите јудео-христијански групи, односно од Назарените[6], додека пак други сметаат дека се работи за една и иста секта и дека забележаните несогласувања помеѓу јудејските христијани не соодветствуваат со овие имиња. Сепак, некои сметаат дека овие термини не биле употребувани за да се оддели и именува посебна група, туку било која група од тој период која сакала да се идентификува како христијанска, но при тоа да продолжи да го почитува јудејскиот закон.
Историја
уредиОбидот да се реконструира учењето, обредите и историјата на Евионитите најмногу се темелил на делата на Црковните Отци, бидејќи недостасуваат археолошки докази и оригинални дела.
Најрано спомнување на група која може да се идентификува како Евионити се јавува во делото „Дијалог со Трипо“ (околу 140) од Јустин Маченик. Тој посочил дека постојат две групи на јудејски христијани, едните го почитуваат Мојсеовиот закон но не го сметаат за задолжителен, а другите го сметаат за задолжителен и обврзувачки за сите. Иринеј Лионски (околу 180) бил првиот кој го користел терминот Евионити, со цел да ја опише еретичката јудејска секта, за која тој трдел дека тврдоглаво се држела и го почитувала законот. Ориген (околу 212), дал објаснување од каде доаѓа терминот Евионити. Епифаниј Саламски (4 век) дал најкомплетно, но истовремено и најнесигурно сведоштво за Евионитите во своето дело за ересите Панарион во кое набројува 80 еретички секти. Во своето дело тој дал општи информации за нивните религиозни убедувања при што објавил и цитати од нивните евангелија, од кои денеска нема зачувано ниту едно.
Евионитите најрано се спомнуваат во 2 век, а нивната најрана историја и поврзаноста со Ерусалимската црква остануваат и денеска неразјаснети. Многумина од научниците почетокот на оваа секта го поврзувале со Првата јудео-римска војна, во контекст на ова се смета дека тие се дел од Ерусалимската црква предводена од апостол Петар, а подоцна од апостол Јаков, братот на Исус. Според Евсевиј Кесариски, христијаните го напуштиле Ерусалим пред војната и побегнале во Пела, денешен Јордан, предводени од Симеон Ерусалимски (починал во 107), а за време на Втората јудео-римска војна биле гонети од страна на Бар Кохба бидејќи одбиле да ги прифатат неговите месијански тврдења.
Според овие научници, токму од другата страна на Јордан, за првпат Евионитите биле прифатени како посебна група, одделена од христијанството која сè повеќе се доближувала до Рабинското јудејство што резултирало со „дегенерирање“ во класична јудејска секта. Делови од оваа група се одделиле и приклониле кон јудејскиот гностицизам и синкретичките влијанија, а подоцна некои Евионити се сретнуваат и во контекст на гностичкото движење широко распространето во Сирија и источните земји.
По Првата Јудео-римска војна важноста на Ерусалимската црква започнала да се намалува, приврзаниците на Јудејското христијанство биле распрснати низ еврејската дијаспора во Левант од каде истото полека започнало да се губи низ христијаните. За ова губење придонело и Бунтот на Бар Кохба во 135 година, каде евреите биле избркани од Јудеа, а Ерусалим станал незнабожечки град – Елија Капитолина. Оние јудејски христијани кои биле во Пела целосно се откажале од јудаизмот и се приклучиле кон христијанството прифаќајќи го во целост, а оние кои останале доследни на своите убедувања биле прогласени за кривоверци. Епифаниј во 375 година спомнува група Евионити на Кипар, но веќе во средината на 5 век Теодорит од Кипар известува дека истите не биле повеќе присутни во тој регион. Сепак има лоцирање или барем претпоставки дека успеале да дејствуваат некаде до 7 век.
Учење
уредиЦрковните Отци Евионитите во своите текстови ги опишуваат како традиционалисти, но сепак аскетски Евреи кои фанатично го следат Мојсеовиот закон, го почитуваат Ерусалим како најсвет град и се мешаат само со оние незнабошци кои го прифатиле Јудаизмот. Еднаш во годината се собирале во периодот околу Пасха при што прекршувале бесквасен леб и користеле само вода, а не и вино, што е во целосна спротивност на христијанската Евхаристија.
Епифаниј од Салама е единствениот црковен отец кој некои Евионити ги опишал како одделени од традиционалните јудејски религиозни принципи и обреди, особено потенцирајќи практикување на претерано ритуално миење, постоење на ангелологија во која тие тврделе дека Христос е голем архангел кој се воплотил во Исус и бил усвоен Син Божји. Исто така, се противеле на животинските жртви, негирале делови од Законот и практикувале релиогиозно вегетаријанство. Но, некои научници се сомневаат во веродостојноста на дел од овие тврдења на Епифаниј, бидејќи истите биле поблиски до христијанскиот гностицизам отколку до јудејскиот.
Голем дел од Црковните Отци се сложиле дека Евионитите отфрлиле многу од централните христијански погледи по однос на Исус, на пример: постоење од вечноста, божественоста, раѓањето од Девица и физичкото воскресение на Исус. Но затоа пак, ја нагласиле единственоста на Бог и човечноста на Исус како син на Марија и Јосиф, кој поради својата праведност бил избран од Бог да биде месијански пророк како Мојсеј, кога Светиот Дух го помазал за време на крштението во Јордан.
По однос на Евангелијата го признавале само Евангелието според Матеј и тоа само еврејската верзија и истото било именувано: Евангелие на Евреите и сметано за додаток на еврејската Библија[7][8][9]. Како што сведочи Иринеј Лионски во ова евангелие недостасуваат првите две глави во кои се зборува за раѓањето на Исус и истото започнува со крштението на Исус од страна на Јован Крстител.
Евионитите верувале дека сите евреи, но и незнабошци морале да ги почитуваат заповедите од Мојсеовиот закон ако сакаат да станат праведни и да тежнеат кон единство со Бога, но овие заповеди да бидат разбрани во духот на Христовото учење објавено на „проповедта на планината“.
Наводи
уреди- ↑ F.L. Cross and E.A. Livingston (editors), The Oxford Dictionary of the Christian Church, Oxford University Press, 1989. Article: Ebionites
- ↑ A.F.J. Klijn & G.J. Reinink (1973). Patristic Evidence for Jewish-Christian Sects. Brill. ISBN 9004037632.
- ↑ See also Church Fathers on the Ebionites (Wikisource)
- ↑ Encyclopedia Britannica: Ebionites
- ↑ Kaufmann Kohler, "Ebionites", in: Isidore Singer & Cyrus Alder (ed.), Jewish Encyclopedia, 1901-1906.
- ↑ Tim Hegg (2007). „The Virgin Birth - An Inquiry into the Biblical Doctrine“ (PDF). TorahResource. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-08-21. Посетено на 2007-08-13. Наводот journal бара
|journal=
(help) - ↑ Hyam Maccoby (1987). The Mythmaker: Paul and the Invention of Christianity. HarperCollins. стр. 172–183. ISBN 0062505858., an abridgement
- ↑ James Tabor (2006). The Jesus Dynasty: A New Historical Investigation of Jesus, His Royal Family, and the Birth of Christianity. Simon & Schuster. ISBN 0743287231.
- ↑ Tabor (2006), p. 286, 289-291.